Култура
Затворање на филмскиот фестивал за млади „Џифони Македонија“
Шест дена богати со многу филмови, разговори, уметност и креативност оставија зад себе 300 учесници на 8. филмски фестивал на млади „Џифони Македонија“. Охрабрени млади да зборуваат на разни теми, инспирирани од интересните теми што ги третираа филмовите од светска продукција, беа гости во семејството на „Џифони Македонија“.
Дел од она што сработија учесниците од 13 земји во изминатите денови, ќе биде прикажано на церемонијата на затворањето, вечерва, во 19 часот, во летното кино „Мирно лето“ во Кинотеката. Најактивните учесници на фестивалот ќе добијат награди од пријателите на фестивалот, а главната награда ќе биде патување за најдобрите учесници на „Џифони Италија“ во 2021 година. „Џифонците“, кои го сочинуваат жирито на фестивалот, гласаа за најдобар игран филм во три категории, за најдобар краток филм во две категории, како и за анимиран филм и за најдобар краток филм од млади автори – ученици или студенти.
Најголемиот дел од програмата наменета за младите учесници се одвиваше онлајн, а во вечерните часови беа организирани пет филмски проекции во живо. Официјалната филмска програмата наменета на учесниците вклучуваше 12 долгометражни играни филма, кои се натпреваруваа во три категории, според возраста на младите учесници – членови на жирито: јуниори (од 6 до 9 одделение), кадети (1 и 2 година средно) и сениори (3 и 4 година средно).
На фестивалот учествуваа ученици од 11 до 19 години, кои се дружеа со помош на новата младинска дигитална платформа youth.mk, на која беа поставени сите фестивалски содржини. Создавањето на новата младинска дигитална платформа беше овозможено со поддршка на Мисијата на ОБСЕ во Скопје. Платформата овозможи фестивалот, со сите негови разновидни и интерактивни активности, да се одржи онлајн, а по завршувањето на фестивалот, платформата ќе им биде наменета на младите љубители на филмската уметност и ќе биде место каде што ќе се објавуваат аудиовизулени креации на младите македонски и странски автори. Оваа идеја произлегува од сознанието дека многубројни сегашни и поранешни учесници на „Џифони Македонија“ активно работат на создавање аудиовизуелни содржини: анимирани и кратки филмови, долгометражни филмови, па дури и серии. Целта на „Џифони Македонија“ е да им понуди место каде што ќе може сите тие содржини да ги споделуваат со своите врсници и со пошироката публика.
На фестивалот учествуваа 50 странски учесници кои програмата ја следеа од своите домови. Некои од нив – петнаесеттемина учесници од Италија – ја следеа програмата од киносала во нивниот град Џифони. Тие беа вклучени во програмата „Виртуелна гостопримливост“ и секој гостин од странство имаше по еден свој домаќин меѓу македонските учесници.
Во петте дена беа организирани осум креативни работилници, како и една еднодневна за готвење.
На „џифонците“ им се обрати и Клаудио Губитози, основач и извршен директор на фестивалот „Џифони Италија“, кој годинава одбележува 50 години од основањето.
На последниот ден од програмата мастер-класови одржаа јутјуберот Стефонатор и режисерката Ана Андовска, која го претстави својот филм „Малечка“. Стефонатор го позајми гласот на главниот лик во данскиот филм „Хакер“. Филмот, за чија синхронизација се погрижи „Катевеј“, беше прикажан синоќа, а од 1 октомври ќе биде во редовна кинодистрибуција. Андонова ја третира темата на малолетни бракови и предизвика голем интерес за дискусија кај учесниците на фестивалот.
Мастер-класови одржаа и: Леон Ристов, Сергеј Сарчевски и Мартин Чичовски.
Фестивалот „Џифони Македонија“ е поддржан од Агенцијата за филм и Министерството за култура, Град Скопје, партнерот од Италија – „Џифони експириенс“, Министерството за култура и туризам на Италија, Министерството за надворешни работи на Италија, Амбасадата на Италија во Македонија, а посебна благодарност до Мисијата на ОБСЕ во Скопје, со чија поддршка е керирана дигиталната младинска платформа YOUTH.MK.
Фестивалот е помогнат и од Институтот „Јунус Емре“, Францускиот институт, Кинотеката на С. Македонија, Младинскиот културен центар, а го помогнаа и спонзорите: „Пакомак“, „Фиат“, „Витаминка“, „Дивела“, ресторан „Џино“.
