Македонија
Претседателот на Собранието, Талат Џафери, се сретна со Гент Цакај
Претседателот на Собранието, Талат Џафери, имаше средба со Гент Цакај, овластен министер за Европа и надворешни работи на Република Албанија.
Во оваа пригода претседателот Џафери се заблагодари на Република Албанија што беше трета земја членка на алијансата што го ратификуваше Протоколот за пристапување на Република Северна Македонија во НАТО. Тој го запозна министерот со претстојните работни активности на Собранието, како што е разгледувањето на повеќе законски измени наметнати од пандемијата со Ковид-19, потоа активностите сврзани со европската агенда и отворањето на првите поглавја кон крајот на оваа година. Покрај тоа, го извести и за заокружувањето на функционалноста на Собранието со формирање на делегациите за мултилатерална соработка и на групите за билатерална соработка.
Претседателот Џафери изрази задоволство од заедничкиот интерес и иницијатива за склучување билатерален договор за поедноставување на граничните процедури (едношалтерски систем) за патници и возила на граничниот премин Ќафасан и изрази поддршка за сите проекти кои се во прилог на соработката помеѓу Република Северна Македонија и Албанија во рамките на ИПА 2 Програмата за прекугранична соработка како што е изградбата на патна, енергетска и железничка инфраструктура во рамките на Коридорот 8.
Претседателот Џафери ја поздрави посветеноста на Албанија во рамките на претседавањето со ОБСЕ, во услови кога Европа се справува со сериозни закани за нејзината безбедност и последици врз демократските текови.
Министерот Цакај му го честиташе реизборот на претседателот Џафери и го поздрави формирањето на Владата и функционалноста на Собранието. Тој ја нагласи подготвеноста на Албанија за натамошно унапредување на севкупната соработка, како и интензивирање на соработката меѓу двете пријателски земји.
Соговорниците разменија мислења и за регионалната соработка која е клучна за европската перспектива и стабилноста на нашиот регион и остварувањето на заедничката стратешка цел за членство во ЕУ и во таа насока, напорите за формално започнување на преговорите за членство до крајот на оваа година ги подвлекоа како главен приоритет на двете земји.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филипче: Наследството на Св. Климент Охридски нè потсетува дека истрајноста е решение за секој предизвик и патоказ кон напредок
Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, упати честитика до граѓаните по повод денешниот голем државен празник Свети Климент Охридски, кој истовремено е и патронен празник на бројни државни институции и установи во државава, меѓу кои и НУБ „Св.Климент Охридски“ – Скопје и Универзитетот „Св.Климент Охридски“ – Битола.
“Денеска, оддаваме почит и го славиме делото на патронот на македонската култура и духовност, Свети Климент Охридски.Како ученик на Светите браќа Кирил и Методиј и основач на Охридската книжевна школа, Свети Климент Охридски има непроценлив придонес во поставувањето на темелите на македонската писменост и создавањето на првото словенско писмо, и тоа е врежано во нашиот македонски идентитет.
Влогот и упорноста на Свети Климиент Охридски да ја шири писменоста и во време на прогонства, се потсетник дека силата на еден народ лежи во неговата писменост, култура и образование.
Наследството на Свети Климент Охридски нè потсетува дека истрајноста е решение за секој предизвик и патоказ кон напредок.
Ние ја продолживме светиклиментовата мисија, и денес македонскиот јазик е еден од официјалните јазици во светот, рамноправен со јазиците на земјите членки на ЕУ, во НАТО и во ОН.
Нека ни е честит и вековит Денот на Свети Климент Охридски” , стои во честитката на Филипче.
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче,по повод денешиот празник упати честитка и до Македонската православна црква – Охридска архиепископија, чиј патрон е Свети Климент Охридски, како прв словенски епископ на просторите на Југоисточна Европа.
Македонија
(Видео) Кузеска: Го следиме трагот на парите, Томовски донира во ВМРО-ДПМНЕ
Скандалот со семејната фирма на Томовски која го чисти буџетот, или во бројки 5,3 милиони евра и 161 тендер е шаблон кој денеска го разоткриваме целосно, изјави портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
„Зошто Томовски овие денови толку многу се труди да покаже дека нема никаква поврзаност со семејната фирма? Иако Витомир е негов татко, Кутановски негов роднина, внукот, зетот се негови, дури и неговиот број е пријавен како контакт во семејната фирма“, рече таа.
Кузеска кажа дека антикорупцискиот тим на СДСМ го следел трагот на парите.
„Томовски е донатор на ВМРО-ДПМНЕ. Еден од оние кои најмногу сакаат да се истакнат со големи суми. Само во 2021 година донирал 8.000 евра на ВМРО-ДПМНЕ. 499.700 денари, 100.000 денари, 70.000 денари, 100.000 денари, редовно Томовски уплаќа на сметката на ВМРО-ДПМНЕ. И не само Томовски. И неговиот зет, Кутановски е донарот на ВМРО-ДПМНЕ исто така. Семејна фирма, семејни донации. Се е јасно. Вака парите завршуваат во белата палата“, рече Кузеска.
Таа додаде дека ДКСК и Јавното обвинителство не треба да молчат туку треба да покренат истрага за конфликт на интерес и за корупција во врвот на владата на Мицкоски.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Делото на Свети Климент Охридски е патоказ за негување на писменоста, националните вредности и создавање на успешни генерации
По повод празникот посветен на Свети Климент Охридски-македонскиот просветител, учител и темелот на нашата духовност и писменост, ВМРО-ДПМНЕ упатува искрени честитки до сите граѓани на Република Македонија.
„Делото на Св. Климент Охридски, неговата посветеност на образованието и ширењето на словенската писменост, претставуваат трајна вредност на македонската државност и културен идентитет.
Неговата мисија не потсетува дека знаењето, трудот и човечноста се водилка кон напредок и општо добро.
А нашата заедничка обврска е да продолжиме да го негуваме она што е суштински дел од нашата татковина – јазикот, писменоста, наследството и македонскиот идентитет, да останеме посветени на унапредување на образованието, зачувување на културното наследство и поддршка на вредностите што го обединуваат нашиот народ.
Силата на државата произлегува од знаењето, достоинството и од грижата за сопствените корени, токму како што тоа го покажувал Св. Климент со своето животно дело.
Македонија да ја градиме преку генерации на образовани луѓе, генерации што ќе бидат носители на прогресот, на науката, на културата и на достоинството на нашата држава.
Овој празник не потсетува дека вложувањето во образованието и младите е инвестиција во иднината на нашата татковина.
Ликот и делото на Св. Климент Охридски ни покажуваат дека секое знаење што го даваме денес, ја гради Македонија утре“, пишува во честитката.

