Култура
Почна 8. издание на „ПРО-ЗА Балкан“ во Куршумли ан
Во Куршумли ан со почитување на сите протоколи за организирање настани, синоќа беше отворено осмото издание на интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“ во Скопје. Десетина гости од регионот, автори почитувани во своите земји, но и преведувани на повеќе јазици, дојдоа во Скопје и во услови на пандемија да ја слават литературата.
Со Мухарем Баздуљ, Углеша Шајтинац, Калина Малеска разговараа Александар Прокопиев, уметнички директор на фестивалот, и Ермис Лафазановски, претседател на управниот одбор што ја доделува наградата „Прозарт“.

Со голем аплауз беа поздравени гостите кои, како што рече директорот на фестивалот, Дејан Трајкоски, во ова невреме ја прифатија поканата да дојдат во Скопје.
„Прашањето што ми се наметнува во последниот период е која е потребата од литературен фестивал во едно вакво невреме? Одговори има многу, но јас ќе издвојам два и тоа од настани што се случиле на нашиот фестивал. Еден од најпознатите писатели од БиХ, Ненад Величковиќ, зборуваше вака: „Мојата девојка имаше многу тежок живот и во војната изгуби многу. Ја гледам ги чита книгите на Даша Дрндиќ и ја прашувам зошто толку ја читаш? А таа ми одговори – зашто кога ја читам, се чувствувам како да не сум сама“, вели Трајкоски.
Пред гостите се обрати и Серхат Кула, директор на Институтот „Јунус Емре“ во Скопје.

„Многу сме среќни што повторно го поддржуваме овој фестивал. Се радувам што секоја година имаме писатели гости од Турција, а оваа година и реномираната писателка и издавачка Назли Бериван Ак ќе биде со нас. Особено ме радува што фестивалот кој традиционално се одржува во Даут-пашиниот амам, годинава се одржува во прекрасниот Куршумли ан“, рече Кула.
Еден од најчитаните автори од регионот, Мухарем Баздуљ, низ свои анегдоти зборуваше за своите дела, за начинот на пишувањето, но се осврна и на актуелната тема поврзана со Ковид-19.
„Реакцијата на целиот свет на коронавирусот е реакција на цивилизацијата која одбива да се соочи со темата на смртта“, рече тој.
Прокопиев истакна дека една од убавините на неговото писмо е како менува идентитети, односно го менува аголот на раскажувањето. Неговите родители биле лекари и хируршката прецизност се гледа во неговото писмо.
„Како дете имав голем интерес за природните науки. Но, војната одреди добал дел од мојот живот. Имав 15 години кога почна, а 19 кога заврши. Победувував на натпревари по математика и физика, а поради војната, не можев да одам на олимпијади. Можеби ќе студирав математика и понекогаш ми е жал за тоа. Една од драгите работи кога читам, сакам да читам научнопопуларна литература. Мојот роман ‘Последен маж’ е пишуван во трето лице, а жената е фокализатор. Мене ми беше многу драго кога прочитав во интервју на Милан Кундера за тоа што е најголемата заблуда во начинот на кој неговите дела се читаат. Тој напиша: „Ако сакате да бидете писател и да влезете во животот на другите луѓе“, вели Баздуљ.
Лафазановски ја претстави Калина Малеска. Се наметна прашањето за карантинот и тој истакна интересен податок дека за време на карантинот илјадници Шпанци почувствувале потреба да пишуваат како ослободување од некаков облик на моќ реферирајќи на книжевната студија на Малеска – „Облици на моќ во современата книжевност“ во издание на „Или-или“.
„Мошне тешко е да се открие каде стои моќта на државата во однос на книжевноста. Затоа и во книгата малку го избегнав тоа прашање и повеќе зборував како се претставени облиците на моќ во самите книжевни дела. Но, ова останува интересно прашање. Она што направив во предговорот, обратно, кое е влијанието на книжевноста врз општеството. Книжевноста во повеќето случаи нема големо влијание врз општеството. Можеме да кажеме некои примери, но тешко е да се добијат баш конкретни и прецизни одговори. Но, тоа не значи дека не треба да продолжиме да истражуваме“, рече Малеска.
Претставувајќи го Углеша Шајтинац, Прокопиев нагласи дека тој потекнува од книжевно семејство, што секако влијаело на неговиот пат да стане писател. Но, тој е, пред сѐ, драматург и професор по драматургија на Академијата за уметности во Нови Сад. Но, тој вели дека веќе не пишува драми, дека нема потреба повеќе од театарот и дека излегол од таа средина.
