Свет
Во Ватикан почна судењето за сексуална злоупотреба на деца
Во ватиканскиот кривичен суд денеска почна судењето на двајца свештеници. Во процесот, едниот е обвинет за сексуална злоупотреба на момче, а другиот за прикривање на тоа дело.
Обвиненијата беа прочитани на глас во судницата, што е првпат Ватикан детално да опише случај против свештеник, од кои едниот бил постар ученик на богословија во време на злоупотребата, која го опфаќа периодот од 2007 до 2012 година, додека другиот тогаш бил ректор на семинар за млади.
Настанот се случил во палатата на Свети Пија X во рамки на Ватикан, преку пат од местото каде што живее поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциско.
Богословијата, која ја води религиското здружение Комо, служи за престој за момчиња на возраст од 12 до 18 години, кои помагаат за време на мисата на папата во црквата Свети Петар.
Според обвинението, Габриеле Мартинели (28) е обвинет за злоупотреба на овластувањата на високиот претставник на семинарот за принудување на помладата жртва на „телесни дела“ на содомија и мастурбација, со употреба на насилство и закани.
Поранешниот ректор Енрико Радиче е обвинет дека му помогнал на Мартинели да ја избегне истрагата, тврдејќи дека обвинувањата за жртвата се неосновани, а тој им соопшти на обвинителите на Ватикан дека не знае за сексуална злоупотреба во палатата.
Ниту Мартинели ниту Радиче не се изјаснија за виновни за обвинението. Следното рочиште е закажано за 27 октомври.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Се бараат оставки поради трагедијата во Домот за пензионери
Голем број граѓани на Тузла денеска излегоа на улиците на градот и одржаа протест, изразувајќи го своето незадоволство поради трагедиите и скандалите што го погодија Тузланскиот кантон.
Пожарот што избувна во вторникот во Домот за пензионери во Тузла однесе 13 животи, а 12 пациенти сè уште се наоѓаат во болница. Како што беше утврдено, жртвите починале од труење со јаглерод моноксид.
Една седмица претходно, Тузланскиот кантон го потресе случајот со подведување малолетнички, за што се осомничени полициски службеник и еден професор. Нивното подведување траело неколку месеци во текот на минатата и оваа година.
Присутните граѓани од Тузла, но и оние кои допатуваа од други градови на Босна и Херцеговина, денеска побараа оставки од надлежните.
Свет
Три девојки планирале терористички напад во Париз
Девојки на возраст од 18, 19 и 21 година, беа уапсени и обвинети за терористичка завера и планирање напад во Париз, соопштија денеска истражните органи.
Како што е наведено, тие неколку недели планирале насилен терористички напад врз кафуле или концертна сала во Париз, јави РТЛ.
Апсењето и обвинението против трите жени е резултат на истрагата на Националното обвинителство за борба против тероризмот, која беше успешно завршена пред 10-годишнината од смртоносниот терористички напад на 13 ноември 2015 година во Париз.
Свет
Се запали магацин за парфеми во Турција, загинаа шест лица
Најмалку шест лица загинаа, а две се повредени во пожар што утрово избувна во магацин за парфеми во градот Диловаси, во северозападниот дел на Турција.
Според снимките што ги емитуваше турскиот канал НТВ, изгореле два ката од зградата во која се наоѓале магацинот и работилницата за производство на парфеми.
Засега нема информации за тоа што го предизвикало пожарот.

