Економија
(Видео) Девет услови кои работодавачите мора да ги исполнат за да добијат финансиска помош од државата
Директорката на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска, ја објасни постапката за добивање на финансиска поддршка за работодавачите, за исплата на плати во октомври, ноември и декември 2020 година.
Таа посочи дека се аплицира преку системот за Е-даноци, најдоцна до 10 во месецот. Лукаревска посочи и девет услови кои секој работодавач мора да ги исполни за да му бидат исплатени средствата.
„Со Законот за финансиска поддршка на работодавачи погодени од кризата се овозможува исплата на плати за секој вработен, за месеците октомври, ноември и декември 2020 година во износ најмногу до 21. 776 денари. Постапката за добивање на оваа финансиска поддршка се остварува со поднесување барање за финансиска поддршка преку системот за Е-даноци на УЈП, најдоцна до 10 овој месец за октомвриската плата, а за другите исплати најдоцна до 10-ти во месецот за претходниот месец. УЈП по ова барање ќе одговори дали истото е комплетно или не, во рок од 3 дена од доставување на барањето.
„Доколку работодавачот добил потврден одговор од УЈП дека барањето е прифатено, тогаш во МПИН пресметката, за работниците за кои побарува финансиска поддршка, внесува шифра 5001. По обработката на образецот, УЈП го известува работодавачот за вкупниот износ на финансиската поддршка која ќе му биде исплатена за соодветниот месец“, кажа Лукаревска.
За намалени приходи од 30.01 процент до 40 проценти државата планира да врати до 14.500 денари по вработен. За намален приход од 40.01 процент до 50 проценти, планирани се 15.955 денари по вработен. За намален приход од 50.01 процент до 60 проценти, планирани се до 17.410 денари по вработен. За намален приход од 60.01 процент до 70 проценти, планирани се 18.865 денари по вработен. За намален приход од 70.01 процент до 80 проценти планирани се 20.320 денари по вработен. И за намален приход од над 80 проценти, износот за финансиска поддршка за исплата на плати изнесува 21.776 денари по вработен.
„Работодавачот кој освен финансиска поддршка за исплата на плата на работниците, има право да користи и мерка субвенционирање на социјалните придонеси и или данок на личен доход во полето 3.23 во полето од МПИН образецот ја внесува соодветната шифра за ослободување и истата ја користи со шифрата 5001. По обработката на податоците, УЈП ја информира Владата односно генералниот секретаријат за тоа кои работодавачи исполниле услови за финансиска поддршка, а Владата ги исплаќа средствата до 15-ти во тековниот месец за претходниот месец“, додаде Лукаревска.
Работодавачот ќе треба да врати 50 проценти од примената финансиска поддршка во буџетот на државата, по посебни услови предвидени во законот. Работодавачите кои ќе искажат негативен финансиски резултат нема да треба да ги враќаат средствата.
„Условите за добивање на финансиска поддршка се опишани во законот. Работодавачот потврдува дека ги исполнува во соодветното барање. Условите се остварениот приход на работодавачот во референтниот период од април до септември 2020 година да е намален за 30 проценти споредено со истиот период минатата година, за исплатата на плата за октомври, односно референтниот период од април до октомври 2020 година со истиот период во 2019 година за поддршката во ноември. Под број два, бројот на вработени во месецот за кој што се бара финансиската поддршка да е ист или поголем во однос на бројот на вработени заклучно со месец август 2020 година, со исклучок на одјавените работници согласно условите од овој закон. Односно, тоа е отказ од страна на работникот, пензионирање, смрт, престанок на работен однос по дисциплинска постапка, по судска пресуда или трајна неспособност. Под број три, работодавачот не исплатил и нема да се изврши исплата на дивиденда и награда за деловна успешност, или друг вид на деловна награда на вработените или органите на управување, барател на финансиска поддршка до денот на исплаќање на платата во месец декември 2020 година“, објасни Лукаревска.
