Македонија
Филипче: Трансплантацијата е зрак на надeж за пациентите, нивните семејства и општеството
Министерот за здравство, Венко Филипче, вчера учествуваше на панел-дискусија на тема „Органодарителство – состојба и предизвици“, во организација на сопругата на претседателот, Елизабета Ѓоргиевска. Целта на панел-дискусијата е подигнување на јавната свест за дарување органи и развој на трансплантацијата во нашата држава. Покрај претседателот и првата дама, присуствуваше и националниот координатор за трансплнатација на органи и ткива, доц. д-р Маја Мојсова-Мијовска, како и координаторите за трансплантација на сите тимови.
Министерот Филипче истакна дека трансплантацијата е сфера која секогаш носи предизвици, бидејќи се изведува со мултисекторски и мултидисциплинарен пристап, а подигнувањето на јавната свест за органодонорство е можна само преку отворен пристап, преку споделување информации, како и со споделување на успешните приказни.
„Трансплантацијата е зрак на надеж не само за пациентите, туку и за семејствата на пациентите, за нивните пријатели, но и за општеството“, рече министерот Филипче.
Според д-р Маја Мојсова-Мијовска, национален координатор за трансплантација, органодарителството е општо прифатена и успешна метода на лечење, што го продолжува животот, го подобрува неговиот квалитет и е економски исплатлива, бидејќи, како што нагласи, чини многу помалку од сите други методи на одржување во живот на пациентите.
Во своето обраќање пред присутните, сопругата на претседателот д-р Ѓоргиевска истакна дека во исклучително тешки услови, кога фокусот на македонскиот здравствен систем е насочен во борбата со пандемијата на Ковид-19, во нашата земја годинава за првпат беше изведена трансплатација на срце, a се извршија и десет трансплантации на бубрези.
„Се разбира, предизвиците што доаѓаат со органодарителството и со трансплантацијата се навистина огромни, дури и за системи коишто се далеку посовршени од нашето здравство, но знаењето, подготвеноста, капацитетите и, пред сè, она што е најважно, ентузијазмот на сите оние коишто се вклучени во самиот процес, верувам дека и понатаму ќе резултираат со успех“, рече Ѓоргиевска.
На настанот, на кој присуствуваше претседателот Стево Пендаровски и студенти, членови на Македонската медицинска студентска асоцијација и Здружението на студенти по медицина, меѓу говорниците беше Маре Кежароска, којашто пред две години заедно со својот брат дала согласност да бидат донирани двата бубрега на нивната починатата мајка.
„Тешко е сознанието дека за твојот близок повеќе нема никаква надеж. Одлуката да донираш орган од твој близок, за којшто повеќе нема спас, воопшто не е тешка, затоа што знаете дека со сето тоа вие на некој му подарувате шанса за живот“, рече Кежароска.
Васил Огњановски, син на Иван Огњановски, на кого му беше трансплантирано срце во мај, на панел-дискусијата истакна дека свеста за органодарителството треба да биде на повисоко ниво и повеќе да не претставува табу-тема. Како што рече Огњановски, очекува што повеќе луѓе да го следат хуманиот гест на семејството на починатата Емилија Динева.
„Можам да кажам дека семејството Диневи не го чувствувам како семејство кое донирало орган, туку чувствувам како јас да сум роден во тоа семејство. Комуницираме речиси секој ден. Имав можност летото да го поминам кај нив. Тоа беше момент преполн со емоции на тага и на среќа. Немам зборови како да го опишам тоа. Благодарен сум на Господ што ми даде шанса да имам уште еден брат, уште една сестра, а можам да кажам дека и нивниот татко го чувствувам како свој втор татко“, рече Огњановски.
На панел-дискусијата д-р Сашо Дохчев, шеф на тимот за трансплантација на Клиниката за урологија, посочи на потребата за поддршка од Владата, Министерството за здравство, Фондот за здравство, но и од невладиниот сектор и медиумите за да се нагласи значењето на органодарителството и да се покрене свеста кај луѓето.
Своја презентација на панел-дискусијата имаше и д-р Сашко Јовев, кардиохирург, предводник на тимот којшто ја изврши првата трансплантација на срце во нашата држава, истакнувајќи дека тоа било резултат на неколкугодишна подготовка и стекнатото дотогашно искуство.
Своите искуства пред присутните ги сподели и д-р Кристијан Бундовски, специјализант по васкуларна хирургија, којшто беше дел од тимот што ја изврши првата трансплантација на срце, нарекувајќи ја ноќ што испиша историја во македонското здравство и утро коешто, за време на пандемијата, во целата држава внесе надеж.
„Нашата клиника буквално во секој момент е подготвена да направи трансплантација, за што треба сите да бидеме горди, бидејќи тоа покажува дека само со поставена цел и со макотрпна работа можеме да постигнеме многу повеќе од она што се поклонуваме пред Хипократ“, рече Бундовски.
Душко Ѓорѓиев, претседател на Здружението на бубрежно болни граѓани „Нефрон“, апелираше трансплантацијата во државата да се одвива со уште позасилено темпо и на пациентите на дијализа што побрзо да им се овозможи трансплантација на бубрег, бидејќи, како што рече, животот на дијализа е исклучително тежок, сложен и болен.
Данијел Тодоровски, претседател на Националното здружението „Храбро срце“, ја истакна потребата за унапредување на свеста за органодарителството.
