Македонија
Пендаровски со порака за 11 Октомври: Чувањето на слободата е важно еднакво колку и самиот чин на ослободување
Претседателот Стево Пендаровски, упати порака по повод 11 Октомври – Денот на народното востание.
„ Карактерот на еден народ се цени според неговото однесување во пресвртни историски периоди. За време на Втората светска војна, кога поголемиот дел од Европа беше окупиран, а милиони луѓе беа обесправени, фашизмот, на врвот на својата моќ, изгледаше застрашувачки. Токму во тие мрачни времиња, македонските граѓани имаа храброст да се соочат со најголемото зло на 20-от век.
На 11 октомври 1941 година македонските партизани го означија почетокот на народноослободителната борба. Станавме дел од антифашистичката коалиција и заедно со останатите праведници, ја избравме вистинската страна на историјата.
Борбата предводена од партизаните беше општонародна и надидеолошка. Во народноослободителниот фронт беа обединети мажи и жени од различна етничка, верска, социјална и идеолошка позадина. Македонци, Албанци, Турци, Власи, Срби, Роми, Бошњаци, христијани, муслимани, Евреи, атеисти. Сите заедно се изборија за слободна македонска држава што подеднакво ќе им припаѓа на сите нејзини граѓани.
И денес, во вонредни услови поради пандемијата, 11 Октомври го празнуваме со чувство на одговорност и огромна благодарност. Благодарни сме на хероите за нивната жртва, но, имаме и одговорност да продолжиме да ја градиме Република Северна Македонија според концептот што тие ни го оставија во аманет. Бидејќи, чувањето на слободата е важно еднакво колку и самиот чин на ослободување.
Тогаш поразен, фашизмот, за жал, сеуште не е целосно искоренет. Оваа идеологија што ги исклучува различните, останува да биде најголемиот непријател на слободата на народот и вроденото достоинство на човекот. И денес треба да се бориме, секој поединец, независно од неговата припадност, да биде безбеден и почитуван. Затоа што еднакво вредни делови на нашата човечност не се само нашите сличности, туку и нашите разлики.
Антифашизмот е цивилизациска придобивка, но, антифашистички се и темелите на македонската држава. Како наследници на славната воена генерација, но, денес и како дел од НАТО алијансата со јасна европска перспектива, имаме одговорност да се спротивставиме на растечкиот расизам, дискриминација и неофашизам. А тоа се прави само на еден начин: со градење на демократска држава, во која граѓаните се еднакви пред законот, и нема недопирливи за правдата. Затоа е нужно, час поскоро, да се помириме и обединиме во изградбата на солидарно општество во кое ќе се почитува правото на достоинствен живот на секој македонски граѓанин. Со тоа ќе го дадеме нашиот придонес кон прогресивното, глобално движење за човекови права и слободи, за социјална правда и еднаквост„ се вели во честитката.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) Тошковски на проштална средба со амбасадорката Агелер: САД остануваат клучен стратешки партнер во безбедноста
Министерот за внатрешни работи на Република Северна Македонија, Панче Тошковски, денеска оствари проштална средба со амбасадорката на Соединетите Американски Држави во Македонија, Ангела Агелер.

На средбата, министерот Тошковски изрази благодарност за нејзината посветеност, професионалност и континуирана поддршка на реформските процеси, со посебен акцент на унапредувањето на безбедносниот систем и јакнењето на институционалните капацитети. Тој ја истакна значајната улога на амбасадорката Агелер во продлабочувањето на соработката меѓу двете држави, особено во областа на внатрешната безбедност, владеењето на правото и борбата против организираниот криминал и корупцијата.

Министерот упати благодарност и до Амбасадата на САД за силната и континуирана поддршка на Македонија, нагласувајќи дека Соединетите Американски Држави се стратешки партнер и важен сојузник во зајакнувањето на безбедноста, стабилноста и евроатлантската ориентација на државата. Во тој контекст, беше потенцирана и одличната соработка меѓу Министерството за внатрешни работи и американските институции преку заеднички проекти, обуки и размена на експертиза.
Македонија
Средба на министерот Муцунски со раководството на Сојузот на стопанските комори на Македонија
Во рамки на серијата работни средби насочени кон унапредување на економската дипломатија и поддршката на извозот, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска оствари работен состанок со раководството на Сојузот на стопанските комори, предводено од претседателот Горан Ѓорѓиевски.

На средбата се разговараше за интензивирање на соработката преку организација на тематски трговски посети на приоритетни пазари, обезбедување логистичка поддршка при значајни бизнис посети во државата, како и за промоција на извозните капацитети на домашните компании пред дипломатскиот кор. Посебен акцент беше ставен на унапредување на комуникацијата и соработката на домашните компании со дипломатско-конзуларните претставништва во странство, известуваат од Министерството.

Фокусот на институционалните активности е насочен кон системска поддршка на компаниите со извозен потенцијал, со цел поттикнување на додадената вредност во економијата и создавање услови за одржлив економски развој.
Македонија
Никаде во Европа нема ваква корумпирана Влада, техничка влада мора да остане, бараат од СДСМ
„Споредбите со земјите од ЕУ како аргумент за укинување на техничката влада се класична манипулација. Никаде во Европа нема ваква корумпирана влада“, велат од СДСМ.
„Тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ не ја сака техничката влада, затоа што кога ќе влезе министер од опозиција, ќе има увид во сите документи, во сите злоупотреби во целиот коруптивен систем.
Скандалот со ИПАРД 3 и злоупотребите на европските пари, за кои е приведен директор од ВМРО, се уште еден пример дека влез на опозициски министер ќе значи отворање и на другите криминални шеми во министерството.
Од тоа се плаши тендер коалицијата. Не сакаат техничка влада, затоа што тоа ќе значи отворање на пандорината кутија на криминалните тендери.
Без техничка влада не може да има праведни избори, нема контролен механизам и нема фер избори и затоа мора да остане“, соопшти СДСМ.

