Македонија
Георгиевски: Сите 11 основни училишта во Гази Баба се спремни за настава
Основните училишта во општина Гази Баба целосно се подготвени за безбеден почеток на новата учебна година, со комбинирана настава во сите училишта.
Како што информираат, преземени се сите мерки кои се во надлежност на Општината за намалување на ризикот од Ковид-19.
„Мислевме на секој детаљ и за двата модела на учење сè со цел децата да бидат сигурни во образовните институции. Секое основно училиште подготви посебен протокол за работа, план за движење и дезинфицирање на објектот, по кој секој треба да се придржува. Во делот на онлајн-наставата обезбедуваме таблет за сите деца од ранливата категорија за да може без проблем да ја следат наставата. За оваа намена Општината веќе ја почна постапката за набавка на 350 таблети, односно 250 таблети со средства на Општината, а дополнителни 100 таблети со прераспределба на дотациите од Министерството за образование, кои како заштеди поради неработењата на училиштата се јавуваат во буџетот. Оваа наша акција веќе ја поддржуваат и голем број општествено-одговорни компании“, изјави градоначалникот Борис Ѓеоргиевски.
Тој додаде дека училиштата се подготвени и од градежен аспект.
„Летото го искористивме и за целосна подготовка на внатрешноста на објектите на сите 11 основни училишта, а училиштето ‘Крум Тошев’ во Трубарево, каде што се наоѓам сега, е само едно каде што работевме на обновување и поставување на енергетски ефикасна фасада. Безбедноста на нашите деца зависи од одговорното однесување на сите фактори, не само на општината туку и на родителите, наставниците и директорите. Секој од нас мора да внимава првин на себе и на блиските околу себе. Само така сите заедно ќе придонесеме во целта да имаме безбеден тек на наставата“, истакна Георгиевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сончево со мала до умерена облачност, ќе дува повремено засилен северен ветер
Сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец (локално до 50 km/h). Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 6, а максималната ќе достигне од 9 до 16 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, а во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 13 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на поле на висок воздушен притисок, следува период на стабилно и сончево време со мала до умерена облачност и со пониски утрински температури. Во четврток ќе дува умерен, повремено засилен ветер од северен правец, поизразен долж Повардарието.
Македонија
Дел од Автокоманда денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека за денеска имаат планирано неколку интервенции и тоа:
· поради промена на вентил од 2.5“ на улицата Јани Лукровски 12, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.
Македонија
Угинат балкански рис најден на патот Ресен – Охрид, постојат само 50-тина единки од овој вид
Угинат рис денеска е пронајден на патот Ресен – Охрид. Од Македонското еколошко друштво (МЕД) велат дека ваквиот случај не треба да нè остави рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-ина единки на балканскиот рис.
„По дојава од Здружението на ловци „Преспа-Ресен“, денеска на терен констатиравме дека е угинат рис на патот Ресен-Охрид. Во тек е координирана акција со Министерството за животна средина и просторно планирање, Државниот инспекторат за животна средина, Агенцијата за храна и ветеринарство и Македонското еколошко друштво со цел земање примероци за анализа и транспортирање на угинатото животно на Факултетот за ветеринарна медицина при УКИМ – Скопје заради обдукција“, велат од МЕД.
Од таму велат дека за зачувување на загрозените видови потребно е да се изградат зелени мостови.
„Ваквите случаи не нè оставаат рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-на единки на балканскиот рис. Истовремено, се јасен показател дека ако сакаме да ги зачуваме загрозените видови, мора да се планираат и градат зелени мостови преку кои животните ќе можат безбедно да се движат и да ги надминуваат пречките создадени од човекот“, велат од МЕД.
фото/Facebook/Македонско еколошко друштво

