Топ
Млад скопјанец осомничен дека криел оружје и дрога во бункери во Бутел

Дваесет и четиригодишен скопјанец е осомничен дека ги сокрил оружјето, муницијата и дрогата во бункери во Бутел кои беа откриени на почетокот на мај.
Основното јавно обвинителство Скопје донесе наредба за отворање истрага против едно лице за недозволено изработување, држење и тргување со оружје и распрскувачки материи.
Осомничениот 24-годишник, во текот на април и почетокот на мај годинава, во импровизирани бункери од пластични цевки, закопани во земја во пошумениот дел меѓу улиците „Алпи“ и „Коце Металец“, неовластено држел поголемо количество оружје и муниција и хероин. .
На различни локации биле пронајдени автоматска пушка, 27 куршуми за таа пушка, полуавтоамтска снајперска пушка, автоматско оружје со навој за пригушувач на кое биле залепени две рамки со 34 куршуми, два пригушувачи, уште три автоматски и една полуавтоматска пушка завиткани во крпи, како и уште 38 куршуми.
Освен ова, во пластично буре бил пронајден хероин со вкупна нето количина од 2.362 грама, спакувана во пет пакувања.
Надлежниот јавен обвинител, поради опасност од бегство и можност осомничениот да го повтори делото, до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје вечерва достави предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Филипче од Свети Николе: Борбата за 500 евра минимална плата е за достоинство на секој човек

Вечерва од Свети Николе, каде се одржа граѓанската трибина од караванот „Се бориме за нашиот дом“, Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, го коментираше повторното барање на Сојузот на синдикатите за покачување на минималната плата. Тој рече дека тоа не е барање на луксуз туку реална потреба.
„Тоа не е барање од луксуз, тоа е крик на луѓе што живеат со 400 евра месечно, во време кога сметките растат, а кошницата во маркет станува сè полесна. Цела година СДСМ нуди решение, минимална плата од 500 евра, за секој човек што чесно работи да може да живее достоинствено“, рече Филипче.
Притоа тој оцени дека молкот на ВМРО-ДПМНЕ за гласот на синдикатите, народот и амандманите на СДСМ е глас за нивната незаинтересираност за работникот, кој го гледа само како трошок.
„Владата молчи затоа што нивните интереси не се интереси на работникот, туку на големите газди. Молчи затоа што гледаат на работникот како на трошок, не како на човек. За нив, платата е бројка во Excel табела. За нас тоа е побогата вечера за семејството, достоинствена облека за децата, тоа е мир во домот. Борбата за 500 евра минимална плата е борба за достоинство на секој човек“, рече Филипче.
Тој пред граѓаните на Свети Николе потсети дека соседна Албанија веќе ја зголеми минималната плата на 520 евра и дека Србија ги зголемува секој месец. Само Македонија, потенцираше Филипче, стои во место, затоа што власта нема ниту волја, ниту план.
Тој рече дека суштината на борбата на СДСМ не се за празни слогани или за моќ, туку за право на достоинствен живот.
Македонија
Мицкоски: Црвените линии на СДСМ и Венко се нов подарок за Бугарија

