Македонија
Ангеловски: Да не се казнуваат сите угостителски објекти поради поединечни прекршители
Угостителските објекти мора да ги почитуваат протоколите за заштита од ширење на вирусот Ковид-19, граѓаните да внимаваат дали локалите каде што одат ги почитуваат мерките за заштита, а инспекциските служби и полицијата треба соодветно и ефикасно да ги казнуваат прекршителите, вели Мартин Ангеловски, потпретседател на Туристичко-угостителската комора при Сојузот на стопански комори на Македонија.
„Најголем број на угостителските објекти мерките за заштита од Ковид-19 ги интегрираат во своето секојдневно работење и ги почитуваат. Не треба поради прекршување и непочитување на протоколите од страна на неколку објекти, да се воведуваат рестрикции кои ќе важат за сите. Сегде во светот има луѓе кои ги прекршуваат правилата, затоа и постојат надлежни институции, кои треба да ги санкционираат. Со воведувањето на новите рестрикции се добива впечаток дека се преземаат дополнителни мерки само затоа што надлежните не може да ги спроведат протоколите на терен. Нема никакво оправдување да се казнува целата угостителска дејност поради поединци“, вели Ангеловски.
Тој додава и дека проблемот е комплексен бидејќи се донесоа многу различни протоколи, кои на некој начин на одредени локали им дозволија на организираат настани. Како пример го посочува протоколот за организирање на музичките настани каде што не е јасно дефинирано кој може да ги организира. Ангеловски посочува и дека треба да се работи на подигнување на јавната свест на луѓето за важноста на почитувањето на протоколите. На тој начин ќе се дава предност во изборот на угостителски објект кои ги почитуваат мерките за заштита, со што и другите ќе бидат стимулирани да работата на пропишаниот начин.
„Надлежните институции кога ги носат новите мерки да се свесни дека треба да се движиме во правец на изнаоѓање начин на безбедно функционирање на сите дејности во актуелните услови преку носење соодветни протоколи и паралелно со тоа развивање механизми за санкционирање на прекршителите. Во спротивно ќе се најдеме во ситуација да се носат рестрикции кои секако некој нема да ги почитува и да се враќаме назад до степен на целосен карантин. Таквата политика на дејствување економски е неиздржана“ – вели Ангеловски.
Тој апелира измените на протоколите да се прават во консултација со засегнатите страни, како и да се зајакнат капацитетите и надлежностите на инспекциските служби за да може поефикасно на се справат со прекршителите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова ги прими акредитивите на новоименуваниот амбасадор на Алжир, Абделмаџид Наaмун
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Народна Демократска Република Алжир, со седиште во Букурешт, Абделмаџид Наaмун.
Неговото именување, како што рече претседателката, е уште една потврда за добрите македонско-алжирски односи, втемелени на заемно разбирање и почит.
За неа, посветениот и професионален ангажман на амбасадорот Наамун ќе придонесе кон продлабочување на пријателските и партнерски односи на билатерален и мултилатерален план.
Истакнувајќи дека обете држави имаат богата историја и вредно културно наследство, Сиљановска-Давкова очекува интензивирање на соработката во културата, образованието и туризмот, како и во рамките на ООН и другите меѓународни организации.
На церемонијата, новоименуваниот амбасадор Абделмаџид Наaмун ја истакна својата желба да гради нови мостови на пријателство и меѓусебно разбирање.
Двајцата изразија загриженост за геополитичките предизвици со коишто се соочени сите држави и народи, без оглед на географската положба и големина. Тие ја потенцираа потребата од мултилатерализам како соодветен одговор и механизам за решавање на проблемите.
Сиљановска-Давкова и амбасадорот Наамун се согласија дека донесувањето правна рамка за регулирање на меѓусебните односи, како и размената на посети на највисоко ниво ќе ја поттикат соработката.
Соговорниците имаа усогласен став и во однос на потребата од реформи во Обединетите нации, како и за неопходноста од назначување на жена на највисоката позиција – генерален секретар.
Македонија
Петрушевски: Оставката на Љупчо Коцевски е значајна победа за правната држава
За првпат и самиот обвинител го признава тоа што целата јавност го кажуваше: дека Јавното обвинителство не може да продолжи да функционира со изгубен легитимитет, под товар на политички влијанија и со селективна правда, изјави Бране Петрушевски од ВМРО-ДПМНЕ.
„Фактот што оваа оставка доаѓа дури сега, а не уште од првиот ден кога беше очигледно дека институцијата е компромитирана, само дополнително ја потврдува длабочината на проблемот и обидите со месеци да се одржи статус кво кое служеше на поранешната власт. Со оваа оставка се става крај на еден мрачен период, во кој обвинителството беше перципирано како партизиран механизам, а не како независна институција во служба на законот“, вели тој.
Според Петрушевски, оставката е јасен сигнал за крајот на практиките на заштита на поранешната власт на СДС и ДУИ и почеток на процесот на департизација и европеизација на јавнообвинителската дејност.
„Оставката на Коцевски не е персонално, туку единствено системско решение. Ова е јасна порака дека никој не е недопирлив“, вели Петрушевски.
Македонија
Општина Бутел додели 4.000.000 денари финансиска помош на спортски клубови
Општина Бутел додели 4.000.000 денари финансиска помош на спортските клубови од општина Бутел.
„Локалната самоуправа секоја година ги поддржува спортските клубови и доделува спортски стипендии на најдобрите спортисти од Бутел. Во општина Бутел се градат спортско-рекреативни центри во секое населено место. Во општина Бутел вредноста на спортот и спортските успеси е најголема“, изјави градоначалникот Дарко Костовски.
Тој изрази надеж дека финансиска поддршка ќе поттикне напредок во сите спортови и спортистите ќе освојат европски и олимписки медали.

