Македонија
(Видео) Спасовски: Продолжуваме со подобрување на условите за работа на полицијата
Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, го посети Полицискиот центар „Ѓорче Петров“ каде што деновиве ќе почне монтажата на соларни системи за греење вода на сите објекти, каде што се сместени припадниците на Одделот за специјални полициски операции (ОСПО). Овој проект на МВР, чија вкупна вредност е околу 3,5 милиони денари, е во насока и на една од владините цели – трансформација на енергетски план, која опфаќа зголемено учество на обновливите извори на енергија и подобрување на енергетската ефикасност, со што се овозможуваат поголеми заштеди, намалени емисии на штетни гасови и заштита на животната средина.
„Изминативе три години, првично бевме фокусирани на решавање на фундаменталните проблеми, како приоритет за натамошното функционирање на полицијата. На стратешко ниво, реформата на безбедносниот систем не беше прашање на избор, туку прашање на опстанок, силно изразена волја на јавноста за конечно да се воспостават норми и концепт кои ќе бидат и гаранција за да ги етаблираме принципите на владеење на правото во сферата на безбедноста, како еден од круцијалните фактори за просперитет на државата. На оперативно ниво, свесни за незавидните материјално-технички, социјални, професионални прилики во коишто беше затекната полицијата, односно МВР, решивме да одиме дел по дел во надминувањето на постојните и создавање нови услови за нормално функционирање на полицискиот систем. Примарно се насочивме на генерално подобрување на материјално-техничките услови за работа токму на оние од коишто зависи спроведувањето на законите – а тоа е полицијата“, истакна Спасовски за време на посетата.
МВР во изминатиот период инвестираше средства од буџетот во висина од над 100 милиони денари во обезбедување опрема за униформираните полициски службеници од сите организациски единици, беше набавена комплет спортска опрема за припадниците на Единицата за брзо распоредување (ЕБР) и за Посебната единица за поддршка (ПЕП), беа заменети 45 години старите возила во ПЕП со нови интервентни возила, како и опрема за јавен ред и мир. Воедно, делумно или целосно беа реконструирани 50-тина објекти во сите сектори за внатрешни работи, за што беа издвоени речиси 140 милиони денари. Министерот Спасовски потсети дека во тек е и изградбата на Центарот за санирање од катастрофи и обезбедување континуитет во работењето во Прилеп, а во напредна фаза е изградбата на зградата на крим-техника, со современа форензичка лабараторија, со што ќе се влијае на брзината на постапките.
„Во годинешниов буџет на МВР планирани се и течат постапките за набавка на нови униформи за ЕБР, ПЕП, ЕСЗ и ЕИП, на осум интервентни и пет теренски возила, нови радиоврски, зимски и летни чизми за секој полициски службеник, нова ски-опрема, пиштоли за трите единици на ОСПО и вежбовна муниција, а наскоро ќе стартува и комплетно реновирање на павилјон во Полицискиот центар ‘Ѓорче Петров’ со донација од САД. Со вградувањето на соларните системи за греење вода практично целосно го заокружуваме тој наш проект, давајќи јасно до знаење дека на секој полициски службеник треба и мора да му се обезбедат елементарни предуслови за нормално работење, и дека интегиритетот, опременоста, статусот на полицискиот службеник се императив без којшто е невозможно спроведување на каква било системска реформа во тој домен“, рече Спасовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Градоначалникот Ќура ангажирал фирма што ќе утврди зошто е загадена водата во Струга
Градоначалникот на Струга, Менди Ќура, најави дека на 16 февруари приватна институција од Скопје ќе ги утврдува причините за загадувањето на водата во градскиот водовод, која тој лично ја ангажирал.
Тој изјави дека Општината презема мерки за надминување на проблемот поради кој жителите веќе една недела не можат да ја користат водата, која од чешмите тече заматена и со темнокафеава боја, поради што е забранета за пиење и употреба.
Македонија
Јаневска: Јавната дебата за Законот за високо образование не е завршена
Министерката за образование и наука Весна Јаневска денеска изјави дека јавната дебата за Законот за високо образование сè уште не е завршена и дека Министерството очекува официјални забелешки од универзитетите.
Одговарајќи на новинарско прашање на традиционалната прослава по повод празникот Свети Трифун на Опитното поле на Факултетот за земјоделски науки и храна при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Јаневска рече дека сѐ уште не е завршена јавната дебата и најави дека од следната недела, по договор со универзитетите, Министерството ќе оди во нивна посета на јавна расправа.
– Сè уште не е завршена јавната дебата, сè уште очекуваме забелешки. Ние добиваме на ЕНЕР, добиваме и преку мејлот, но очекуваме и универзитетите официјално, на било кој пат, да ги достават своите интегрирани забелешки, бидејќи делот не се повторува. Сè што сметаме дека е разумно ќе биде прифатено. Сè што сметаме дека можеби ќе претставува проблем ќе биде дискутирано. Тоа значи средба на Министерството за образование и наука со сите професори кои ќе сакаат да присуствуваат на јавната расправа, каде што ќе ги дискутираме спорните членови, и гледам дека во најголем број нема никакви забелешки. Спорни остануваат неколку членови за кои треба да се договориме и да дискутираме, рече Јаневска.
Вели Македонија веќе нема време за просечни и потпросечни резултати.
– Потенцирам, ние веќе немаме време да си играме со образование и наука. Немаме време за просечни и потпросечни резултати кои нè доведуваат во оваа ситуација. Мора да тргнеме напред. Министерството и законски и финансиски поддржува напредок, рече Јаневска.
На традиционалната прослава, претходно, Јаневска им го честиташе празникот на граѓаните, особено на земјоделците, лозарите и овоштарите, и изрази поддршка за Факултетот за земјоделски науки и храна.
– Ние, како Влада, ќе ги поддржуваме ваквите проекти и ваквата активност, бидејќи цениме дека немаме веќе време за просечни и потпросечни резултати, рече Јаневска.
Македонија
Работниците се двојно попродуктивни од она што го добиваат преку платите, велат од ССМ
Македонските работници создаваат повеќе од двојно поголема економска вредност од она што го добиваат како плата, покажуваат податоците на Меѓународната организација на трудот (ILO), кои денеска ги посочи Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ).
Според индикаторот за бруто домашен производ по одработен час, продуктивноста во Македонија изнесува околу 34 американски долари по час, што е над светскиот просек од 23,27 долари. Пресметано на месечно ниво, со просечни 168 работни часови, еден работник создава 297.024 денари економска вредност.
Наспроти тоа, нето минималната плата во државата изнесува 24.379 денари, што значи дека работник кој зема минимална плата добива само 17 проценти од вредноста што ја создава.
Од ССМ оценуваат дека распределбата на создадената вредност е „непропорционална и неправедна“, при што најголемиот дел завршува во профит, инвестиции, амортизација, даноци и други капитални трошоци, а не кај работниците.
-Очигледно е дека обидите да се сопре растот на минималната плата не произлегуваат од продуктивноста на работниците, туку од тоа колку се богати газдите и функционерите на сметка на работничкиот труд, наведуваат од ССМ.
Според синдикатот, продуктивноста на македонските работници е повисока од онаа во дел од земјите во регионот, како Црна Гора, Србија, Босна и Албанија, а блиску до нивото на Бугарија. Сепак, минималната плата во Македонија останува значително пониска од повеќето соседни земји.
ССМ заклучува дека работниците се експлоатирани, а ваквата состојба, според нив, е поддржана од страна на работодавачите и институциите, нагласувајќи дека во државата постои економски простор за поголем раст на платите.