Медиумски поддржувачи на фестивалот се: МТВ, „Сител“, Радио МОФ, „Слободен печат“, „Медиум“, Visitskopje.mk, „Екран“, „Куларт“, „Медиум“, „ТВ21“, „Јавност“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Ремек-делото од Џакомо Пучини, операта „Тоска“, во Националната опера и балет
На 6 март со почеток во 19.30 часот на сцената на Националната опера и балет ќе се изведе ремек-делото „Тоска“ од Џакомо Пучини, музичка драма во вистинска смисла на зборот, монументална, брилијантно оркестрирана, реалистична опера во три чина. Љубовта, страста, љубомората и политичките интриги се движечките драмски елементи на овој „оперски трилер“.
Гостинот од Италија, Џанлука Мартиненги ќе диригира со изведбата на оваа драматична трагедија на Пучини, во режија на Огњан Драганов од Бугарија, сценографијата е на Зоран Николовски, а костимографијата на Марија Пупучевска, хор-мајстор: Ѓурѓица Дашиќ и Јасмина Ѓоргеска, а концерт-мајстор е Јане Бакевски.
Во насловната улога (Флорија Тоска) ќе настапи Злата Тошевска Димовска, во улогата на Каварадоси – Миша Шешаберидзе (Грузија), во улогата на Скарпија – Леон Ким (Јужна Кореја), во останатите улоги настапуваат: Игор Дурловски, Драган Ампов, Марјан Николовски, Кристијан Антовски, Никола Чедомировски, Десанка Глигоријевиќ, заедно со хорот и оркестарот на Националната опера и балет.
Tоска е опера во три чина од Џакомо Пучини. Напишана е по италијанското либрето од Луиџи Илика и Џузепе Џакоза. Либретото се базира на драмата „Тоска“ од Викториен Сарду. Светската премиера на операта е одржана на 14 јануари 1900 г. во Рим, Италија. Повеќе од еден век подоцна, оваа опера останува еден од најизведуваните и највпечатливи наслови на светските сцени – дело во кое интимната човечка драма се издигнува до трагедија со универзална сила и актуелност.
Култура
„Јас сум Невенка“, победник на San Sebastián International Film Festival, ќе се прикажува во Кинотека
Кинотека на Македонија го најавува шпанскиот филм „Јас сум Невенка“, победник на фестивалот San Sebastián International Film Festival во категорија: Euskadi Basque Country 2030 Agenda Award – won 2024
Настанот е во организација на Амбасада на Кралството Шпанија во Северна Македонија и Кинотека на Македонија.
„Јас сум Невенка“ е филм на режисерката Исијар Бољаин од 2024 година, инспириран од вистинска приказна чие дејство се одвива на крајот на минатиот и почетокот на овој век.
Дваесет и четиригодишната Невенка Фернандез, советничка во градското собрание на Понферада, е сексуално вознемирувана од градоначалникот – моќен човек навикнат да ја наметнува својата волја и на политички и на личен план. Кога младата жена поднесува тужба против својот претпоставен, иако свесна за цената што ќе ја плати, се соочува со жестока осуда од средината која го поткопува нејзиното достоинство.
Нејзината истрајност подоцна ќе стане пример за многу жени во нивната борба против злоупотребите на работното место во Шпанија.
Проекцијата ќе се одржи на 7 март, со почеток во 20:00 часот. Влезот е слободен.
Книги
Единаесет романи во конкуренција за наградата „Роман на годината“
Единаесет романи останаа во конкуренција за наградата „Роман на годината“ што ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“.
Жири комисијата во состав Калина Малеска (минатогодишна лауреатка и претседателка на жирито), Иван Антоновски, Ивана Трајаноска, Иван Шопов и Катерина Богоева (претставничка на Фондацијата), во втората селекција ги одбраа 11-те романи што остануваат во трката за оваа престижна награда.
На годинашниот конкурс пристигнаа 46 романи. Во првата селекција беа одбрани 22 наслова.
Според пропозициите, насловот на наградениот роман и името на авторот ќе бидат соопштени на прес-конференција на 13 март што ќе се одржи во просториите на Друштвото на писателите на Македонија во Скопје.
Наградата, чиј генерален покровител е Комерцијална банка АД Скопје, а исто така е поддржана и од Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија, годинава се доделува 27-ми пат. Таа се состои од плакета, уникатна статуетка и паричен износ од 150.000 денари.
Минатата година наградата ја доби романот „Светот што го избрав“ на Калина Малеска, во издание на издавачката куќа „Или – или“.

