Македонија
Османи на состанокот на министрите за надворешни работи на земјите членки на ПСЈИЕ
Mинистерот за надворешни работи, Бујар Османи, учествуваше на состанокот на министрите за надворешни работи на земјите членки на Процесот за соработка на Југоисточна Европа (ПСЈИЕ), во рамките на турското претседавање 2020-2021, во Анталија, Турција.
Шефовите на дипломатиите оваа година во рамките на овој регионален формат дискутираа на темата: „Начини на зацврстување на соработката во справување со пандемијата предизвикана од Ковид-19 и искуствата на земјите од ЈИЕ“.
„Како една од најстарите иницијативи, овој форум претставува клучен фактор за остварувањето на евро-интегративните аспирации на сите земји партнери, при што треба да се потенцира огромниот придонес на во обезбедувањето траен мир, стабилност и економски просперитет во земјите од Југоисточна Европа“, истакна Османи.
Како земја која се наоѓа пред самиот почеток на преговорите, додаде тој, особено ги цениме регионалните инцијативи кои и нам ни обезбедија јасна европска перспектива, што претставува дополнителен поттик за нас активно да продолжиме со придонес кон зацврстувањето на регионалната соработка.
Министерот во своето излагање ја реафирмираше потребата за силна европска и регионална соработка и солидарност при носењето заеднички и координирани мерки за превенција и заштита од пандемијата и нивна имплементација преку бројните регионални иницијативи, вклучително и Берлинскиот процес со кој оваа година копретседаваат Северна Македонија и Бугарија.
„Борејќи се против коронавирусот учиме една нова лекција – дека наместо изолација, неопходна ни е интеграција, заеднички да ги совладаме предизвиците на новото време“, нагласи Османи.
Во текот на денот, се очекува Османи да се сретне со министрите за надворешни работи на Србија и на Турција, министрите Никола Селаковиќ и Мевљут Чавушоглу.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Зимзоленд: Продолжуваме со работа, шпекулација е дека настанот ќе биде затворен
Од Зимзоленд велат дека продолжуваат со работа и дека информациите за неговото затворање се шпекулации.
„Во последните часови на одредени медиуми се појавија неточни информации и шпекулации дека Зимзоленд ќе биде затворен. Ве информираме дека ова не е точно. Зимзоленд продолжува да работи со редовно работно време“, се наведува во јавното соопштението.
Во него се додава дека е точно дека во претходните денови имало инспекциски надзори, но велат дека до надлежните служби била доставена целосната и потребна документација.
Македонија
Ѓорѓиевски најавува враќање на празничниот дух, на 15 декември почнуваат настаните на плоштад „Македонија“
На 15 декември почнуваат предновогодишните настани на плоштад „Македонија“.
„Градот Скопје со радост најавува дека годинава празничниот дух повторно се враќа на плоштадот „Македонија“. Со посебна атмосфера, богата програма и многу изненадувања за сите генерации, претстојниот настан го означува почетокот на новогодишните и божиќните празнувања во главниот град“, велат од Градот.
„ Ајде заедно да го осветлиме градот. 15.12.2025 во 18:00 часот. Почитувани скопјани, драги родители, најдраги дечиња, нашиот град е најубав тогаш кога свети од радост, насмевки и празнична магија. А сите ние – и младите, и возрасните ја заслужуваме таа топлина што ја носат Новогодишните и Божиќните празници. Затоа, со огромна радост ве поканувам заедно да го означиме почетокот на едно ново празнично поглавје исполнето со забава, музика, многу подароци и вашите омилени херои кои ќе ги израдуваат најмалите. На 15 декември, во 18 часот, на плоштадот „Македонија“, заедно со вас ќе го осветлиме градот и после неколку години ќе ја почувствуваме првата искра на празничниот дух. Веќе од наредниот ден, па сѐ до самата Нова година, ќе следуваат секојдневни настани и забави за сите генерации. А дочекот, ви ветуваме, ќе биде спектакуларен и незаборавен“, објави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Македонија
Притвор за скопјанецот кој насилно упадна во студиото на „Инфомакс“
Судот му определи притвор на 43-годишниот скопјанец кој вчера насилно упадна во студиото на „Инфомакс“.
Според информациите од МВР, полицијата поднесе кривична пријава по брза постапка против Г.С.(43) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела насилство и спречување на службено лице при вршење службено дејствие.
„Имено по претходна пријава од страна на А.М. водител на емисијата ‘Инфомакс’ и по преземени мерки од страна на полициските службеници извршен е разговор со оштетениот и сведоците на настанот, обезбедени се видео записи од безбедносни камери, извршен е службен разговор со пријавениот и документирани се заканувачки пораки од пријавениот кон оштетениот. Тој е изведен пред судија на претходна постапка при што му е изречена мерка притвор“, соопшти МВР.