„Целата своја креативна енергија ја насочувам да им помогнам на студентите. Тие доаѓаат со своја идеја и навистина многу енергија трошам на нив, а од друга страна, се надевам дека некој од нив некогаш ќе има своја премиера. Секако тоа тешко се случува затоа што на овие простори си млад додека си жив“, вели тој.
И додава дека сега пишува проза затоа што може да пишува кога сака и многу ретко и дека не живее од тоа. Објавува книга на секои две години.
„Многу се опарив во државната школа – се пошегува тој и додаде – многу ми се допадна да пишувам за деца зашто тоа го доживеја најневеројатно и најнепосредно. Најголема победа е кога сфаќаш дека некое дете почнало да пишува поради тоа што ти си го напишал. Не е точно дека младите не се интересираат и не пишуваат. Убеден сум дека доаѓаат неверојатни генерации“, рече Шајтинац.
Со Прокопиев разговараа за романот „Сосема скромни дарови“ за кој во 2014 ја доби наградата на литература за литература на Европската Унија (EUPL), за неговиот престој во Њујорк, Антон Чехов…
Шајтинац посочи дека вакви настани како фестивалот создаваат неверојатни искри од кои може да настанат фантастични дела.
Убав шарм на вечерта додаде Бранислав Николов (Пијан Славеј), кој заедно со музичарот Гоце Јованоски ја промовираа новата збирка „Срчки“.
Вечерва, од 19.30 часот, гости на фестивалот ќе бидат Магдалена Блажевиќ, Елизабета Баковска и Маја Солар. Ќе биде прикажан и видеоразговор меѓу Миљенко Јерговиќ и Анте Томиќ, изработен специјално за фестивалот, а ќе настапат Гоце Јованоски и Андреа Мирческа со експериментална звучна импресија од филмот „Устав на Република Хрватска“ по сценарио на Анте Томиќ.
Денеска, во 13 часот во Europe House ќе се организира тркалезна маса „Литература и криза: почетна точка за нови противотрови“.
Ќе учествуваат гостите писатели и членовите на програмата „Скопје fellowship“. Модератор е Владимир Јанковски.
Интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“ е во организација на издавачката куќа „Прозарт“, а е поддржан од Министерството за култура, ТРАДУКИ, Институтот „Јунус Емре“ од Скопје, Делегацијата на ЕУ, Град Скопје, Амбасадата на Босна и Херцеговина и од Кинотеката.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Изложби
„Шумите не се само наши“: Се отвори уметничка изложба посветена на балканскиот рис
Во пријатна атмосфера синоќа во КСП Центар – Јадро беше отворена изложбата „ЗОРА – Нејзината заборавена шума“ на визуелната уметница Драгослава Ѓуриќ, инспирирана од континуираната работа на Македонското еколошко друштво (МЕД) за зачувување на балканскиот рис. Токму затоа, лицето на изложбата е младата балканска рисица Зора, како дел од кревката популација што сè уште преживува во балканските шуми.
„Отсекогаш сум ги сакала животните и сум се чувствувала поврзано со нив. Сакав да помогнам да се заштитат така што ќе го правам она што најдобро знам – а тоа е сликањето. Истовремено, решив да се фокусирам на непопуларни и недоволно финансирани видови, па открив дека помалите диви мачки се прилично непознати во споредба со нивните покрупни роднини. Така дознав за балканскиот рис и за Македонското еколошко друштво, од каде што веднаш ме поканија да дојдам со нив на терен и од прва рака да видам како изгледаат живеалиштата на ова животно. Идејата за мојава изложба се роди во текот на таа една недела што ја поминав со нив, кога увидов колку се професионални и упорни, колку ја сакаат својата работа, но и животните што се трудат да ги заштитат“, истакна уметницата Драгослава Ѓуриќ пред присутните посетители.
Токму затоа, сакајќи да ги поддржи натамошните заложби за зачувување на балканскиот рис, таа одлучи нејзината изложба да биде продажна, покажувајќи дека уметноста не е само начин емоционално да се поврземе со насликаното, да си ја нахраниме љубопитноста и да си ги прошириме видиците, туку и конкретно да придонесеме кон зачувувањето на дивиот свет.
Насликани со маслена техника, изложените платна му нудат на посетителот искуствена можност да влезе во балканската шума, да го почувствува нејзиниот пејзаж и да си замисли како изгледа светот на Зора. Во април 2025 година на Зора ѝ беше поставен околувратник за да се добијат значајни информации за однесувањето, движењето и навиките на балканскиот рис, со крајна цел да се планираат подобри мерки за неговата заштита.
„Зора вистински постои. Таа не е апстрактен концепт или бројка, туку вистинско живо суштество што во тој шумски свет живее хармонично со многу други видови, од кои тука се претставени само некои. Сликите во случајов не се само декорација на ѕидот, тие се мала шума во која може
да влезете и можеби да го почувствувате истото што го почувствував и јас додека бев на терен со тимот на МЕД – дека природата не е далеку од нас и дека треба одново да научиме како да ја гледаме“, додаде уметницата.
