Македонија
АХВ со препораки против опасноста за пренесување вирус од дивите птици

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) ги известува одгледувачите на живина, ветеринарните и ловните друштва да ги засилат сигурносните мерки на фармите и надзорот кај дивите птици поради опасноста од пренесување на вирусот на птичји грип во земјава преку преселните птици.
„Болеста е присутна кај домашните и дивите птици во Западна Русија и Северен Казахстан, каде што во одредени области престојуваат неколку видови птици преселници, пред да се преселат во области каде што презимуваат, а кои вклучуваат и делови од европскиот континент“, oбјаснуваат од АХВ.
Од таму советуваат живината и другите птици да се држат на начин со кој ќе се ограничи нивното движење надвор од живеалиштата, а одгледувачите треба да внимававаат и да се спречи контакт на домашната живина со дивите птици.
„Од особена важност е да не се врши поење и хранење на живината во дворовите, за да не се привлече вниманието на дивите птици. Да се внимава во јатата да не се внесува живина со непознат здравствен статус, а до надлежното ветеринарно друштво или официјалните ветеринари да се пријави промената во здравствената состојба на живината или зголемената смртност. Забрането е хранење на живината и другите домашни животни, првенствено кучиња и мачки со остатоци од диви птици зошто секој остаток од нив се третира како потенцијален извор на авијарна инфлуенца“, се нагласува во препораките.
Бидејќи станува збор за болест која најчесто се шири преку птиците преселници, кои се сметаат за нејзин резервоар, за да се намали ризикот од појава или нејзино пренесување во земјава, Агенцијата апелира до ветеринарните и ловните друштва да го засилат надзорот, со вадење крв од живината и земање брисови за навремено тестирање на мртви и болни диви птици.
„Се препорачува да се врши дезинфекција на превозните средства за живина и диви птици, јајца за ведење, производи и нус-производи од живина и мрши. Бидејќи дивите птици се главни преносители на болеста, ловџиите по враќање од лов треба задолжително темелно да се измијат пред да стапат во контакт со живината која ја одгледуваат, а облеката која ја носеле кога биле во лов да не се користи кога се работи на фармата“, порачуваат од АХВ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Одрон на патниот правец Живалево – Туралево, сообраќајот се одвива по една коловозна лента

Од 05:00 часот на патниот правец село Живалево – село Туралево има одрон, сообраќајот се одвива наизменично по една коловозна лента.
Во 03:40 часот се укинува забраната за тешки товарни возила према превој Стража, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Македонија
Променливо облачно и студено со повремени врнежи од дожд, на некои од повисоките места дожд и снег

Променливо облачно и студено со повремени врнежи од дожд, на некои од повисоките места од дожд и снег, а на планините повремен снег. Ќе дува умерен до засилен северен ветер. Минималната температура ќе се движи во интервал од 2 до 7 степени, а максималната ќе биде во интервал од 4 до 11 степен.
Во Скопје, облачно и студено со врнежи од дожд, а на повисоките места од котлината со повремени врнежи од дожд и снег. Ќе дува засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти со 3, а максималната ќе достигне 7 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на циклонска активност нашата држава е зафатена од студен бран кој доаѓа од северните делови на континентот. Вкупно од овој бран се очекува на повеќе места да наврнат над 50 l/m² дожд. Денес на планините врнежите ќе преминуваат во снег, при што ќе се формира значителна снежна покривка. Поради натамошно спуштање на студен воздух, ќе има услови врнежите од дожд да преминуваат во снег и на некои од повисоките населени места. За време на викендот времето ќе биде стабилно со ниска утринска температура, а дневната ќе биде во благ пораст.
Македонија
Врнежи од снег и паднати дрвја на патот Никфорово-Леуново-Бунец, сообраќајот во прекин

На регионалниот пат Никфорово-Леуново-Бунец од 23:20 часот, сообраќајот е во прекин поради врнежи од снег и паднати дрва на коловоз, извести АМСМ.
Се интервенира за негово расчистување.
Во текот на денот и вечерва вработените од Ј.У.Н.П. „Маврово# со сопствена механизација, се вклучија во активностите за расчистување на паднатите дрва кои го отежнуваат движењето на автомобили по регионалниот пат Маврово – Дебар и околу Мавровското езеро.