Македонија
Студентските домови ќе работат со намален капацитет

На денешната владина седница е прифатена препораката на Комисијата за заразни болести во врска со отворањето на студентските и средношколските ученички домови, според која тие треба да бидат отворени со почитување на протоколите за сместување со дополнување дека во една двокреветна соба може да биде сместено само едно лице, а во соба со повеќе од два кревета може да бидат сместени максимум две лица.
Во оваа насока, по предлог на Министерството за образование и наука, Владата до Собранието ќе достави предлог-закон за дополнување на Законот за студентскиот стандард и предлог-закон за дополнување на Законот за ученичкиот стандард.
Со измените содржани во овие предлог-закони се уредува дека во услови на вонредни околности (утврдено постоење кризна состојба, прогласена епидемија, односно пандемија, пожари, поплави или други големи природни непогоди) на студентите и на учениците што конкурирале на конкурсот за сместување во студентските и ученичките домови и на кои им се одобрени барањата за сместување, но поради намалениот број сместувачки легла не може да се сместат во студентски дом, да им се исплаќа месечна сума за покривање на трошоците за приватно сместување, односно месечна сума за покривање на трошоците за превоз од местото на живеење до местото во кое се одвиваат студиите, а за чија висина одлучува Владата на Република Северна Македонија.
Се оценува дека поради намалениот капацитет на користење сместувачки легла во студентските домови, приватно сместување или превоз од местото на живеење до местото во кое се одвиваат студиите ќе користат 884 студенти и 347 ученици.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Фото) Герасимовски во Капиштец: Вложуваме во квалитетен живот на центарци, програмата заедно ќе ја пишуваме

Општина Центар, синоќа го почна караванот „Се гледаме во маало со Горан Герасимовски“ во населбата Капиштец.
Герасимовски, како што соопштува Општината, во интерес на транспарентноста и решавање на проблемите на центарци, во следните три недели ќе ги посети жителите и заеднички ќе дискутираат за проектите што се спроведуваат, но и ќе ги сослуша сите проблеми и идеи со кои ќе се креира новата четиригодишна програма за уште поубав Центар.
Пред жителите на Капиштец, Герасимовски информираше дека програмата за работа мора да произлезе од центарци, затоа што само така може општината да работи во интерес на граѓаните. Тој истакна дека во завршна фаза е реконструкцијата на паркот во Капиштец на површина од 7.800 м², кадешто има ново зеленило, нови патеки, урбана опрема и ЛЕД осветлување.
„Вложуваме во сè што значи квалитетен живот. Паркот во Капиштец целосно го обновивме и хортикултурно го уредивме, со нови дрвја, клупи и осветлување. Инвестираме во нова инфраструктура, ги реконструиравме улиците „Козара“, „Шарски Одред“ и го реконструиравме тротоарот на ул. „Народен Фронт“. Детското игралиште кај трговскиот центар „Зебра“ и спортското игралиште на ул. „Народен Фронт“ ги обновивме. Можам да кажам дека ги подобривме условите во целата населба. Пензионерите добија свој пензионерски клуб во Капиштец кадешто секојдневно се дружат и социјализираат“, рече Герасимовски.
Герасимовски, потенцираше дека се расчистени дивите депонии спроти Католичка црква и на ул. „Народен фронт“. „Општинските служби секојдневно се грижат за хигиената на општината, чистејќи го и сметот, но и дивите депонии. Изминатиов период, ЈП „Комунална хигиена“ потфрли во чистењето на контејнерите на територија на Центар поради што спремаме и кривични пријави. Недозволиво е централното градско подрачје да изгледа вака поради пропусти на градската власт“, посочи Герасимовски.
Караванот „Се гледаме во маало со Горан Герасимовски“ продолжува и денеска, на средби со центарци во Дебар маало, кај клупата на Горан Стефановски, со почеток во 18.30 часот.
Македонија
Арсовска: Аценце, те чекам на ТВ дуел