Како што истакна д-р Диме Меловски, раководител на програмата за заштита на дивите животни во МЕД, на барање на уметницата, изложбата е дополнета со дел од најефектните теренски фотографии на рисот, од кои повеќето се „уловени“ со фотозамки, како и со теренски видеоснимки од Зора и од останатите животни во овдешните краишта. Преку нив, се доловуваат не само реалните опкружувања на балканскиот рис, туку и теренската работа што МЕД веќе 20 години ја спроведува во рамки на „Програмата за закрепнување на балканскиот рис“ заедно со партнерските организации од Косово и Албанија.
Изложбата во Скопје е отворена за сите возрасти и ќе трае до 12 февруари.
Култура
Прилепскиот дувачки оркестар повторно активен по 10 години
По десет години пауза, повторно започна со работа еден од најпрепознатливите музички симболи на градот – Прилепскиот дувачки оркестар. Возобновувањето на оркестарот се реализира со почетна логистичка и финансиска поддршка од Општина Прилеп, во согласност со можностите и програмските активности на новооформениот состав.
Првиот јавен настап на возобновениот Прилепски дувачки оркестар ќе биде во рамки на карневалот „Прочка 2026“, додека програмата на оркестарот ќе се темели на оригиналност и разновидност.
Дејан Проданоски, градоначалникот на Општина Прилеп, присуствуваше на првата проба на возобновениот оркестар и истакна дека Прилеп континуирано инвестира во културата и во зачувувањето на локалниот културен идентитет. Притоа, тој истакна големо задоволство на фактот што по десетгодишен прекин, Градскиот дувачки оркестар повторно е активен и ќе биде составен од млади, професионални и талентирани музичари од Прилеп, кои продолжуваат традиција подолга од еден век.
Прилепскиот дувачки оркестар привремено ќе ги одржува своите проби во просториите на ООУ „Блаже Конески“, а во моментов брои 14 академски образовани млади музичари од Прилеп. Како дел од идни активности, во репертоарот на оркестарот се вбројуваат учество на градските празници, свечености и културни манифестации.
Градот Прилеп, со повеќе прекини низ годините, последен пат имал активен градски дувачки оркестар до 2015 година, иако традицијата на вакви оркестри е децениска. Првиот прилепски дувачки оркестар бил формиран во 1924 година, а во 1930 година бил основан првиот поголем оркестар од околу 20 членови, составен од лимено-дувачки инструменти, формиран од железничарите и железницата, под диригентство на Ѓорѓи Шабаноски – Шабанче.
Во подоцнежниот период, со одредени прекини, градскиот дувачки оркестар функционирал сè до 2015 година, при што значаен придонес во развојот и зачувувањето на оваа традиција дал Илија Јанчулески, кој со генерации музичари ја одржувал оваа културна вредност.
Култура
Холандија му врати на Египет украдена скулптура стара 3.500 години
Холандија во четвртокот му врати на Египет скулптура стара 3.500 години, откако украдениот артефакт повторно се појави на холандски саем за уметност во 2022 година.
Истрагата на холандската полиција и инспекторатот за културно наследство минатата година потврди дека скулптурата била украдена и незаконски изнесена од Египет, најверојатно за време на немирите на Арапската пролет во 2011 година, по што се појавила на меѓународниот пазар на уметност.
Експертите веруваат дека артефактот, камена глава која првично била дел од статуа, потекнува од Луксор во јужен Египет. Таа прикажува висок функционер од времето на владеењето на фараонот Тутмос III, кој владеел од 1479 до 1425 година пред нашата ера.
Скулптурата била запленета во 2022 година на саем за уметност во Мастрихт. Галеријата за трговија со уметност „Сикомор Еншнт Арт“, која го стекнала делото, но имала сомнежи за неговото потекло, доброволно го предала по спроведената истрага.
„Нашата политика е да го вратиме она што не ни припаѓа и секогаш да го вратиме на законската културна заедница или на земјата на која ѝ припаѓа“, изјави холандскиот министер за култура Гуке Моес, предавајќи го артефактот на египетскиот амбасадор.
Египетскиот амбасадор Емад Хана изјави дека неговата земја систематски ги следи артефактите што се појавуваат на изложби или аукции.
„Тоа ни значи многу кога станува збор за туризмот и економијата, бидејќи на крајот на денот, кога туристите доаѓаат во Египет за да ги видат тие предмети, тоа дефинитивно прави разлика“, рече Хана.
Плановите на Египет за изложување на скулптурата засега не се познати.

