Македонија
Досега обезбедени 142 единици конвалесцентна плазма со која се третирани над 120 пациенти

Од Институтот за трансфузиона медицина информираат дека се обезбедени 142 единици конвалесцентна плазма за третман на пациенти заразени со Ковид-19. Станува збор за 100 дарители кои донирале плазма и досега над 120 пациенти со Ковид-19 се третирани со конвалесцентна плазма, што содржи антитела против овој вирус создадени од човечкиот организам за сузбивање на болеста.
Граѓаните кои се оздравени имаат можност да им помогнат на оние кои во моментов се борат со коронавирусот, што претставува врвен чин на хуманост, велат од Министерството за здравство.
Преку подарената конвалесцентна плазма, антителата на оздравените пациенти се користат во сузбивање на болеста кај друго лице со Ковид-19. Лицето дарител на конвалесцентна плазма треба да има документиран лабораториски доказ дека било болно од Ковид-19, да има два негативни теста во рок од 24 часа, да биде минимум 21 ден без симптоми, по што се прави дополнителен тест за потврда дека нема присуство на вирус.
Институтот за трансфузиона медицина е достапен во секое време и сите оздравени пациенти кои ги исполнуваат условите за дарители може да се јават за детални информации и закажување во Институтот за трансфузиона медицина, да ја покажат својата хуманост и да помогнат во лекувањето на другите заболени со Ковид-19.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
По убиството на судија во Албанија, македонските судии загрижени за сигурноста и почитувањето на нивните права

Судиите на Основниот кривичен суд Скопје изразуваат сочувство и солидарност до семејството, роднините и блиските пријатели на судијата Астрит Каљаја од Тирана, Р. Албанија, кој во текот на вчерашниот ден беше убиен во судница, при извршување на неговата функција како судија.
„Во овие тешки моменти, ги уверуваме судиите од Албанија, и семејството на покојниот судија, дека тие се во нашите мисли, па затоа изразуваме силна поддршка кон сите колегите судии, судската служба и целиот судски систем во Република Албанија, кои се соочуваат со болката од загубата, но и со загриженоста за безбедноста и достоинството на третата власт.
Овој суров чин не е само напад врз една личност, туку тоа е напад врз основните принципи на правдата, независноста на судството и владеењето на правото. Воедно, убиството на нашиот колега само ја потврди загриженоста на судиите во целиот регион, за нивната сигурност и достоинствено почитување на нивните права што во последните години е доведено во прашање во повеќе Балкански земји, вклучувајќи ја и Р.С. Македонија“.
Ги повикуваат сите компетентни институции во Албанија и меѓународната заедница да ги превземат сите неопходни мерки со кои, како што велат ќе ја унапредат безбедноста на судиите и судската служба при извршување на нивната службена должност, што не е ништо друго освен гарантирање на правната сигурност и заштита на Уставно загранатираните права и обврски на граѓаните на Албанија.
„Ние, Судиите на Основниот кривичен суд – Скопје, веруваме дека правдата мора да победи, дека безбедноста на судиите е крајно неопходна, и дека ние сите — како судска професија и како општество мораме да стоиме цврсто во одбрана на правдата, достоинството и институционалниот интегритет.
Македонија
Од наредната година целосно автоматизирано пријавување на новороденче

Владата и Министерството за дигитална трансформација реализираат уште едно предизвборно ветување. Министерството од почетокот на годината, формираше работна група помеѓу повеќе инстутции, меѓу кои Министерството за внатрешни работи, Управата за водење на матичните книги, Министерството за здравство-Управа за електронско здравство и соодветните јавни здравствени установи, за постигнување целосна автоматизација во издавањето на првиот извод од матична книга на родени за новороденчиња (Проект: е-бебе).
Проектот е-бебе, кој е поддржан и од канцеларијата на УНИЦЕФ, предвидува првиот извод родителите да го добијат во болница, најдоцна до 48 часа од раѓањето на бебето.
Министерството за дигитална трансформација, искористувајќи ја Националната платформа за интероперабилност и Националниот портал за услуги – uslugi.gov.mk, спроведе поврзување на сите засегнати институции во процесот за целосно автоматизирано пријавување на новороденчето. Во втората фаза на проектот се поврзуваат и услугите за здравствено осигурување од Фондот за здравство, како и услугите на помош за новороденче кои ги издаваат Министерството за социјална политика, демографија и млади.
Од родителите ќе се бара да имаат профил на ниско ниво на Националниот портал за услуги – uslugi.gov.mk.
Со посветена работа на работната група, наша определба е целосна реализација на проектот до јануари 2026 година.
Македонија
Градоначалникот на Центар, Герасимовски да одговори, каде отидоа парите за Работнички, прашува Мемов

Движењето ЗНАМ – За Наша Македонија на денешната прес-конференција потенцира дека недомаќинскиот однос на градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски го доведе кошаркарскиот клуб „Работнички“ во незавидна ситуација. „Долговите се големи, „Работнички“ има дури шест БАТ-процеси што се водат против „центарци“.
„Фактот дека управата и градоначалникот Герасимовски не успеваат да најдат начин за исплата на средствата пред стартот на сезоната, говори дека чистењето на финансискиот хаос во клубот е невозможна мисија. Прашање е дали „центарци“ ќе успеат да ги решат овие спорови пред БАТ-судот на арбитража на ФИБА“ рече портпаролот на Движењето, Никола Мемов.
Тој го запраша градоначалникот Герасимовски дали Центар полека ја губи својата гордост Кошаркарскиот клуб „Работнички“. „На што се должат овие долгови на клубот и зошто Герасимовски го дозволи тоа?
-Дали Работнички ќе мора да настапи со преполовена екипа во следната сезона и да игра со играчи од младинските категории? Колку пари се двојат од буџетот на општина Центар? Каде се потрошени издвоените пари за „Работнички“.
Мемов нагласи и дека реконструкцијата на салата на „Работничи“ е во застој и запраша дали причината е поради тоа што Герасимовски им должи на изведувачите. „Работнички“ додава тој, мора повторно да застане на здрави нозе, салата да биде завршена и претворена во модерен спортски центар, каде што младите од Центар ќе сонуваат за титули.
„Клубот да има стабилно финансирање и транспарентно работење со јасна стратегија и одговорно управување. Однесувањето на градоначалникот Герасимовски е недомакинско. Никој не смее да си игра со достоинството на „Работнички“ и на Центар. Храмот на спортот ќе биде изграден со помош на општествено одговорни компании кои го сакаат „Работнички“ и спортот. Имаме визија и план во кој ќе се вклучат истакнати поранешни и сегашни спортски работници и ентузијасти, вљубеници во кошарката и ќе придонесат најтрофејниот клуб на Центар да се издигне повторно на пиедесталот, каде што му е местото“, рече на денешната прес конференција портпаролот на Движењето ЗНАМ – За Наша Македонија, Никола Мемов.