Македонија
(Видео) Шахпаска: Нема веќе деца под 18 години сместени во институции

Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска беше во посета на еден од седумте мали групни домови при ЈУ за згрижување деца со воспитно социјални проблеми и нарушено поведение – Скопје.
„Овој мал групен дом е показател за позитивните приказни кои произлегоа со носењето на Законот за социјална заштита и ова е една успешна приказна на кој начин децата треба да излегуваат од гломазните институции и да бидат сместени во мали групни домови, затоа што тие се чекор поблиску до нормалните биолошки семејства. Тука децата се учат на основните вредности кои ги носи семејството. Почитувањето на возрасните и меѓусебното почитување како врсници, основните елементарни и хигиенски навики, вклученоста во образовниот процес и сè друго што е дел од секојдневното нормално живеење“, истакна Шахпаска.
Министерката посочи дека токму овие мали групни домови се поддршката која ја добиваат децата кои се запуштени, на начин што со нив работат стручни лица, педагози, психолози, социјални работници со 24-часовна поддршка, она што навистина им е потребно на децата за да се изградат во вистински личности.
Продолжуваме со процесот на деинституционализација. Изминатиот период деинституционализацијата беше завршена за децата под 18 години, но тој процес продолжува за останатите гломазни институции како што се Заводот во Демир Капија, Бања Банско, Заводот за рехабилитација Скопје. Пред нас има уште работа, тоа се околу 270 штитеници кои сè уште се во институциите. До крајот на ноември очекуваме отворање на уште четири куќи во кои ќе бидат сместени и останатите лица, кои ги вадиме од институциите“, истакна Шахпаска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Фото) Сиљановска-Давкова во Ница оствари средба со Макрон

Претседателката на Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, од денеска престојува во работна посета на Ница, Франција, каде ќе учествува на третата Конференција на Обединетите Нации за океанот.
„Задоволство беше, во присуство на францускиот претседател Емануел Макрон да бидам дел од церемонијата за отворање на Декадата за криосферските науки кои ги проучуваат глечерите и сите површини каде водата е во тврда состојба, како и да присуствувам на презентацијата на препораките од специјалните настани на третата Конференција на ОН за океанот.
Целта е да се нагласи важноста на меѓународната научна соработка, како и да се поттикнат напорите за одржлив развој како одговор на алармантното влијание на климатските промени врз глечерите, ледените плочи и вечниот мраз, односно негативните ефекти кои со тоа се предизвикуваат.
Драго ми е што можев кратко да поразговарам со претседателот Макрон, кој е домаќин на конференцијата“, објави на Фејсбук претседателката Сиљановска-Давкова.
Претседателката ќе се обрати во рамките на третата Конференција на Обединетите Нации за океанот (UNOC3), за поддршка на спроведувањето на целта 14 за: Зачувување и одржливо користење на океаните, морињата и морските ресурси за одржлив развој.
На посебна церемонија, Сиљановска-Давкова ќе го потпише Договорот во рамки на Конвенцијата на ОН за правото на морето за зачувување и одржливо користење на морската биолошка разновидност на области надвор од националната јурисдикција (BBNJ), усвоен во Њујорк на 19 јуни 2023 година.
Македонија
(Фото) Успешна спасувачка акција во близина на Ливадичко Езеро

Директорот на Центарот за управување со кризи, Мухамет Али, заедно со раководителката на Подрачното одделение на ЦУК – Тетово, Арлинда Муареми, од лице место ја следеше спасувачката акција за извлекување на повредено лице кое паднало во бездна во близина на Ливадичко Езеро, општина Теарце.
„Информацијата за инцидентот првично беше добиена преку Секторот за итни повици – 112 и Секторот за операции и координација при ЦУК. По извршената проценка беше утврдено дека извлекувањето без специјализирана техничка и логистичка поддршка не е изводливо, по што ЦУК веднаш стапи во контакт со Министерството за одбрана и со началникот на Генералштабот на Армијата на Република Северна Македонија, г. Сашко Лафчински.
Од страна на Армијата беше испратена хеликоптерска единица, која го извлече повреденото лице и обезбеди понатамошен медицински транспорт и нега.
Бидејќи лицето се наоѓаше во провалина на територијата на Република Косово – под Ливадичко Езеро, директорот Али веднаш воспостави директна комуникација со Амбасадата на Косово, како и со директорот на Агенцијата за управување со вонредни ситуации на Косово, г. Генц Метaj. Косовските служби исто така испратија специјализиран спасувачки тим за дополнителна поддршка.
Овој случај уште еднаш ја потврдува клучната важност на ефикасната меѓуинституционална и регионална соработка при справување со итни и комплексни ситуации“, информираат од ЦУК.
Македонија
Муцунски во работна посета на Казaхстан

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, утре ќе престојува во работна посета на Астана. Посетата се реализира на покана на заменик-премиерот и министер за надворешни работи на Република Казахстан, Мурат Нуртлеу.
Во рамки на посетата, министерот Муцунски ќе оствари средби со министерот за надворешни работи Нуртлеу, со министерот за трговија и интеграција на Казахстан, Арман Шакалиев, како и со гувернерот на Меѓународниот финансиски центар на Астана, Ренат Бектуров.
На средбата со министерот Нуртлеу ќе се разговара за унапредување на билатералната соработка во политичката и економската сфера. Притоа, ќе биде потпишана и Програма за соработка меѓу Министерството за надворешни работи и надворешна трговија на Република Северна Македонија и Министерството за надворешни работи на Казахстан за периодот 2025–2027.
Во економскиот сегмент, фокусот ќе биде ставен на можностите за продлабочување на економската соработка, зголемување на трговската размена, условите за инвестирање во Република Северна Македонија и потенцијалите за соработка во областа на туризмот.