Свет
Одлука за екстрадиција на Асанж на 4 јануари
Одлуката за екстрадиција на основачот на „Викиликс“, Џулијан Асанж, во САД ќе биде донесена на 4 јануари следната година. Тоа е одлучено во продолжението на судењето во лондонскиот суд, каде е завршено изнесувањето докази.
Како што пренесува британскиот портал „Експрешанстар“, Асанж ќе го помине Божик зад решетки во затворот Белмарш, каде што престојува веќе 16 месеци.
Сослушувањето пред лондонскиот суд траеше четири недели.
САД го бараат Асанж поради истекување на илјадници доверливи документи за воени злосторства на САД во Ирак, Авганистан и Гвантанамо.
За време на сослушувањето, одбраната на Асанж со десетина сведоци се обидела да ја одложи екстрадицијата во САД, каде што му се заканува доживотна казна затвор.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Песков за идејата за испраќање на европска војска во Украина: „Се појавуваат некои вжештени глави“
Европските елити не се обединети во идејата да испратат војници или барем приватни платеници да го поддржат Киев, но некои „жешки глави“ размислуваат за тоа. Вака Дмитриј Песков, прес-секретар на претседателот на Руската Федерација, го коментираше пишувањето на „Ле Монд“ на брифингот со новинарите.
Францускиот весник објави, посочува ТАСС, за враќањето на европските елити на разговорите за можното испраќање војници во Украина во светло на наводното одбивање на идната американска администрација на чело со Доналд Трамп да се откаже од постоечката поддршка за Киев.
„Јас и вие не знаеме колку се вистинити овие извештаи“, рече портпаролот на Кремљ.
„Претходно, се разбира, такви идеи беа искажувани од различни европски метрополи, но беа искажани и разни контрааргументи кои не беа во прилог на оваа идеја. Нема единство на мислењето меѓу Европејците по ова прашање, но, се разбира, се појавуваат некои „жешки глави““, додаде прес-секретарот на рускиот лидер.
Францускиот претседател Емануел Макрон претходно изјави дека на состанокот во Париз на кој учествуваат претставници на околу 20 западни земји била отворена темата за можното испраќање копнени сили на западните земји во Украина.
Според него, учесниците не постигнале консензус за ова прашање, но ваквото сценарио не може да се исклучи во иднина.
Песков тогаш изјави дека појавата на странски воени контингенти во Украина ќе биде со крајно негативни последици, дури и непоправливи.
Свет
Затворена метро-станицата во Киев, пронајден сомнителен пакет
Метро-станицата „Вокзална“ е затворена за влез и излез поради откривање сомнителен пакет, објави градската управа на Киев на „Телеграм“.
Како што јави „Укринформ“, од безбедносни причини станицата е привремено затворена за влез и излез на патници.
Возовите сообраќаат без престан покрај станицата.
На самото место била распоредена специјална контрадиверзантска единица.
Свет
ОН: На секои 10 минути по една жена умира од рацете на блиска личност
Најмалку 85.000 жени и девојки биле убиени во светот во 2023 година, од кои повеќето биле убиени од најблиските – роднини или партнери, според бројките објавени од ОН денеска, нарекувајќи го алармантно ниво на фемицид.
„Домот останува најопасното место за жените бидејќи 60 отсто од нив биле жртви на сопружници или други членови на семејството“, се вели во извештајот на Канцеларијата на Обединетите нации за дрога и криминал (UNODC) со седиште во Виена и телото на ОН за родова еднаквост.
Тоа значи дека секој ден се убиваат 140 жени или по една на секои 10 минути.
Феноменот ги преминува границите зафаќајќи ги сите социјални категории и возрасни групи, а најпогодените региони се Карибите, Централна Америка и Африка.
На американскиот континент и во Европа фемицидот најчесто го врши партнерот, а во остатокот од светот најчесто членови на семејството.
Многу жртви пријавиле физичко, сексуално или психичко насилство пред смртта, според податоците достапни во одредени земји.
Ова сугерира дека многу убиства можеле да се избегнат, се нагласува во извештајот алудирајќи на судските мерки за забрани и заострувањето на законите.