Македонија
ФИТР: Нови 4 алатки за дигитализација на општините – поефикасен и поотворен јавен сектор
Фондот за иновации и технолошки развој и УНДП успешно реализираа јавен повик за дигитализација на општините – пилот, чија цел е полесен пристап и поквалитетни услуги на локално ниво преку развој на дигитални алатки и решенија.
Избраното решение на компанијата Ентер од Охрид – Е-платформа LUCA E-LSG PLATFORM – ќе ги опфати алатките за Воспоставување електронски систем за наплата на давачките кон општината; Воспоставување систем за електронско плаќање сметки кон јавните претпријатија; Електронски систем на волонтери и онлајн платформа за општински форум. Платформата ќе биде изработена со јасни и разбирливи инструкции за користење, со цел да биде искористено од страна на различни категории граѓани од различни возрасни структури.
Дополнително, платформата е така креирана што нејзината инфраструктура ќе биде столб на идната потполна дигитализација на општинските услуги преку нејзино лесно и економично збогатување со нови сервиси за граѓаните и правни лица, униформност и стандардизација на работењето на општинските службеници, рационализација на трошоците и други предности.
На јавниот повик, реализиран во периодот 2.10 до 19.10 учествуваа 13 домашни компании, од кои 8 преминаа во фаза на финална селекција.
На отворањето на јавниот повик, директорот на ФИТР, Јован Деспотовски, истакна дека „дигитализацијата на јавниот сектор го отклучува потенцијалот за поголема ефикасност и поголем квалитет на услугите. Јавниот сектор така станува поотворен, потранспарентен во своето работење, а со тоа го затвораме просторот за ризик од т.н. ‘ситна’ корупција, со кој се соочуваат многу наши сограѓани секојдневно при потребата за користење на услуги од јавните службеници“.
Нарине Сахакјан, постојана претставничка на УНДП во земјава, најавува продолжување на поддршката за примена на иновации во јавниот сектор.
„УНДП е посветена на поддржување на иновации и дигитализација во различни сектори како начин за надминување на предизвиците создадени од Ковид-19 и за трансформирање на постоечките системи со воведување пофлексибилни и отпорни начини за пристапување до јавните услуги. Во таа насока е и нашата соработка со Фондот за иновации, за остварување на заедничката цел на зајакнување на иновациските активности во земјата, со посебен фокус на јавните услуги и зајакнувањето на соработката меѓу јавниот и приватниот сектор“, рече таа.
Одлуката за избор ја донесе Комисијата за евалуација и избор составена од претставници на УНДП, ФИНКИ, ФИТР и двајца претставници од општините. Степенот на технолошкиот напредок и степен на дигитализација, квалитет на проектот, капацитет на проектниот тим и влијание беа клучни критериуми за оценка на предлог-проектите.
УНДП ги обезбедува средствата за повикот – 4 милиони денари, а спроведувањето му е доверено на Фондот и ќе се врши со користење на успешно воспоставените процедури и капацитетите на ФИТР. Е-Платформата треба да биде изработена за максимум 30 дена и да биде имплементирана до крајот на годинава.
Избраните дигитални алатки во оваа прва фаза ќе се имплементираат во 5 пилот општини: Центар Жупа, Боговиње, Свети Николе, Прилеп и Куманово кои се селектирани преку Програмата за развој на Обединетите Нации (УНДП) насочена кон поддршка на државата за справување со ефектите од Ковид-19, како и спроведување брза и сеопфатна социоекономска анализа за ефектите од пандемијата и утврдување можности за побрзо опоравување на локално ниво.
Избраното решение исто така ќе биде целосно бесплатно достапно и за останатите единици на локална самоуправа од С Македонија, кои ќе изразат подготвеност за нивно имплементирање.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Сервисни информации
Преку денот сончево со мала до умерена облачност, утрото претежно ведро и наместа постудено
Времето денеска со претежно ведро и наместа постудено утро. Преку денот ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Попладне во планинските региони ќе има услови за краткотраен локален дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од западен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -1 до 7, а максималната ќе достигне од 16 до 23 степени.