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска преку социјалните мрежи го повика градоначалникот на Ѓорче Петров на ТВ дуел.
„Во меѓувреме да ти го разбијам интервјуто со факти: ‘Аце рекол: Ги демантирам ставовите на градоначалничката на Град Скопје за наводна изградба на хемиска фабрика на територија на општина Ѓорче Петров’ не се тоа ставови Аце туку факти, еве секој во Македонија кај тебе на веб страна може да ги види па и ти.
Аце рекол: „Ова се обиди на градоначалничката на Град Скопје да создаде хаос меѓу граѓаните“ – многу јако, јас сама, а ти против мене со целата владеачка партија од 4-тата економија во Европа со која изгласавте ДУП со хемиски фабрики
Аце рекол: „Како да е фиксирана за општината Ѓорче Петров“ – па нели на Чаир бев фокусирана, што си се уплашил толку
Аце рекол: „Арсовска работи, инвестира на други места додека пак во Ѓорче Петров не работи ништо“ – Аце од сите нови 29 улици што ги имаш во Ѓорче, 27 ти ги направив јас!!!
Аце рекол: „Најодговорно тврдам пред целата македонска јавност дека на тој потег, ниту пак на било кој друг дел на територијата на општина Ѓорче Петров не постои локација на која што е предвидено или ќе се градат било каков тип на објекти од тешка индустрија“ – Аце многу директно ти кажав 157.000м2 објекти хемиска индустрија која е класифицирана како загадувачка
Аце рекол: „Објектот (Лафома) поседува сопствена пречистителна станица, под постојан надзор на Министерството за животна средина и сите релевантни државни органи“ – Аце нели не загадува хемиската индустрија, што тогаш пречистува фабриката и што го истура во Лепенец? Бидејќи знаеш многу за фирмата и ги застапуваш, ајде чекаме да ни кажеш??
И за сѐ ова јас имам докази, а ти соопштение што ти го напишале во штаб.
Ајде уште еднаш да те прашаме, дали ти ги праша жителите на Ѓорче Петров дали тие сакаат хемиски фабрики на 157.000 m2 и над 30 висококатници да се градат сред општината? НЕ!“, напиша Арсовска на својот фејсбук профил.
Македонија
(Фото) ДЗС: Пронајдени артилериска граната од 75 mm и рачна бомба од Првата светска војна

Во последното деноноќие, вчера во пределот на преспанскиот дел од Национален парк Галичица, беа пронајдени една артилериска граната 75 mm и рачна бомба, при што од страна на Дирекцијата за заштита и спасување е интервенирано за безбедно отстранување неексплодирани убојни средства (НУС) од минатите војни, извести ДЗС.
Дирекцијата за заштита апелира до граѓаните, при прошетки во природата во случај кога ќе пронајдат неексплодирани убојни средства да не ги фаќаат и поместуваат, туку едноставно да се јават на Единствениот повикувачки број за итни случаи 112 во ЦУК, по што надлежните институции и служби ќе се погрижат безбедно да бидат отстранети или неутрализирани, согласно конкретните пронајдени НУС. Така ќе бидат заштитени животите и безбедност на тие што ги пронаоѓаат тие потенцијално опасни заостанати оружја од минатите војни, а и животите на идните посетители во природата.
Пронајдените гранати веќе биле употребени, а неексплодирани и претставувале потенцијална опасност за граѓани коишто се на прошетка во природата или пак за пожарникари коишто гаснат шумски пожари во тој предел. Конкретно, артилериска граната од 75 mm со потекло од Прва светска војна била истрелана и помината низ топовска цевка и имала временска запалка којашто од непознати причини не извршила активација на гранатата кога со нејзе се дејствувало. Опасноста за активирање, кај вакви веќе истрелани гранати, постои при дејство, удирање, врз запалката и при висока температура, на пример при пожар и слично.
Рачната бомба, од германско производство, била одбранбена бомба од Прва светска војна со активирана каписла од времето кога била фрлена, употребена.
Двете неексплодирани убојни средства (НУС) од минатите војни се безбедно подигнати и транспортирани на безбедно место за понатамошна постапка до нивно уништување, според оперативните стандардни процедури. од пиротехничарот во ДЗС Битола, Ѓорги Стефанов и овластениот пиротехничар Митко Ташков од ДЗС Гевгелија, соопшти Дирекцијата за заштита и спасување.