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на денешниот митинг во Ѓорче Петров во рамки на кампања за локалните избори 2025 истакна дека овие избори се одлука дали ќе одиме напред или ќе се вратиме назад. Со заокружување на бројот 9 на 19 октомври бираме програма и план со кој општините и државата ќе станат современо и убаво место за живеење.
Мицкоски нагласи дека 15 месеци владата ги гради темелите кои претходно СДС и ДУИ 84 месеци ги рушеа и ги упропастуваа.
„Оваа Влада е на позиција и ја има одговорноста пред граѓаните точно една година и три месеци. Во овој период од 15 месеци ги градевме темелите кои претходно 7 години, цели 84 месеци, ги рушеа и целосно ги упропастуваа. Кренавме држава пред банкрот. Кога го слушам Венко Филипче, излегува како тие никогаш да не биле власт во оваа држава. Како да не беше тој најсигурниот министер на кој Зоран Заев се потпираше. Тој денес ни објаснува дека во негово време и во време на неговиот ментор подобро се живеело, и дека тие двајцата се бореле за сопствениот дом, а ние не сме се бореле. Ова е врвно лицемерие. Тоа беше време кога 500 илјади граѓани живееја со само 150 денари дневно. Единствен „подарок“ за животниот стандард беше инфлацијата, која редовно беше двоцифрена и го јадеше стандардот на граѓаните. Се сеќавате ли на скандалите, тендерите во РЕК, фирмите на поединци кои добиваа работа и провизиите што транспарентно ги редеа во свои џебови?“ кажа Мицкоски.
Мицкоски ги потенцира скандалите на СДС и Филипче и истакна дека СДС и ДУИ се грижеа за „нашиот дом“ така што ја клекнаа Македонија на колена.
„Венко сака да ни објасни дека се грижеле за нашиот дом, а пред само 15 месеци, немаше ден без скандал. Предавство по предавство правеа. Се грижеа за „нашиот дом“ така што ја клекнаа Македонија на колена. Прво беше промената на името, потоа договорот за пријателство со Бугарија, со кој ја отворија Пандорината кутија, што денес нè доведе до оваа ситуација до која што сме а потоа следеше прифаќање на оној бугарски ултиматум. Вчера го слушав како се повикува на АСНОМ. А заборава дека тој и неговиот учител, ментор, се поплукаа на АСНОМ тогаш кога кажаа дека нашиот источен сосед за време на втората Светска војна во Македонија биле ослободители, биле администратори а не окупатори. Дека јазикот ни „паднал од небо“ последните децении и дека нема историски континуитет. Не може Венко да се повикува на АСНОМ, а да не се огради од ова. Не може да бидеш од една страна и партизан а од друга страна соработник со окупаторите во Втората светска војна“, нагласи Мицкоски.
Македонија
Филипче од Велес: Маја Хеско за урбан ред во Велес, нова сала, затворен базен и средено Езеро Младост

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, на граѓанската трибина во Велес го истакна разочарувањето на граѓаните од владеењето на локалната власт на ВМРО-ДПМНЕ, која четири години не успеала да реализира ниту еден капитален проект.
„Градот стагнира, проектите стојат, ветувањата останаа само на хартија. Нема донесен Генерален урбанистички план. Не е реконструирана зградата на Противпожарната служба, нема ниту нови возила – безбедноста на граѓаните е загрозена. Индустриската зона Мамутчево 2 не е проширена, не е инфраструктурно уредена – затоа нема нови фабрики, нема нови работни места”, рече Филипче.
Тој додаде дека во Велес градоначалникот нема резултати бидејќи ВМРО-ДПМНЕ е без визија и капацитет да го развива Велес, набројуваќи проблеми кои локалната власт ги оставила на велешани.
„Нема изградено пречистителна станица за отпадни води. Езерото Младост е претворено во еколошка катастрофа.
И најиронично – сите овие неостварени проекти пак се ставени во нивната нова програма! Како да мислат дека народот има кратка меморија”, посочи Филипче.
Филипче потенцираше дека решението е во чесните и способни кандидати на СДСМ, давајќи поддршка на кандидатката за Градоначалничка, Маја Хеско и советничката група.
„Маја Хеско како кандидатка за Градоначалничка и советничката група на СДСМ нудат конкретни проекти и решенија: нова урбанистичка регулација за справување со сообраќајниот хаос, реконструкција на спортската сала „Гемиџии“, изградба на затворен базен, модерна пречистителна станица за езерото Младост и целосно уредување на зелените површини и јавните простори“, порача Филипче.
Лидерот на СДСМ рече дека на 19 октомври граѓаните ќе изберат тим кој ќе работи за Велес да биде модерен и европски град.
„Ова се луѓе кои знаат како да работат, кои имаат интегритет и резултати зад себе. Масовното излегување на изборите на 19 октомври ќе покаже дека граѓаните избираат тим што може да го врати животот во Велес и да го направи градот по европски стандарди, каде младите сакаат да останат“, порача Филипче на граѓанската трибина на СДСМ и Коалицијата „Се бориме за нашиот дом”, во Велес.