Македонија
Стамов: Мицкоски ја носи партијата во бездна, бараме вонреден конгрес и негова оставка
„Мицкоски се бори само кога е во прашање неговата фотелја, а не и за интересите на членството на ВМРО-ДПМНЕ и граѓаните. Мицкоски кукавички одлучи да бега од изборно соочување во Штип, препуштајќи го без борба вмровскиот бастион на истокот. Неговиот повик за одложување на изборите не е ништо друго освен страв од сопствената неспособност и комплексите кои ги има од загубените битки со СДСМ“, рече Борче Стамов, член на Иницијативниот одбор за свикување вонреден конгрес на ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференцијата пред партиските простории.
„Мицкоски се откажа од борба за гласовите на разочараните неутрални гласачи и им ги препушти на останатите опозициски партии, порачувајќи им дека не може да се потпрат на него и на ВМРО-ДПМНЕ. Со тоа прави штета и на краток и на долг рок, слабеејќи ги позициите на партијата во наредниот период. Приватното обезбедување и семејната занимација со партијата не смеат да бидат пред интересите на членството на ВМРО-ДПМНЕ и граѓаните. Делењето пари по фантомски медиуми, отворањето кафулиња и богатењето на поединци не смее да биде поважно од судбината на активистите на партијата и граѓаните кои очекуваат подобра иднина“, додаде Стамов.
Членовите на Иницијативениот одбор порачаа дека партијата мора да закаже вонреден конгрес на кој ќе биде избрано ново раководство, а Мицкоски ќе ја напушти функцијата претседател на ВМРО-ДПМНЕ.
„Затоа Мицкоски мора да си замине. На ВМРО-ДПМНЕ не му треба лидер кој бега и не се бори. Тоа не го заслужуваат ни членовите, ни граѓаните. Тоа не е опозиција. Партијата не е хидроцентрала. Во момент кога постојат протоколи и кога цела Америка гласа, лицемерно е да се повикува на корона-пандемијата, а истовремено да се организираат протести додека членови на Извршниот комитет да тврдат дека короната не постои. Со секоја негова одлука и со секој изминат ден, станува сè појасно дека Мицкоски нема капацитет и дека партијата ја носи во бездна. Тоа мора да запре и ќе запре со одржување вонреден конгрес“, рече Стамов.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Каде завршила пченицата од стоковите резерви во вредност од 800 илјади евра во време на власт на СДС и дали, покрај Димковски, профитирал и Љупчо Николоски, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ
Според ВМРО-ДПМНЕ, со секој изминат ден криминалните структури на СДС се повеќе излегуваат на површина.
Случајот со државните стокови резерви, како што велат од оваа партија, ја покажа целата нечесност и криминогеност на кадрите на СДС, кои лична корист се спремни да го жртвуваат дури и лебот на народот.
„Во последната акција на истражните органи, заедно со уште четири службени лица, опфатен е Трајан Димковски, дел од раководните структури на СДС кој е поранешен министер и заменик министер за земјоделие, како и шеф на кабинет на Љупчо Николовски.
Димковски се товари дека во периодот од 2019-2021 година, заедно со другите службени лица, направил отпис на 2.000 тони пченица и јачмен од државните стокови резерви, во вредност близу 800.000 евра.
До владата, Димковски поднел записник дека има кусок на 2.000 тони јачмен и пченица од стоковите резерви за период од 2007 до 2021 година, а владините претставници како Филипче, Заев и Николовски го донеле заклучокот на владина седница.
Не само што не провериле пред да се донеси заклучокот на владината седница, туку истите овие лица знаеле дека нема законска основа да се зема предвид тој период, затоа што во 2019 година била извршена целосна обнова на складираната пченица и јачмен, а до 2019 се правеле редовни контроли каде не бил констатиран кусок“.
Со други зборови, појаснуваат од партијата на власт, пченицата била отпишана, иако постоела и била употреблива, а кусокот, веројатно, бил за периодот од 2019 до 2021 година.
Вреди да се напомни, додаваат од оваа партија, дека тој период се поклопува енергетската криза и со корона периодот, каде цените на храната вртоглаво растеа, и затоа јавноста заслужува да знае каде завршиле овие 2.000 тони јачмен и пченица.
Прашуваат, дали е точно дека завршиле на црниот пазар во некоја од соседните држави и дали и Љупчо Николовски, покрај Димковски и останатите, профитирал од овој криминал врз грбот на граѓаните, па за тоа сега е гласен во јавноста исплашен од одговорност.
„Граѓаните заслужуваат одговори, одговорност и целосно расветлување на случајот. Секој кој профитирал врз грбот на граѓаните да сноси одговорност и СДС да престане да ги брани криминалците од своите редови“.
Македонија
СДСМ: Владата намерно не бара екстрадиција на Груевски
Владата призна дека нема поднесено ново барање за екстрадиција на осудениот поранешен премиер и бегалец од правдата, Никола Груевски, велат од СДСМ.
Ова признание, според нив е директна потврда на сè што имаат кажано.
„Признанието го руши секој нивен изговор и ја открива вистинската врска меѓу ВМРО-ДПМНЕ и Никола Груевски. Владата на Мицкоски е заробена од бегалец од правдата, кој од туѓа држава диктира што треба да се случува во Македонија.
Од Будимпешта Никола Груевски е вистинскиот центар на одлучување во ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски е само негов извршител“.
Тоа како што додаваат од опозициската партија, се гледа и по политичките чекори кои ги презема, злоупотреба на државни институции во партиски цели, злоупотреба на полиција, АНБ, УЈП, инспекции.
„Напад врз независни институции, политичка хајка против опозицијата, меѓународна изолација, блокирани реформи, намалување на слободата на медиумите. Копија на матрицата на нивниот ментор Никола Груевски.
СДСМ ќе се спротивстави на овие обиди Македонија повторно да биде заложник на Никола Груевски и на ретроградни политики кои граѓаните ги поразија“.
Македонија
За хаосот со пензиите единствена вина има владата на Мицкоски која ги излажа пензионерите, велат од СДСМ
Владата на Мицкоски создаде тотален хаос со исплатата на пензиите, освен што ги излажа пензионерите сега се обидува вината да ја префрли на некој друг, велат од СДСМ.
„Ако власта на ДПМНЕ доставила во Собрание закон кој е неуставен не може некој друг да биде крив освен тие што го поднеле.
Прашањето е дали намерно ДПМНЕ им го направи ова на пензионерите?
Факт е дека методологијата за усогласување на пензиите ќе донесеше повеќе пари кај пензионерите а немаше да го доведе под прашање одржливоста на Фондот каде дупката е над 1 милијарда евра.
Дополнително, ДПМНЕ исклучи 12.000 пензионери од усогласувањата и зголемувањата на пензиите согласно Законот за пензиско и инвалидско осигурување“.
Во меѓувреме како што велат, има Одлука на Комисијата за заштита од дискриминација, која потврдува дека е сторена дискриминација и даваат рок за да направат измени на Законот кој се уште не е поднесен.
„Веќе има и судски тужби кои ќе ја чинат државата многу. Со катастрофално лошите политики на ДПМНЕ дупката во Фондот за ПИОМ е над 1 милијарда евра, односно толку пари државата ќе префрла за да можат да се сервисираат секој месец пензиите. Ова е реалноста а се друго е спин од страна на власта“, според СДСМ..

