Македонија
(Видео) Шахпаска: Законот за спречување и заштита од дискриминација е од големо значење за сите граѓани
Законот за спречување и заштита од дискриминација претставува важна алатка во усогласување на домашното со европското законодавство особено за земји како нашата кои претендираат да бидат дел од Европската Унија, истакна Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, на денешната јавна расправа пред второто читање на Законот, организирана од страна на Комисијата за европски прашања и Комисијата за еднакви можности во Клубот на пратеници.
Таа го потенцираше периодот наназад како период на вакум кога граѓаните немаат каде да ги адресираат своите проблеми.
„ Ова законско решение беше изгласано во 2018 година, кога тогашниот претседател на државата не го потпиша указот за негово прогласување и оттука повторно беше вратен во Собранието и пратениците го изгласаа. Заради процедурални пропусти во мај оваа година беше укинат од Уставниот суд“, рече Шахпаска.
Министерката посочи дека овој Закон регулира и избор на Комисија за спречување и заштита од дискриминација, која е независно тело составено од седум професионалци со седум годишно искуство од областа на човековите права и пет години во делот еднаквост и недискриминација.
„ Со овој Закон е предвидено не само Комисијата да дава препораки и мислење, туку доколку дискриминаторот не постапи согласно препораките да може да се покрене постапка пред прекршочен суд, а притоа пристапот на граѓаните за заштита на нивните права доколку процесот продолжи во судска постапка е на товар на Буџетот на државата“, истакна министерката.
Шахпаска новиот предлог закон за спречување и заштита од дискриминација го посочи како добро законско решение кое ги адресира сите основи на дискриминација , претставува усогласување со европското законодавство и усогласување со член 9 од Уставот според кој сите граѓани се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) Герасимовски: Бадник е ден кога ја негуваме традицијата и си подаваме рака едни на други
Градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски, на традиционалната прослава пред Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ упати порака за заедништво, солидарност и хуманост по повод Бадник и Божик.

„Во овие мигови да се потсетиме што си значиме и да си подадеме рака. Да помогнеме таму каде што е најпотребно. Верата и надежта да ни помогнат да се сплотиме и да станеме посилни“, порача Герасимовски.

Тој изрази благодарност до „Здружението за традиционална прослава на Бадник“ за одличната организација и посветеноста во чувањето и негувањето на бадникарските обичаи.

Со здравица и желба за среќни и радосни празници, на скопјани им се обратија новиот бадникарски кум Зоран Кондратенко и здравичарот Јаков Дренковски.

Во присуство на поглаварот на Македонската православна црква Охридска архиепископија, г.г. Стефан, беше извршен чинот на примопредавање на Бадникарскиот ќуп и се освети кумовата погача.

На присутните им беа поделени осветени дабови гранчиња, кои претставуваат симбол на сила, долговечност и издржливост.