Во Скопје ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со слаб ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 21 степен.
Во сабота попладне ќе има услови за локална нестабилност со краткотраен пороен дожд и грмежи. Потоа следува период на стабилно и топло време.
Скопје
Без струја делови од општините Петровец, Ѓорче Петвов и Сарај
ЕВН Македонија АД известуваат дека без електрична енергија денеска ќе останат делови од општините Петровец, Ѓорче Петвов и Сарај.
– во периодот од 08.30 до 14.30 часот, корисниците од с. Кожле, Тунел Катланово, с.Бадар (општина Петровец)
– во периодот од 09.00 до 11.00 часот, корисниците од дел од ул. 52 кон обиколница во Стопански Двор ( општина Ѓорче Петвов )
– во периодот од 09.00 до 11.00 часот, дел од корисниците во Сарај кај општината (општина Сарај)
Македонија
Сајкоски: Вчера докажавме дека Македонија не толерира некој да ја тероризира– граѓаните во нас препознаа луѓе кои ќе донесат правда во државата
„Вчера докажавме дека само заеднички, единствени како никогаш досега можеме да успееме. Можеме да успееме заеднички и да прегазиме секој противник, секој оној којшто прави штета на нашата држава и затоа ќе го снајде она што го снајде овој наш противник вчера. Ќе го снајде истото и на 8 мај. Голема победа на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Mакедонија“, голема победа на македонските граѓани и македонскиот народ. Почитувани кичевчани вие го покажавте револуционерниот дух. Тој никогаш не згаснал во вас. Покажавме дека можеме и дека ќе направиме се, дека имаме храброст, дека имаме елан да се спротивставиме и дека ние сме победнички расположени. Победнички за да ја донесеме Македонија онаму каде што и е местото Им дадовме јасно до знаење дека Кичевчани не толерираат повеќе изживување врз нив. Дека Македонија не толерира повеќе некој да ја тероризира! Ние не толерираме да лажат и крадат. Ние таквите ги казнуваме“, истакна на вечерашниот митинг во Кичево носителот на листата на пратеници на ВМРО-ДПМНЕ во ИЕ 5, Ѓорѓија Сајкоски.
Тој исто така повика на уште помасовна излезност на 8 мај за да се донесе историска победа за Македонија.
„Сакам исто така да ве повикам на 8 мај да излеземе во што поголем број и да донесеме историска победа на Македонија. Да донесеме историска победа за ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“, потенцираше Сајкоски.
Тој истакна и дека оваа е историска победа бидејќи граѓаните во ВМРО-ДПМНЕ препознаа луѓе коишто можат да ја донесат правдата во Македонија.
„Ние почитувани испишуваме историја. Испишуваме историја затоа што првпат од позиција на опозиција води некој политички субјект во Македонија со 180 илјади гласови. Испишуваме историја затоа што во нас препознаа македонските граѓани луѓе коишто се чесни, коишто се трудољубиви и луѓе коишто можат да ја донесат правдата во Македонија“.
Тој упати порака и до оние кои не излегоа на гласање дека ако сакаат да живеат во подобра Македонија треба да се придружат во големата победа на ВМРО-ДПМНЕ.
„Ако сме согласни дека треба да имаме подобро здравство, подобро образование, дека инфраструктурата во ИЕ 5 е катастрофална и дека треба да направиме комплетно нова, придружете се. Придружете се во голема победа за Македонија. Придружете се и само така, само единствени може да победиме и може да донесеме влада којашто никој не може да ја уценува и може да донесеме премиер што испорачува. Да испорача да имаме одлична инфраструктура, да бидеме први во регионот наместо последни и да направиме економски бум“, истакна Сајкоски и додаде:
„Поканете го секој, разговарајте со секој затоа што ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“ се политички субјекти којшто мислат добро за сите во Македонија. ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата го заслужува вашиот глас, бидејќи ВМРО-ДПМНЕ беше и остана браник на македонската државност“.