Македонија
(Видео) Арсовски: Додека функционерите на СДСМ земаат илјадници евра плата, сиромаштијата е покачена за 6.4%
Грижата на власта не е за граѓаните, туку единствено за нивните фотелји и луксуз, обвини портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.
„Над 40.000 граѓани на Република Македонија останаа без работа, огромен дел од компаниите се принудени да им исплаќаат минималец плата на вработените, но затоа функционерите на СДСМ земаат огромни плати од граѓаните во илјадници евра. Трет ден прашуваме јавно и бараме одговори од директорите, назначените функционери од СДСМ, за висината на нивната плата која е исплатена со парите на граѓаните, кои едвај мака мачат крај со крај да врзат низ месеците.
Дали Марко Бислимоски како претседател на Регулаторна комисија за енергетика има приходи од околу 2.000 евра месечно? Или тоа е 8 пати повеќе секој месец од некој граѓанин кој зема минималец плата додека трае корона-кризата.
Дали Томислав Тунтев секој месец зема околу 3.000 евра месечно плата од Агенцијата за цивилно воздухопловство? Или тоа е 12 пати повеќе од некој граѓанин кој зема минималец во оваа криза. Замислете, некој вработен во приватна компанија зема минималец цела оваа година поради корона-пандемијата, а Томислав Тунтев истите тие пари ги зема за само еден месец, и тоа од данокот што го плаќаат граѓаните. Тунтев за една година зема плата колку што некој што добива 250 евра плата треба да работи 12 години за да ги заработи.
Дали Кристијан Трајковски, директорот на Јавното претпријатие за стопанисување со јавен, станбен и деловен простор, зема плата од над 75.000 денари, плус бонуси и додатоци вклучени во менаџерскиот договор? Претпријатието тоне во долгови, а платите на менаџерскиот тим се огромни“, изјави Арсовски.
Тој нагласи дека додека функционерите на СДСМ и Заев земаат илјадници евра плата, прогнозите на Светска банка се дека сиромаштијата оваа година е покачена во Македонија за 6.4%.
„Над 23.3% од населението живее во длабока сиромаштија, но затоа функционерите на СДСМ живеат во најголеми луксузи. Земаат илјадници евра плата и се возат во најлуксузни автомобили на товар на државата и граѓаните. Одговори на овие прашања мора да има. Лицемерието на власта мора да прекине и нека не ги лажат граѓаните дека се грижат за нив и нивната егзистенција“, порача Арсовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Николоски: Техничката влада не се укина за изборите во 2024 година за ДУИ да добие премиер
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, вечерва беше гостин во Тема на денот на Сител телевизија, каде се осврна и на актуелната тема за укинување на техничката влада за што истакна дека истата била воведена како привремено решение за кризата во 2015 година. Тој вели дека нејзиното укинување во 2024 година било спречено поради договор меѓу СДС и ДУИ со цел ДУИ да добие премиер, како што и се случи, и како што вели тој, беше спротивно на изборните правила и волјата на граѓаните.
„Во 2015 година оваа техничка влада беше договорена во еден сосема друг политички контекст и беше решение на една политичка криза. До следните редовни парламентарни избори ќе поминат 12 и пол години од таа политичка криза и од договорите кои што тогаш се правеа. Оваа техничка влада го надмина времето и причините за кои што беше создадена и ние сме единствена држава од нормалните демократии во Европа, која што го прави, и на ова треба да се стави точка и да заврши затоа што ни треба нормално функционирање на државата“, вели Николоски.
„Ние го инициравме тоа, но единствената причина зошто не се укина техничката влада за изборите во 2024 година беше договорот помеѓу СДС и ДУИ, да ДУИ добие премиер, и тоа се случи, Талат Џафери стана премиер, што беше вон сите изборни правила, и вон волјата на народот, и затоа завршија на избори како што завршија“, рече Николоски.
Македонија
(Фото) Тошковски на проштална средба со амбасадорката Агелер: САД остануваат клучен стратешки партнер во безбедноста
Министерот за внатрешни работи на Република Северна Македонија, Панче Тошковски, денеска оствари проштална средба со амбасадорката на Соединетите Американски Држави во Македонија, Ангела Агелер.

На средбата, министерот Тошковски изрази благодарност за нејзината посветеност, професионалност и континуирана поддршка на реформските процеси, со посебен акцент на унапредувањето на безбедносниот систем и јакнењето на институционалните капацитети. Тој ја истакна значајната улога на амбасадорката Агелер во продлабочувањето на соработката меѓу двете држави, особено во областа на внатрешната безбедност, владеењето на правото и борбата против организираниот криминал и корупцијата.

Министерот упати благодарност и до Амбасадата на САД за силната и континуирана поддршка на Македонија, нагласувајќи дека Соединетите Американски Држави се стратешки партнер и важен сојузник во зајакнувањето на безбедноста, стабилноста и евроатлантската ориентација на државата. Во тој контекст, беше потенцирана и одличната соработка меѓу Министерството за внатрешни работи и американските институции преку заеднички проекти, обуки и размена на експертиза.
Македонија
Средба на министерот Муцунски со раководството на Сојузот на стопанските комори на Македонија
Во рамки на серијата работни средби насочени кон унапредување на економската дипломатија и поддршката на извозот, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска оствари работен состанок со раководството на Сојузот на стопанските комори, предводено од претседателот Горан Ѓорѓиевски.

На средбата се разговараше за интензивирање на соработката преку организација на тематски трговски посети на приоритетни пазари, обезбедување логистичка поддршка при значајни бизнис посети во државата, како и за промоција на извозните капацитети на домашните компании пред дипломатскиот кор. Посебен акцент беше ставен на унапредување на комуникацијата и соработката на домашните компании со дипломатско-конзуларните претставништва во странство, известуваат од Министерството.

Фокусот на институционалните активности е насочен кон системска поддршка на компаниите со извозен потенцијал, со цел поттикнување на додадената вредност во економијата и создавање услови за одржлив економски развој.

