Македонија
Хелсиншки комитет предлага да се промени начинот на кој функционираат навивачките групи
Двата инцидентa во една седмица, предизвикани од навивачка група во Скопје, се најсвежи меѓу бројните докази дека повеќе не смее да се игнорира потребата од вистинско справување со овој деструктивен феномен, велат од Хелсиншкиот комитет за човекови права.
„Со години реагираме на инциденти предизвикани од навивачки групи, го следиме говорот на омраза што излегува од нивните редови и ги броиме жртвите од насилството, кое е неминовна последица на огромните количини излеана омраза на стадионите, улиците, плоштадите, медиумите… За последните настани реагиравме со поднесување пријави до МВР и Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика“, се наведува во соопштението на Хелсиншки, од каде воедно ги охрабруваат жртвите да ги пријавуваат ваквите инциденти на омраза.
Потсетување, соопштението на Хелсиншкиот комитет се однесува на инциденти поврзани со навивачката група „комити“, чии членови пред една недела беа осудени од првиот вицепремиер Артан Груби за недолични скандирања во пресрет на натпреварот со „Шкупи“.
Викендов беше регистриран уште еден сличен инцидент во населбата Ѓорче Петров каде што дел од членовите на групата насочија недолични скандирања кон група граѓани од албанска етничка припадност.
Од Комитетот посочуваат дека од прогласувањето на глобалната здравствена пандемија на Ковид-19 и прогласувањето на вонредна состојба во државата, бројот на пријави за говор на омраза драстично се зголемил, особено говорот на омраза врз основ на етничка припадност.
„Во 2019 година во периодот од 16 март до 20 септември Хелсиншкиот комитет регистрираше вкупно 379 пријави поврзани со говор на омраза, од кои 130 пријави за говор на омраза врз основ на етничка припадност. За споредба, оваа година за истиот временски период регистрирани се 662 пријави, од кои 353 кои се однесуваат на говор на омраза врз основ на етничка припадност, што воедно претставува зголемување за околу 280% во споредба со лани“, се нагласува во соопштението во кое се додава дека изминатиов период на платформата „Злосторства од омраза” регистрирани се четири инциденти случени пред и за време на спортските натпревари кои вклучуваат елементи на дела од омраза со етнички предзнак.
Од Хелсиншки сметаат дека покрај строгото санкционирање од страна на институциите, од подеднаква важност е и директната работа со припадниците на навивачките групи, решавање на конфликтите на ненасилен и мирен начин и давањето поттик за да се преобмисли нивното постоење во конструктивна насока.
„Најважно од сè, неопходна е политичка волја за да се изведе еден ваков процес, кој би значел гасење на еден голем генератор на омраза во општеството, што ќе има долгорочни позитивни ефекти за сите граѓани во државата и за нејзината стабилност. Многу хулигански навивачки групи низ Европа денеска се конструктивен дел од заедницата, а насилството и дивеењето ги заменија со хуманитарни активности и поддршка на позитивни каузи“, истакнуваат од таму.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Стојаноски: Владата веќе обезбеди 30 милиони евра за реконструкција на студентските домови
Единствена причина зошто денеска тука на овој амандман нема претставник од Левица е еклатантното непознавање и незнаење, како и директната грешка на тоа како тие ја поимуваат политиката, а тоа е политика на рил на Фејсбук, рече пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски на денешната собраниска седница на Комисијата за финансирање и буџет.
Стојаноски посочи дека ваквите постапки на овие пратеници не заслужуваат и да се коментираат, но, додаде тој, кога ќе влезете во Собрание и кога ќе давате некакви вакви акти треба да знаат дека сепак, некој може да излезе и да ги соочи се реалноста, а тоа е дека студентските домови за кои бараат средства за реконструкција и веќе се реконструираат.
Стојаноски посочи дека за реконструкција на студентските домови Владата има обезбедено 30 милиони евра и истата ќе се одвива во три фази, така што до крајот на мандатот сите домови ќе целосно реконструирани.