Износот на финансиската поддршка по вработен ќе зависи од степенот на намалениот приход. Услови има и во делот на работниците за кои се бара финансиска поддршка. Работникот за кого се бара финансиска поддршка, нема остварено нето плата поголема од 39.000 денари за месеците јуни, јули, август или септември 2020 година, за секој месец одделно и сразмерно на часовите за сработено работно време. Под број пет, работодавачот не исплатува плата повисока од 120.000 денари за месецот за кој се бара финансиска поддршка на повеќе од 10 проценти од вкупниот број на вработени. За работниот за кој се бара финансиска поддршка, работодавачот не користи ослободување од плаќање на данок на личен доход и придонеси од задолжително социјално осигурување, согласно Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност односно од мерките од проектот ‘Македонија вработува’. Под број седум, работникот за кој бара финансиска поддршка не е работник пријавен на дополнително работно време. Под број осум, во годишната сметка и финансиските извештаи за годините 2017, 2018, 2019 година има остварено кумулативно, акумулирани добивки пред оданочување помали, односно поголеми од 600.000 денари, ако има повеќе од 2.000 вработени лица во месецот во кој користи финансиска поддршка. Последниот услов под број 9 е во времетраењето на финансиската поддршка и два месеци по месецот за кој е користена финансиската поддршка, нема да го намали бројот на вработени“, кажа Лукаревска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Директорката на УЈП не призна грешка во испратените решенија за данок од работа во странство, но повика секој што има доказ дека е платен, да го достави
Решенија за оданочување на доход од странство за 2020 година Управата за јавни приходи (УЈП) законски морала да ги испрати заклучно со 31 декември, е објаснувањето на директорката Елена Петрова за пристигнатите решенија кај граѓаните на само неколку дена пред Нова година во кои им бараат да си платат данок за доходот од странство иако многумина кажуваат дека данокот е платен во странската земја со која имаме меѓународен договор за избегнување на двојно оданочување. Директорката Петрова денес долго објаснуваше за решенијата за данок на доход од странство, но во ниту еден момент не кажа дека има решенија кои се испратени по грешка оти данокот бил платен во странската земја. Таа објаснуваше дека целата активност е обемна, вклучува вкрстување неколку бази и податоци, дека работеле по доставени известувања од банките и за секој поединечно проверувале дали доходот подлежи или не подлежи на оданочување кај нас.
Оние кои пред Нова година постапиле по решението и вторпат уплатиле данок оти такви насоки добиле и од вработените во УЈП кога се пожалиле, директорката Петрова рече дека ќе ги добијат средствата назад или пак ќе им бидат пресметани за некоја од следните години. И нив и оние кои се уште не постапиле по решенијата ги повика да достават докази во канцелариите на УЈП доколку данокот е платен во странската земја.
„Секако дека ќе бидат земени предвид сите докази. Ќе се утврди, зависно од меѓународниот договор доколку со земјата имаме склучено меѓународен договор, каде треба да се плати данокот, а каде треба да се изврши поврат или доколку е возможно платениот данок во странство да се прифати како даночен кредит па на уплатата што е извршена овде може да се изврши враќање или да се прифати за друг долг за следна година на соодветното лице“, реле директорката Петрова и објасни дека секој случај ќе се разгледува поединечно и даночниот обврзник ќе биде дополнително известен дали доставениот доказ се прифаќа или не.
Директорката Петрова не кажа конкретно колкав период имаат граѓаните за да достават докази за платен данок на доход од странство но јавно ги повика да го сторат тоа.
„Имајќи предвид дека граѓаните мора да се вратат и да обезбедат докази за пет години наназад, за работа што се случила пред пет години, а доказите ги обезбедуваат од странски земји ние ќе им овозможиме на граѓаните и дополнително да достават докази, еве во овој период повикани се граѓаните, јавно ги повикувам и сега сите што имаат и што може да обезбедат докази да ги достават до сите даночни канцеларии на УЈП. Ние ќе ги разгледаме тие докази и што може, ќе биде прифатено. Доставените решенија мораше да бидат донесени до 31 декември, тоа се аконтативни решенија и после врз основа на тие решенија и врз основа на, се разбира дополнително доставените докази, ние треба да преминеме кон коригирање на годишната даночна пријава за 2020 година, односно на конечниот данок за 2020 година. После тоа ќе следат оние постапки за наплата, значи се уште имаме период во кој граѓаните доколку имаат докази можат да ги достават“, објасни директорката Петрова.
За данокот на доход остварен во странство, директорката Петрова кажа дека УЈП испратило над 11.000 персонализирани известувања со секој граѓанин што се појавил во податоците. Утврдиле дека 6.600 граѓани од нив подлежат на оданочување. 2.200 граѓани сами поднеле пресметка за оданочување, а за 4.400 Управата донела решенија по службена должност.