„Ако 70 години се дарува крв и сега немаме проблем со крводарителството и со обезбедувањето крв за клиниките, ајде да почнеме да разговараме и за органодарителството, за можноста, за она што ние често пати знаеме да го кажеме – со една трансплантација на срце, ние, пациентите од ‘Храбро срце4, што сме со механичка поддршка, можеме да станеме како вас, да живееме нормален живот. Но треба да сфатите дека сите вие во истиот момент можете да бидете на моето место. Тогаш, кога ќе почнеме вака да размислуваме, да разговараме отворено за овие работи, ќе можеме да разговараме и за успешни органодарителски акции“, рече Тодоровски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Димитријевиќ: ДЕА доставила податоци до македонското и српското обвинителство за скандалот со 5 тони дрога
СДСМ веќе со денови предупредува на последните настани поврзани со најголемата заплена на марихуана во регионот: 5 тони дрога во соседна Србија, која потекнува од Македонија.
Ова е скандал од огромни размери кој го открива длабокиот криминал на актуелната власт предводена од ВМРО и Христијан Мицкоски, истакна на прес-конференција Александар Димитријевиќ – генерален секретар на СДСМ.
„Според неофицијални информации од медиумите во Србија, обвинителствата во Србија и во Македонија добиле клучни податоци од Американската агенција за борба против дрога (DEA).
Поради оваа меѓународна соработка, премиерот Мицкоски веќе една недела нема одговор на клучното прашање: како 5 тони марихуана успеале да ја преминат границата, да излезат од Македонија и да влезат во Србија?
Овој молк не е случаен, туку индикатор дека во тврдењата има вистина. Бидејќи фактите укажуваат дека без поддршка на структури во власта, МВР, Царината и други институции, ваква огромна шверцерска операција би била невозможна“.
Затоа, додава тој, е паниката во власта.
Како што вели, Ннместо да се соочат со фактите, тие водат медиумска кампања за дефокусирање на јавноста од енормните количини запленета дрога.
СДСМ бара итна, независна и транспаррентна истрага која ќе даде одговор на клучните прашања:
„Кој сѐ е вмешан и кој дозволил 5 тони дрога да поминат преку граница?
Дали Симе, од сликите со Мицкоски е исто така дел од мрежата?
Ова нема лесно да заврши! Сите ќе одговараат“.
Македонија
Општина Кисела Вода: Собирање на кабаст отпад, нова, постојана услуга за граѓаните
Општина Кисела Вода, преку Јавното комунално претпријатие „Кисела Вода 2022-Скопје“, започнува со самостојно и континуирано собирање на пријавен кабаст отпад на целата територија на општината.
До сега, според општината, оваа услуга се реализираше неколку пати годишно, во соработка со службите на Град Скопје, но од сега услугата ќе биде достапна континуирано, секогаш кога граѓаните ќе имаат потреба. „Пријавувањето за подигнување на кабаст отпад се врши на телефонскиот број:
070/288-897, од понеделник до петок, од 08:00 до 16:00 часот. Цената на услугата е 1500,00 денари.
По извршена пријава, екипите на ЈКП ќе го подигнуваат отпадот во рок од 24 часа. Потребно е да биде оставен пред куќата или зградата.
Собраните количини се транспортираат и соодветно се депонираат во ЈП „Дрисла“, согласно важечките еколошки стандарди.
Кабаст отпад кој може да се пријави: стар мебел, врати, прозорци, душеци, друг кабаст домашен отпад.
Отпад кој не се прифаќа: градежен шут, електронски отпад, гуми, опасен отпад (боја, хемикалии и сл.)
Правилното депонирање на отпадот е законска обврска“. Општина Кисела Вода апелира до граѓаните да придонесат кон одржување на чиста и уредна околина.
Македонија
Владата на Мицкоски не сака да ја покачи минималната плата на 600 евра, велат од СДСМ
Владата на Мицкоски не сака да ја зголеми минималната плата на 600 евра и директно ги остави работниците сами во борбата за гол опстанок, велат од СДСМ.
„По две години без реален раст на платите, над 200 илјади работници живеат сè потешко, додека вредноста на синдикалната кошница порасна на 66.000 денари. Животот поскапува, а платите стагнираат, тоа е суровата реалност на македонските работници.
Наместо да го прифати предлог-законот на СДСМ за минимална плата од 600 евра за сите ранотници, владата склучи селективен договор кој опфаќа само околу 10.000 административни службеници. Притоа беа целосно се игнорирани останатите јавни службеници и останатите илјадници работници во приватниот сектор.
Фактите се поразителни: околу 200.000 работници земаат плата под 30.000 денари. Тоа значи продлабочување на сиромаштијата, губење на достоинството на трудот и забрзано иселување на младите и квалификуваните луѓе“.
Минималната плата, нагласуваат од опозициската партија, мора да важи за сите – во јавниот и во приватниот сектор, во фабриките, конфекциите и малите компании. Селективни решенија и козметички договори не го решаваат проблемот.
„Решението на СДСМ е јасно, реално и изводливо. Минималната плата веднаш се зголемува за 50%, односно за 12.000 денари, и достигнува 600 евра. Тоа е мерка што директно го подобрува животот на работниците – сега, а не некаде во иднина.
Со ребаланс на Буџетот и со кратење на луксузот на власта – службени возила, мебел, патувања, кабинети, може да се обезбедат околу 200 милиони евра. Тие средства се доволни и за минимална плата од 600 евра и за поддршка на приватните компании, без да се загрози нивната ликвидност.
Но владата на Мицкоски ги извиси работниците и си го избра сопствениот луксуз“.

