Македонија
Македонија го доби првиот член на Европската академија
На 1 септември престижната Европска академија (Academia Europea, Academy of Europe) го доби својот прв научник од нашата држава. Станува збор за професорот Зоран Т. Поповски од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Academia Europea (Academy of Europe – АЕ) e паневропска асоцијација на научници од земјите членки на Советот на Европа, основана во 1988 година со седиште во Лондон. Во неа активно членуваат приближно 3.800 научници, од кои речиси една третина се од земји надвор од Европа, и тоа главно од: САД, Русија, Јапонија, Кина, Индија, Канада, Австралија и др. Мисијата на АЕ е да ја шири извонредноста во сите дисциплини во природните, егзактните, општествените и хуманистичките науки преку унапредувањето на стандардите во науката и високото образование. Во моментот членови на АЕ се и 72 добитници на Нобеловата награда. Од земјите во регионот Словенија има 18 члена, Србија – 16, Хрватска – 15, а Босна и Херцеговина и Црна Гора по еден.
Процедурата за избор на член на АЕ е објективна и строга, а изборот на новите членови е заснован исклучиво на придонесот шот го има кандидатот во одредена научна дисциплина. Професорот Поповски, кој, освен на Факултетот за земјоделски науки и храна, каде што е вработен, предавал и на Технолошко-металуршкиот факултет, Природно-математичкиот и на Фармацевтскиот факултет на УКИМ.
Освен на УКИМ, д-р Зоран Т. Поповски е визитинг-професор на Државниот универзитет „Охајо“ во САД, Универзитетот „Лунд“ во Шведска, Универзитетот „Туша“ во Италија, Новосибирскиот државен земјоделски универзитет во Русија, Универзитетот во Сараево во Босна и Херцеговина. Својот научен пат го почнал уште како студент со организирање истражувачки кампови, а првиот научен ангажман пред 30 години го имал во Центарот за генетско инженерство и биотехнологија „Георги Ефремов“ при МАНУ. Во еден мандат бил државен секретар во Министерството за образование и наука, бил член на Научниот комитет на НАТО, а од 2017 година е член на Одборот на директори на СОЅТ како прв претставник надвор од ЕУ, која е најголемата научна мрежа во Европа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Променливо облачно време со дожд за Божик, на планините снег
Времето денес променливо облачно со врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни (над 25 l/m²), особено попладне и во текот на ноќта.
На планините врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува засилен ветер од јужен правец (над 60 km/h). Максималната температура ќе биде во интервал од 10 до 16 степени, јавува УХМР.
Во Скопје, променливо облачно со повремен дожд, особено кон крајот на денот и во текот на ноќта. Ќе дува умерен ветер од јужен правец. Максималната температура ќе достигне до 12 степени.
Македонија
Денеска е Божик – денот на христовото раѓање
Православните христијани во светот, во Македонија и црквите кои се раководат по Јулијанскиот календар денеска го слават Рождеството Христово – Божик. Во сите храмови на Македонската православна црква изутрината се одржуваат божикни литургии.
Божик е денот на Христовото раѓање според христијанската традиција. Тоа е втор најголем празник во христијанството, по Велигден. Денеска воедно завршува 40-дневниот пост и овој ден се прославува со богата трпеза со мрсни јадења.
Со Божик е поврзана и поговорката: „Пред Божик зад Божик кај да си, дома да си” што има двојно значење: за време на големиот празник треба да се биде во кругот на семејството и тука да се слушне и да се прослави радосната вест за раѓањето на Спасителот, но не е на одмет да се потсети дека во најстудениот период од годината, сепак најпријатно и најбезбедно е во сопствениот дом.
На Божик се оди во црква и се врши причестување со земање нафора и вино, кои ги симболизираат Исусовото тело и крв. По овој чин луѓето смеат да се омрсат. Се подготвува богата софра, на која скоро задолжително било свинското месо. На денот на Христовото раѓање, по одењето во црква луѓето се веселеле, играле и пееле среде село. Божик, според црковниот календар, се празнува три дена.
Вториот ден е Соборот на Света Богородица, а третиот е Свети Стефан првомаченик.Во некои краеви на овие празници, луѓето што го носат името Божидар, Божо, Бошко и сл. слават именден на Божик, а Стефан, Стојан, Стојче слават на Св.Стефан.
Од Божик почнуваат 12-те таканаречени некрстени или нечисти, погани денови, кои траат сè до пред Водици, денот кога Исус бил крстен. Се верува дека во овие денови се движат зли духови, караконџули, вампири, вештерки и сл. кои ги загрозуваат безбедноста и сигурноста на луѓето. Затоа од Божик до Водици, луѓето со себе носеле најразлични амајлии – апотропејски средства со кои се заштитувале од злите духови, како што се лук, пелин, сол.
Македонија
Следува променливо облачно време со повремени врнежи од дожд и снег
Времето утре ќе биде променливо облачно со врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни (над 25 l/m²), особено попладне и во текот на ноќта. На планините врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува засилен ветер од јужен правец (над 60 km/h).
Минималната температура ќе биде во интервал од 7 до 12, а максималната ќе достигне од 10 до 17 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен дожд, особено кон крајот на денот и во текот на ноќта. Ќе дува умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до 8, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на циклонска активност во следните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд, а на планините од снег. Поради продор на постуден воздух и засилен северен ветер во четврток врнежите ќе преминуваат во снег на повисоките и во некои од пониските места.
На планините во западните делови ќе се формира нова снежна покривка, а помала покривка се очекува и во пониските места. Во петок ќе има преодно стабилизирање на времето, а во деновите од викендот, особено во сабота повторно ќе има локални врнежи од дожд и снег, кои наместа ќе бидат пообилни. Температурите ќе бидат во опаѓање.

