Uncategorized
ФИТР: Продолжен рокот за аплицирање на повикот за дигитализација на општините
Поради зголемениот интерес од компаниите и големиот број дополнителни прашања и сугестии од потенцијалните апликанти, рокот за аплицирање за јавниот повик за дигитализација на општините се продолжува до 19.10.2020 до 12 часот.
Целта на повикот е развој на дигитални алатки и решенија за подобри и поквалитетни услуги во локалната самоуправа, а го спроведуваат Фондот за иновации и технолошки развој и УНДП (Програма за развој на Обединетите нации). Повикот е отворен е за сите домашни компании, а решенијата треба да придонесат и кон забрзување на економското закрепнување од последиците предизвикани од пандемијата на Ковид-19 на локално ниво и олеснување на почитувањето на мерките за превенција на ширење на вирусот.
Апликантите треба да развијат е-платформа, која ќе ги интегрира решенијата за воспоставување електронски систем за наплата на давачките кон општината, воспоставување систем за електронско плаќање сметки кон јавните претпријатија, електронски систем на волонтери и онлајн-платформа за општински форум.
Се очекува избраното решение да биде искористено од страна на разни категории граѓани од разни возрасни структури, без ограничување, со јасни и разбирливи инструкции за користење. УНДП ги обезбедува средствата за повикот – 4 милиони денари, а спроведувањето му е доверено на Фондот и ќе се врши со користење на успешно воспоставените процедури и капацитетите на ФИТР.
Преку ФИТР се обезбедува финансирање до 100 % од вкупниот буџет за проектот, во максимален износ од 75.000 американски долари во денарска потиввредност, со вклучени трошоци за надзор во износ од 10 % од вкупниот оперативен буџет на проектот. Е-платформата треба да биде изработена за максимум 30 дена, а еден апликант треба да даде понуда за сите четири решенија, кои треба да бидат спроведени во сите пет пилот-општини.
Степенот на технолошкиот напредок и степенот на дигитализација, квалитет на проектот, капацитет на проектниот тим и влијанието се главните критериуми според кои ќе се оценуваат предлог проектите. Избраните дигитални алатки во оваа прва фаза ќе се имплементираат во 5 пилот-општини: Центар Жупа, Боговиње, Свети Николе, Прилеп и Куманово, кои се селектирани преку Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), насочена кон поддршка на државата за справување со ефектите од Ковид-19, како и спроведување брза и сеопфатна социо-економска анализа за ефектите од пандемијата и утврдување на можностите за побрзо закрепнување на локално ниво.
Се очекува решенијата да бидат изготвени, но и имплементирани до крајот на годинава, а тие ќе бидат целосно бесплатно достапни и за други општини кои ќе изразат подготвеност и желба.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Uncategorized
Израелски напад врз училиште во Појасот Газа
Петмина Палестинци загинаа при израелскиот напад врз училиште во квартот Ал Туфа, источно од градот Газа, каде се сместени раселени лица.
Помеѓу загинатите има и деца. При нападот повредени се и повеќе лица кои се хоспитализирани.
Израелската армија соопшти дека неколку осомничени лица се идентификувани надвор од обележаната линија за прекин на огнот и оти отвориле оган врз нив.
Хамас нападот го оцени како „брутално злосторство“ и уште едно кршење на Договорот за прекин на огнот.
Според палестинското Министерство за здравство во Газа, од стапувањето во сила на Договорот за прекин на огнот, убиени се 400 Палестинци.
Uncategorized
Дуа Липа ужива во Бразил и објавува фотографии од плажата и градот
Дуа Липа објави фотографии од Бразил за време на паузите од нејзината „Radical Optimism“ турнеја.
За Инстаграм позираше на плажа, на jet-ski и во градот, носејќи минијатурно виолетово бикини, црн и бел фустан. Фотографите претходно ја снимија и на базен на поткровје во луксузен хотел во Рио де Жанеиро, во црно-жолто бикини.
View this post on Instagram
Uncategorized
Европол разби група платеници ангажирани за киднапирање водач на албанска мрежа за трговија со дрога
Европол вчера поддржа голема операција предводена од Германија, насочена кон група платеници ангажирани од криминална мрежа за киднапирање на водачот на соперничка банда за трговија со дрога.
Агенциите за спроведување на законот од Данска, Франција, Латвија и од Обединетото Кралство учествуваа во операцијата.
Координираната акција се фокусира на латвиски државјани, од кои некои беа активни во Француската легија на странци.
„Овие високообучени лица беа опремени со професионална опрема и дејствуваа во име на организирана криминална група. Ним им беше доверено киднапирањето на водачот на албанската мрежа за трговија со дрога, кој е осомничен за оркестрирање на кражбата на неколку тони канабис во вредност од милиони евра“, се вели во соопштението на Европол.
На денот на акцијата четири лица беа уапсени во Данска, Франција, Латвија и во Обединетото Кралство, а две во Германија.
„Европол одигра клучна улога со олеснување на размената на информации, обезбедување оперативна координација и обезбедување аналитичка поддршка. На денот на акцијата Европол распореди експерти во Ница за да ги олесни размената на информации во реално време и вкрстената проверка на оперативните информации во базите на податоци на Европол обезбедувајќи директни траги до истражителите на терен“, соопшти Европол.
Европол додава дека оваа операција е поврзана со феноменот насилство како услуга, во кој сторителите ги нудат своите услуги за извршување насилни дела во име на други криминални организации. Во овој конкретен случај високообучени експерти се ангажирани од организирани криминални групи за извршување насилни дела. Овој начин на дејствување се открива сè повеќе во разни операции поврзани со сериозен и организиран криминал.
Неколку осомничени во овој случај се поранешни војници на Француската легија на странци. Европол наведува дека ова претставува алармантен тренд што произлегува од војната во Украина.
„Борбено обучените поранешни војници, кои се враќаат од фронтот, би можеле да ги користат своите вештини за организиран криминал претставувајќи потенцијална закана. Како што војната во Украина продолжува и потенцијално се интензивира по нејзиното завршување, Европа би можела да се соочи со зголемен број на овие високообучени лица вклучени во криминални активности“, соопшти Европол.

