Регион
Најмалку 50 мртви во експлозијата на свадба во југоисточна Турција.ВИДЕО
Најмалку 50 лица загинале а други 73 се ранети во експлозијата на курдска свадбена свеченоста ноќта од 20-ти кон 21-ви август во југоисточна Турција, објави во неделата канцеларијата на гувернерот на покраината Газиантеп, истакнувајќи дека нападот најверојатно е чин на ултрарадикалната сунитска организација Исламска држава.
Според неколку различни извори за повеќето агенции, прелиминарните сознанија на истрагата укажуваат дека нападот во Бејбахче во округот Шахинбеј од покраината Газинатеп најверојатно го извела бомбашка самоубиец во моментот кога голема група од курдска свадбена прослава почнала да слави на улиците на градот, што е обичај во јужна Турција, особено во текот на летните месеци.
Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган го осуди овој напад велејќи дека Исламската држава е „најверојатниот сторител“.
„Оние кои не можат да се помират со она што е Турција и се обидуваат да провоцираат со злоупотреба на чувствителните етнички и конфесионални разлики нема да надвладеат“, порача Ердоган.
„Не постои никаква разлика меѓу PKK (забранетата Работничка партија на Курдистан), која минатиот месец уби 70 припадници на безбедносните сили, FETO (движењето на следбениците на имамот Фетулах Ѓулен кој живее во САД) кого Анкара го обвинува за неуспешниот пуч од 15-ти јули во кој загинаа најмалку 273 цивили) и извршителот на терористичкиот напад во Газиантеп – Daesh“, додаде турскиот претседател употребувајќи го арапскиот акроним за Исламската држава.
Ердоган рече дека целта на нападите како овој во Газиантеп е да се направи раздор меѓу различните етнички групи во Турција, како Арапите, Курдите и Туркмените и тој да се поттикнува по етничка и верска линија.
Премиерот Бинали Јилдирим во писмената изјава истакнува дека „Нашата болка е многу голема. Меѓутоа, секој треба да биде сигурен дека нашето единство ќе ги одбие сите зла, како и надворешните и внатрешните напади“.
Прокурдската Народна демократска партија (HDP), која се фокусира на статусот на Курдите во турската држава, во соопштение изјави дека свадбата која беше цел на нападот била на еден од нејзините локални членови и оти меѓу жртвите има жени и деца.
Претставникот на владејачката Партија на правдата и развојот (AKP), Шамил Тајар, исто така, претходно во саботата ноќта изјави дека првичните сознанија укажуваат дека нападот е најверојатно чин на Исламската држава.
Во октомври 2015 година, бомбаши самоубијци на Исламската држава убија најмалку 105 лица, вклучително и многу членови на HDP, на Републиканската народна партија (CHP), на левичарски и прокурдски движења, напаѓајќи го масовниот мировен митинг на главната железничка станица во Анкара, што е најсмртоносниот терористички чин изведен на турска територија во историјата.
На нападот во Газиантеп му претходеше седмица на повторно разгорување на судрите во југоисточните и источните турски покраини, во кои герилците на PKK убија најмалку 12 лица во одделни напади, главни полицајци и војници./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Србија прогласи вонредна состојба поради снегот: Илјадници домаќинства без електрична енергија
Србија утрово се разбуди под снег и мраз, а поради лошите временски услови, вонредна состојба е во сила во дури 11 општини и градови. Најголеми проблеми се прекините на електричната енергија, поради што повеќе од 6.000 домаќинства останаа без струја, пишува Н1 Србија.
Илјадници домаќинства без струја
Милорад Спасојевиќ од Секторот за вонредни ситуации потврди за РТС дека најголемиот проблем е прекинот на електричната енергија. „Околу 6.450 потрошувачи се без струја. Најлошо е во златиборската, колубараската, моравичката и мачванската област“, рече Спасојевиќ.
Цела Србија се разбуди со температури во минус. Најстудено беше на Копаоник, каде што беа измерени -17 степени, додека најниските температури меѓу градовите беа забележани во Кикинда и Сјеница, со -10 степени.
Според податоците од Републичкиот хидрометеоролошки завод (РХМЗ) од 6:09 часот наутро, во Белград, Ниш и Крагуевац се измерени -5 степени, а во Нови Сад -8 степени. На Црни Врх, каде што е регистрирана и снежна бура, температурата била -13 степени, а на Златибор -11 степени. По многу студеното утро, се очекува температурата да се зголеми на некои места во текот на денот.
Поради опасни временски феномени, утрово е во сила портокалова временска тревога за Белград, Бачка, Банат, Срем, Западна Србија, и Југозападна Србија.
Регион
Во Загреб падна замрзнат дожд
Поради најавените ниски температури и замрзнат дожд, за кои Државниот хидрометеоролошки завод издаде портокалово предупредување, постои ризик од формирање мраз на тротоарите и други површини во Загреб, објави Градот Загреб, пренесува Индекс.хр.
Градот известува дека возилата на Зимската служба на Загребските патишта превентивно ги посолуваат патиштата во областа на Загреб.
Градот Загреб апелира до сите учесници во сообраќајот, возачи и пешаци, да ги прилагодат своите движења на тешките и потенцијално опасни временски услови. На возачите им се препорачува да избегнуваат непотребно патување, да возат побавно со поголем растојание помеѓу возилата, да избегнуваат нагло сопирање и забрзување и да користат зимска опрема и соодветни гуми. Посебна претпазливост е потребна на мостовите, надвозниците и кривините.
Пешаците се повикуваат да бидат дополнително внимателни, да се движат побавно, да носат соодветни обувки и да избегнуваат замрзнати површини секогаш кога е можно.
фото/депозитфотос
Регион
Поплави во Драч: евакуирани 180 лица, поплавени околу 800 домови
Министерот за одбрана на Албанија Пиро Венгу го свика Комитетот за цивилни вонредни ситуации за регионот Драч поради поплавите, каде состојбата е најкритична. Според него, поплавени се околу 800 домови, а 180 лица се евакуирани.
Венгу информира дека сите надлежни структури се на терен и дека состојбата континуирано се следи, додека опасноста сè уште не е помината. Институтот за геолошки науки предупреди дека и денеска се очекуваат интензивни врнежи од дожд, со можност за дополнително зголемување на поплавите.
Фото: илустрација (ЕПА)