Вкупно утврдениот данок изнесува 186 милиони денари или три милиони евра за 2020 година.
Директорката Петрова нагласи дека главна цел не е само да се соберат пари туку да се создаде даночна дисциплина.
„Јас апелирам граѓаните да си ги обезбедат во овој период што им е даден и доказите за другите години бидејќи ние ќе го утврдуваме данокот и за следните периоди од 2021 до 2025 година и редовно да си ги пријавуваат отсега натаму доходите остварени во странство. Нашата цел не е само тој данок да се утврди и плати туку и отсега понатаму да се воспостави ред и функционирање на системот“, рече директорката Петрова.
Доходот се пријавува по истекот на месецот до 10. во следниот месец освен доходите од плата и пензија кои што се пријавуваат до 31 март по истекот на годината
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,94% во однос на одлуката од 29.12.2025 година.
Од 06.01.2026 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 70,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 72,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 64,50 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 64,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 32,801 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95, ЕУРОСУПЕР БС-98 и ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се намалуваат за 0,50 ден/лит,.
Малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) не се менува.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се намалува за 0,848 ден/кг и сега ќе изнесува 32,801 ден/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување во просек: кај бензините за 1,200% кај дизелот за 1,395%, кај екстра лесното масло за 0,463% и кај мазутот намалувањето е за 3,841%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е за околу 0,0031% повисок од курсот на доларот.
Економија
До 1 милион евра помош од државата ќе добијат компании за истражување и развој, а 4.400 евра годишно по лице ќе добиваат компаниите со нови вработувања
За да ја намали невработеноста за 20 %, колку што бара од нас Европската Унија, Владата од овој месец нуди поддршка за компаниите со нови вработувања и за компаниите со истражувања и развој. Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши, поддршката од државата за компаниите заедно со измените на законите кои дозволуваат сезонски вработувања на невработени вработени, студенти и пензионери без да ги изгубат стекнатите права, очекува значително да се намали невработеноста во земјава.
„Од први јануари 2026 година почнува да се применува и Законот за финансиска поддршка на инвестициите кој претставува силен инструмент за поттикнување на економскиот раст, зголемување на конкурентноста и отворање на нови, квалитетни работни места. Со овој закон државата обезбедува финансиска поддршка за компании кои инвестираат, остваруваат раст на приходите и ја задржуваат стабилноста на вработувањето. Поддршката е насочена кон нови вработувања со повисоки плати при што компаниите може да добијат до 20% од исплатената нето плата односно до 4.400 евра годишно по лице како и значителна поддршка за истражување и развој до 50% од оправданите трошоци и максимален износ до еден милион евра“, рече министерот Дурмиши.
Поддршката од државата, според министерот, е охрабрување за трансформација на економијата кон поголема продуктивност и додадена вредност, а комбинацијата од двата закона вели дека е начин за сузбивање на сивата економија како и активна финансиска поддршка на формалната економија.
„Тоа е јасен сигнал дека државата создава стабилна, предвидлива и фер деловна клима со повеќе формални работни места за работниците и силна поддршка за компаниите кои инвестираат и придонесуваат за растот на нашата економија“, рече министерот Дурмиши.
Според податоците на Државниот завод за статистика, во 2024 година во земјава имало околу 694 илјади вработени, од кои приближно 85 илјади биле неформално ангажирани. Со олеснувањето за работно ангажирање сезонски работници министерот Дурмиши очекува 12.000 сезонски работници во земјоделството да бидат регистрирани за работата и околу 5400 непријавени работници во туризмот, угостителството и услугите. Очекувањата се вкупно 17.400 лица да бидат опфатени со измените кои според министерот носат корист и за работниците и за работодавачите. „Работодавачите добиваат флексибилност и поедноставна административна постапка, а работниците добиваат исплата по час, придонеси за пензиско и инвалидско осигурување, дополнителен придонес за задолжително здравствено осигурување во случај на повреда на работа или професионално заболување како и јасна правна заштита на нивните права. На овој начин воспоставуваме поправедни и потранспарентни услови на пазарот на трудот“, рече министерот Дурмиши.
Во првата фаза за сезонските работници се опфатени дејностите каде што анализите покажале дека сивата економија е најизразена – земјоделството, шумарството, рибарството, објектите за сместување, сервисните дејности за храна и дејностите во домаќинството.