Општина Центар и понатаму ќе ја поддржува бадникарската традиција како вредност што ги обединува граѓаните и го чува духот на празникот.
Македонија
(Видео) Пенов: Потребни се итни мерки за загадувањето во Скопје – само оџакот на Цементарница чади колку 10.000 станбени единици
На последната вонредна седница во Советот на Град Скопје посветена на загадувањето во главниот град и неговите причинители, советникот од ЛДП, Ристо Пенов, изјави дека тој, лично стравува дека и вонредната седница ќе помине како досега, во општи констатации и неверување дека нешто навистина може да се промени, додека искуствата во светот говорат дека големи промени се можни и тоа со не толку многу средства.
„Ние откако го донесовме заклучокот за Цементарница Усје, иако е тој премногу општ, се рашири еден дефетизам, ‘кој тоа може, чини многу’… па ние само да ги прашаме сопствениците на Цементарница Усје како им ги затворија во нивната држава цементарите и колку им платија? Кога ние ќе си ги поставиме условите што се потребни, тогаш тие самите се повлекуваат. Мора да почнеме од фактот дека во 2025 година никој со мал прст не мрдна за загадениот воздух во Скопје. Ниту градот Скопје, ниту институции, ниту владата, никој ништо не направи со било каков ефект и затоа е состојбата ваква каква што е“, изјави Пенов.
Тој додаде дека „мора да признаеме после последната прес конференција на Државниот инспекторат за животна средина дека таа институција не е сојузник во нашата битка, затоа што тие констатираа дека е сѐ во ред“.
„Неколку казни напишаа, не ни кажаа што и како нѐ загадило, од што да се штитиме… плус тоа, ни кажаа и дека не си ја работат работата. Конкретно, додека цело Скопје врие околу Цементарница, државниот инспектор бил во 2 инспекции во Цементарница, на 18.11 и на 20.12. Четириесет дена за 2 инспекции кога градот се гуши и кога сите факти говорат дека во Цементарница се гори и петрол бокс и увезено ѓубре од непознат квалитет, можеби со документи, но на нашата царина кој може да ѝ верува?“, прашува Пенов.
Град Скопје исто така има вработен инспектор за животна средина, кој бил во една инспекција на Цементарница, само на 18.11.
„Ние овде правиме вонредни седници, носиме вонредни заклучоци, тој не најде за сходно да нѐ информира што видел и што гледа кога оди во Цементарница. Или да побара совет, да му кажеме што да види. Затоа што не мора многу високо на Водно да се качи, гледате дека тој оџак чади колку 10.000 станбени единици што не можат да зачадат и формира еден црн талог, најпрво низ Лисиче и покрај реката Вардар, а потоа тоа се распоредува и во центарот на Скопје. И ние на тоа ќе молчиме и ние тоа ќе го прифатиме и ние само ќе констатираме низ некакви заклучоци; или сме и ние некаков орган, некаква власт и можеме нешто да преземеме или да се изјасниме и да побараме некој да го преземе што е надлежен во наше име“, вели Пенов.
Советникот Пенов посочува дека Советот исто така има и свои задачи кои сѐ уште не ги исполнува.
„На 25 декември донесовме Буџет и ставивме ставка „филтри за оџаци“. Имаме нешто преземено? Ќе речеме ај, краток период, празници, во ред. Но Скопје гори. Скопје е под пожар. Тоа можеби не може туку така да се набави, дури јас и не знам дали постојат такви филтри на домашниот пазар. Но, да преземеме нешто. Кој ќе ги монтира тие филтри? Тие луѓе што од социјални причини горат сѐ и сешто да стават филтри? Па да потрошат уште 1000-2000 денари за мајстор? Тоа е мисловна именка и тоа мораме ние да го направиме. И мора да определиме од таа сума колку за монтажа, колку за набавка?… да направиме тендер, сигурно треба, од Бирото итна набавка, да видиме кои типови филтри ќе ги набавиме“, вели Пенов и посочува дека времето ги гази и доколку сега се почне, за наредната зима нема да има некаков ефект.
Пенов заклучи дека „потребно е да се има волја за да се дискутира, но треба таа дискусија да има и некаков ефект, затоа што советниците во Советот на Град Скопје ги претставуваат граѓаните кои на нив им дале доверба за да ги променат работите, а не само да дискутираат“.
Македонија
(Фото) Ѓорѓиевски: Овој свет празник да ни донесе мир во душите и слога меѓу луѓето, заедно, со љубов и радост, да го дочекаме светлото Христово раѓање
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски денес присуствуваше на традиционалното одбележување на големиот христијански празник Бадник во Соборниот храм, каде во духот на верата и почитта кон вековната традиција се одржа свеченото делење на Бадниковите гранчиња.
„Им честитам на овогодинешниот кум Зоран Контраденко и на здравичарот Јаков Дренковски, со искрени желби за многу здравје, среќа, благосостојба и радост во нивните домови.
Нека овој свет празник нè обедини сите, да ни донесе мир во душите и слога меѓу луѓето, и заедно, со љубов и радост, да го дочекаме светлото Христово раѓање“, порача Ѓорѓиевски.