„Двата дома којшто сте ги напишале на ваков амандман и тоа што го барате апсолутно се реконструираат, дека до сега Владата има обезбедено 30 милиони евра за реконструкција на студентски домови, дека заради добрата работа во реконструкцијата доби грант од 5 милиони евра од германската банка за развој, дека во три фази ќе се реконструираат сите студентски домови. Секоја фаза чини по 17 милиони евра и до крајот на мандатот сите студентски домови ќе бидат реконструирани. Понатаму, во Штип, затоа што тука е напишан и градот Штип, ќе се гради нов медицински факултет и паралелно со тоа ќе се изгради и комплетно нов студентски дом“, рече Стојаноски.
Додаде дека така реагираат и така реализираат сериозни политичари кои ги решаваат проблемите на граѓаните, а не како пратениците на Левица кои како единствена работна активност го сфаќаат коментирањето по социјалните медиуми како Фејсбук и Инстаграм.
Македонија
Петрушевски: Амандманите кои ги поднесува Левица се политички дилетантизам и непочитување на Собранието и народот
Пратеникот Бране Петрушевски на собраниската Комисија за финансирање и буџет, се обрати кон Левица, кои поднесоа амандман кој, како што рече, веќе во реалноста се реализира, а тоа е реконструкцијата на студентските домови.
„Ова е политички дилетантизам, ова не е само непочитување на собранието и пратениците, туку и непочитување на народот. Додека некој овде со денови чита амандмани од точка до запирка, некој седи дома и поднесува амандмани којшто се реализирани, навистина не можам да го квалификувам поинаку од политички дилетантизам и непочитување на граѓаните’’, истакна Петрушевски.
Тој дополни дека Левица наместо да се занимава со вистински политики, тие се изживуваат врз колегите во собранието, а со тоа и кон народот кој ги избрал.
„Ова не е никаква политика што го прави Левица, туку едно изживување и една импровизација врз грбот на граѓаните, затоа што се дебело платени за ова коешто не го работат’’, заклучи Петрушевски.
Македонија
Минчев: Стоп за партиските вработувања, време е квалитетот да биде пред сѐ
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, денес во Битола ја отвори четвртата серија од генеричките обуки за административните службеници за 2025 година, овојпат наменети за институциите од Пелагонискиот регион.
Настанот се одржа во Офицерскиот дом во Битола, каде Министерството ја продолжи својата стратегиска агенда за создавање современа, професионална и европска јавна администрација.
Министерството за јавна администрација го заокружува годишниот процес на генерички обуки, преку кој во 2025 година беа опфатени над илјада јавни службеници од Скопскиот, Полошкиот, Источниот и Пелагонискиот регион.
Во 2026 година, како што најави министерот Минчев, обуките ќе продолжат со уште поголем интензитет, континуитет и систематичност.
Министерот истакна дека јавната администрација е „темелот и крвотокот на државата“ и дека нејзината професионализација претставува еден од најважните приоритети на Владата.
„Кога службеникот ќе постапи чесно, љубезно и професионално, граѓанинот не гледа политичка партија, туку држава. Овие обуки не се само дел од реформа, тие се дел од новата култура на јавна служба, култура на отчетност, стручност и достоинство“, нагласи Минчев.
Во своето обраќање, министерот го истакна и значењето на новиот Закон за стручно усовршување и обука на административните службеници, со кој се воспоставуваат системски основи за вистинска професионализација на јавната административна служба. Клучен столб на овој процес е формирањето на Академијата за јавни службеници, која ќе започне со работа во 2027 година.
„Академијата ќе биде куќа на знаењето, лабораторија на идеи, универзитет на практиката. Тоа е модел што ја носи Македонија чекор поблиску до европските стандарди“, истакна министерот.
Минчев најави и дека значаен дел од реформската агенда ќе биде и Законот за висока раководна служба, со кој ќе се воспостави професионален, стабилен и деполитизиран управувачки кадар.
„Овој закон е гарант на институционална зрелост. Тоа е крај на партизацијата во раководењето и почеток на нова ера на стабилно, транспарентно и професионално управување“, порача министерот.
Тој нагласи дека јавната администрација не е трошок, туку инвестиција во стабилноста, довербата и европската иднина на државата.
На крајот, министерот упати повик за заедничка посветеност кон реформите:
„Ова е нашата историска шанса, да создадеме администрација што ќе биде гордост, а не товар; институции што ќе бидат двигател на развојот; држава што ќе биде европска и по вредности и по резултати. Заедно можеме и заедно ќе успееме.“

