Македонија
Средба Османи – Вархељи: Почетокот на преговорите ќе биде јасен сигнал за европскиот курс на целиот регион
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, во рамките на работната посета на Брисел оствари средба со еврокомесарот за соседство и проширување, Оливер Вархељи. Средбата беше во функција на остварување на мисијата на Османи да го заокружи евроинтеграциското досие на Северна Македонија, формалниот почеток на преговорите за членство во ЕУ да почне без одлагање и во рамките на годинешното германско претседателство со Советот на ЕУ; впрочем, соговорниците ваквата цел ја оценија како заедничка.
„Новата Влада останува силно посветена на реформската агенда и европските интеграции, со дополнителен импулс и активност во развојот на добрососедските односи како клучна додадена вредност во развојот на регионалната стабилност. Новиот парламентарен состав има европски предзнак и очекувам континуитет во спроведувањето на реформите“, истакна Османи посочувајќи на високите очекувања во земјата од германското претседателство во насока на заокружување на преговарачката рамка и одржување на првата меѓувладина конференција.
„Ве уверувам дека не само реформскиот процес туку дека новата Влада ќе го искористи претстојниот период за финализација и на административно-техничката и политичка подготвеност на земјата за почеток на преговорите преку навремено заокружување на преговарачката структура, соодветно на принципите на новата методологија, применувајќи ја секако и новата групација на поглавјата по кластери“, порача Османи посочувајќи на остварувањата во претходниот мандат, во насока на веќе изградениот костур и легислативна подготовка за преговарачката структура, како и веќе успешно одржаниот објаснувачки скрининг.
За време на средбата комесарот Вархељи информира дека Европската комисија набргу ќе го објави редовниот пакет за проширување заедно со годишните извештаи за земјите од процесот на стабилизација и асоцијација со ЕУ. Како негово надополнување беше најавено објавувањето на Економско-инвестициската програма на ЕК за регионот на Западен Балкан, со која ќе се одвои значителна финансиска поддршка во облик на неповратни средства и заеми за спроведување инфраструктурни проекти од областа на транспортното и енергетското меѓуповрзување на регионот. Ова ќе претставува силна поддршка од страна на ЕУ за економско зајакнување на земјите од Западен Балкан, унапредена регионална соработка и засилени конекции со ЕУ.
Тема на средбата беа и иницијативите на Берлинскиот процес, особено во рамките на заедничкото копретседавање меѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија, кое е закажано за 10 ноември во Софија. Беше констатирано дека симболичното копретседателство на една земја членка на ЕУ со земја кандидат, што е единствен случај досега, претставува вистинска можност за промоција и зајакнување на добрососедството меѓу двете земји, како и промоција на заедничката аспирација за европска интеграција на целиот регион.
Османи во текот на денот ќе се сретне и со Андреас Шидер, претседавач со Мешовитиот парламентарен комитет помеѓу Република Северна Македонија и Европската Унија, Илхан Ќучук, известителот за Северна Македонија во Европскиот парламент, како и со Андреј Ковачев, потпретседател на ЕНП.
Во рамките на денешната интензивна агенда Османи има планирано и средба со потпретседателката на Европската Унија одговорна за демократија и демографија, Дубравка Шуица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСM: ДПМНЕ-ЗНАМ ја гушат демократијата во Македонија, сакаат да ја замолчат опозцијата по секоја цена
ДПМНЕ-ЗНАМ ја гушат демократијата во Македонија со усвојување на предавничка Резолуција во Собранието, велат од СДСМ.
„Ја загрозуваат слободата на говорот и мислењето, сакаат да ја замолчат опозцијата по секоја цена, само да не се зборува за договорот мигранти за пари.
Целта е на опозицијата да ѝ биде забрането да зборува на темата мигранти, под зкана на кривични пријави, кои судовите по итна постапка би ги прифаќале. Затоа и забрзано работат на воспоставување целосна контрола врз судството и обвинителството.
Секој што ја зборува вистината за мигрантите е таргет, да му се заканат со кривична, со затвор, и на тој начин да замолчат каква било дебата за тоа што се случува надвор од очите на јавноста.
Во меѓувреме ќе пласираат лаги и ќе фабрикуваат разни лажни вести, за опозицијата, за новиот тим на СДСМ, се за и сешто“.
Затоа, според оваа партија, во предавничката Резолуција, како што наведуваат, внеле и измислици дека СДСМ подготвувала мигранти, што е целосна лага.
„Кога се носат предавнички резолуции против опозицијата тоа е автократија, вовед во диктатура, режим 2.0.
СДСМ нема да дозволи гушење на демократијата, заедно со граѓаните ќе ја одбраниме Македонија, ќе ја одбраниме демократијата.
Ќе поднесеме претставка до Уставниот суд за уривање на уставниот поредок и основните слободи за да избегаат од националните предавства.
Ќе се обратиме до сите релевантни меѓународни институции. Помош ќе побарме и од институциите на ЕУ, од сестринските партии во Европа“.
Со сите демократски алатки и механизми кои ни стојат на располагање, додаваат од СДСМ, ќе се бориме за Македонија, за слободата и демократијата.
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди, претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла
Времето денеска, променливо облачно со сончеви периоди. Претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб променлив ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од -5 до -1, а максималната ќе достигне од 6 до 13 степени.
Во Скопје, променливо облачно и претежно тивко. Претпладне во делови од котлината ќе има појава на магла. Минималната температура ќе се спушти до -4, а максималната ќе достигне до 6 степени.
До понеделник ќе се задржи стабилно и претежно тивко време. Наместа ќе има појава на магла и зголемена облачност. Во вторник се очекуваат локални врнежи од дожд.
Македонија
Без струја делови од скопски Аеродром, Сопиште, и Сарај
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска ( Четврок ) без електрична енергија ќе останат:
– од 08:00 – 09:00 часот, корисниците од бул.Јане Сандански бр.70 (Општина Аеродром )
– од 08:45 – 14:00 часот, дел од село Кондово, потрошувачите околу пругата и околу градинката. (општина Сарај)
– од 09:00 – 11:00 часот, корисниците од ул.14 Сопиште (Општина Сопиште )
– од 10:00 – 13:00 часот, корисниците пат за село Долно Лисиче после “Ливрам“ (Општина Аеродром).

