Свет
Во Франција 12 милиони ученици тргнаа на училиште среде карантин
Речиси 12 милиони ученици, денеска, во Франција повторно тргнаа на училиште по кусиот распуст.
Враќањето во клупите се случува среде карантин воведен против епидемијата на коронавирусот и по убиството на наставникот по историја, Самуел Пати, кое ја потресе целата земја.
Сите просветни работници и ученици во Франција, денеска, во 11 часот, со едноминутно молчење му оддадоа почит на наставникот Пати, кој на 16 октомври беше убиен од исламист бидејќи на учениците им ја покажа карикатурата од муслиманскиот пророк Мухамед.
Премиерот Жан Кастекс денеска му оддаде почит на Пати во училиштето во кое тој работеше, на периферијата на Париз. Со него беше и министерот за образование, Жан-Мишел Бланк.
За разлика од карантинот воведен пролетта, овој што е во сила до 1 декември не подразбира затворање на училиштата.
Но, сите образовни институции се подложени на строги санитарни мерки, меѓу кои задолжително е носењето маски за децата од шест години, кои тргнуваат во прво одделение. Досега маската беше задолжителна за децата од 11 години.
Францускиот претседател, Емануел Макрон, утрово им се обрати на сите ученици на кои им порача дека ги поддржува.
„Ги следам вашите емоции по терористичките напади, од кои еден беше во вашето училиште“, рекол Макрон.
По убиството на Пати, во Франција имаше уште еден напад во црквата „Нотр Дам“ во Ница.
Од денеска пред 60.000 училишни установи патролираат полициски екипи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Зеленски верува дека војната со Русија може да заврши следната година
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека руската војна против Украина најверојатно ќе заврши во наредната година.
„Кога ќе заврши војната? Кога Русија сака војната да заврши. Кога САД ќе заземат посилна позиција. Кога глобалниот југ ќе застане на страната на Украина и ќе застане до крајот на војната“, рече Зеленски во разговор со претставниците на странските медиуми во Киев на третата меѓународна конференција за безбедност на храна, жито од Украина.
„Тоа нема да биде лесен пат, но убеден сум дека ги имаме сите можности тоа да се случи следната година“, ги пренесе неговите зборови новинската агенција „Укринформ“.
„Отворени сме за предлози од лидерите на африканските, азиските и арапските земји“, продолжи Зеленски.
„Би сакал да ги слушнам и предлозите на новиот американски претседател и мислам дека ќе ги слушнеме во јануари и ќе имаме план да ставиме крај на оваа војна.
Новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп, во текот на својата предизборна кампања повеќепати даваше до знаење дека сака да ја намали големата американска поддршка за Киев. Откако е избран веќе не вели дека во рок од 24 часа ќе стави крај на војната во Украина, што претходно го потенцираше.
Свет
Орбан го покани Нетанјаху да го посети без да биде уапсен, Борел реагира
Унгарскиот премиер, Виктор Орбан, го покани својот израелски колега, Бенјамин Нетанјаху, да го посети, потврдија од кабинетот на Нетанјаху.
Орбан вчера изјави дека го поканил Нетанјаху во Унгарија иако некои членки на ЕУ најавија дека ќе биде уапсен доколку стапне на нивна почва откако Меѓународниот кривичен суд (МКС) издаде налог за негово апсење поради војната во Газа.
Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика, Жозеп Борел, претходно изјави дека владите на земјите-членки на ЕУ не можат да изберат дали ќе ги извршат налозите за апсење издадени од МКС против Нетанјаху, поранешниот израелски министер за одбрана Јоав Галант и водачот на Хамас Ибрахим Ал-Масри за наводни злосторства против човештвото.
Сите земји-членки на ЕУ се потписници на основачкиот акт на МКС, т.н на Римскиот статут. Неколку земји-членки на ЕУ најавија дека ќе ги исполнат своите обврски од статутот доколку има потреба. Но, унгарскиот премиер Виктор Орбан го покани Нетанјаху да ја посети неговата земја, уверувајќи го дека нема да биде на никаков ризик ако го стори тоа.
„Државите што ја потпишаа Римската конвенција се обврзани да ја спроведат одлуката на судот. Тоа не е опционално“, рече шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел, за време на посетата на Кипар, каде што присуствуваше на работилница на израелски и палестински мировни активисти.
Соединетите Американски Држави ја отфрлија одлуката на МКС, а Израел потегот на судот го оцени како антисемитски.
„Секогаш кога некој не се согласува со политиката на израелската влада, тој е обвинет за антисемитизам“, рече Борел, чиј мандат истекува овој месец.
„Имам право да ги критикувам одлуките на израелската влада, без разлика дали е тоа Нетанјаху или некој друг, без да бидам обвинет за антисемитизам. Тоа не е прифатливо. Доста е“, посочи.
Свет
Путин потпиша нов закон, ќе им ги прости долговите на оние што ќе се пријават да војуваат
Рускиот претседател, Владимир Путин, потпиша закон за простување на долгот на воените регрути кои ќе се пријават да се борат во Украина, објави руската влада.
Законот предвидува простување на долгови до 10 милиони рубљи (95.835 долари) на секој што ќе потпише договор со Министерството за одбрана и ќе се согласи да оди да се бори во Украина во период од најмалку една година, почнувајќи од 1 декември.
Законот се однесува на сите потенцијални регрути против кои е започнато извршување пред 1 декември.
Русија го охрабруваше регрутирањето нудејќи доста големи суми пари, во некои случаи и неколку пати повисоки од просечната плата. Податоците на централната банка покажуваат дека Русите позајмуваат повеќе откако Кремљ нареди десетици илјади војници да се борат во Украина во 2022 година, дури и откако централната банка ја зголеми основната каматна стапка на 21 отсто во октомври.