Свет
Чавушоглу: Договорот за Нагорно-Карабах е голема победа за Азербејџан
Турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, упати честитки до Азербејџан за ослободувањето на неговите окупирани територии, а договорот за Нагорно-Карабах го нарече голема победа за Баку, пренесува „Анадолија“.
„Ќе продолжиме да го поддржуваме Азербејџан. Договорот е голем успех и победа за Азербејџан. Териториите, што се под окупација 30 години, се ослободени“, изјави Чавушоглу на прес-конференцијата во Анкара посочувајќи дека Турција е во контакт со сите страни за надзор на договорот за ставање крај на спорот во врска со Нагорно-Карабах.
Рускиот претседател, Владимир Путин, претходно објави дека Азербејџан и Ерменија потпишале договор за создавање на потребните услови за долготрајно и сеопфатно решение за долготрајниот конфликт во Нагорно-Карабах. Објавата за потпишувањето договор доведе до прослави во многу азербејџански градови, при што илјадници лица ги носеа азербејџанското и турското знаме пеејќи ги химните.
Претходно, и азербејџанскиот претседател Илхам Алиев порача дека договорот за Нагорно-Карабах, кој го потпишале Азербејџан, Русија и Ерменија, претставува воен пораз на Ерменија.
„Денес е завршен проблемот меѓу Азербејџан и Ерменија за Нагорно-Карабах“, изјави Алиев и додаде дека договорот на трите земји претставува последна точка во врска со решавањето на ова прашање.
Алиев потврди дека со договорот се запрени воените операции во регионот и дека Азербејџан и Ерменија ќе ги задржат позициите што сега ги контролираат.
Тој изјави дека на линијата на контакт во Нагорно-Карабах ќе бидат распоредени 1.960 руски војници во рамките на мировните сили, кои ќе располагаат со 90 оклопни возила. Руските мировни сили во регионот ќе останат пет години, а ако не дојде до жалба од една од страните најмалку шест месеци пред истекување на мисијата, нивниот престој ќе биде автоматски продолжен.
Алиев најави и учество на Турција во механизмот за надзор за спроведување на примирјето, која таа улога ќе ја извршува преку офицер во заедничкиот центар за надзор, во кој ќе биде и Русија.
„Турција официјално ќе учествува во решението на овој судир и во надзор на спроведувањето на примирјето. Сакам да ги пофалам напорите на Реџеп Таип Ердоган и претседателот на Русија, Владимир Путин, бидејќи тие во овие 45 дена вложија големи напори да се дојде до решението“, изјави Алиев.
Тој посочи и дека сегашниот договор не го третира статусот на Нагорно-Карабах.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Германскиот министер за внатрешни работи: Имаме интерес криминалците да ја напуштат земјата; Германија депортираше маж во Сирија
За прв пат од почетокот на војната во Сирија во 2011 година, Германија депортираше сириски државјанин во таа земја, соопшти денес германското Министерство за внатрешни работи. Медиумите јавуваат дека станува збор за 38-годишен маж кој бил осудуван неколку пати за тешка кражба и нанесување телесни повреди.
„Протераниот сириски државјанин беше предаден на властите во Дамаск утрово“, изјави портпаролот на министерството. Тој додаде дека депортацијата е извршена врз основа на договор со сириската влада. „Овој договор овозможува редовна депортација на осудени криминалци и лица кои претставуваат закана“, рече тој.
Од соборувањето на режимот на Башар ал-Асад во Германија, се води дебата за тоа дали бегалците од Сирија без изгледи за престој и интеграција треба да бидат депортирани во Сирија.
Христијанско-демократската коалициска влада на канцеларот Фридрих Мерц, која е на власт од мај, како една од своите главни цели ја наведе зголемената депортација на криминалци и опасни лица.
Министерот за внатрешни работи Александар Добриндт рече дека депортациите во земји како Сирија ќе станат норма. „Нашето општество има легитимен интерес криминалците да ја напуштат земјата“, рече Добриндт.
Фото: депозоитфотос
Свет
Полски аналитичари: Украина ја чека „леден мрак“
Украинскиот енергетски систем се соочува, како што се проценува, со еден од најтешките предизвици од почетокот на конфликтот, пишуваат аналитичарите на полскиот портал „Виртуелна Полска“.
Во анализата се наведува дека руските вооружени сили, според достапните проценки, акумулирале значителни резерви на дронови за напад, со намера да ги користат за време на врвот на студениот период, во последната недела од декември.
Според полските аналитичари, Русија складирала најмалку 2.000 дронови и се верува дека чека продолжени мразови за да започне масовни напади. Во текстот се наведува дека овие напади би можеле да започнат во моментот кога температурите ќе паднат на околу минус пет степени Целзиусови.
Експертите интервјуирани од публикацијата веруваат дека комбинираната употреба на околу две илјади дронови од типот Геран-2 би овозможила извршување на три до четири разорни бранови на напади, со минимални временски паузи меѓу нив.
Особено се истакнува ефектот на ниските температури врз оштетената инфраструктура. На температури под нулата, велат аналитичарите, оштетените компоненти брзо замрзнуваат, дефектите се случуваат во низа, додека тимовите за итни интервенции се физички ограничени во работата на отворено.
Во такви услови, се заклучува во анализата, дури и делумно нарушување на системот за воздушна одбрана би можел да доведе до долгорочни прекини во снабдувањето со електрична енергија, вода и греење, што би ги оставило украинските градови во услови на, како што се наведува, „леден мрак“.
Се потсетува дека претходно денес Министерството за одбрана на Руската Федерација објави дека руските сили извршиле масовен комбиниран напад врз објектите на украинскиот енергетски и воено-индустриски комплекс.
Фото: депозитфотос
Свет
Макрон: Го поддржуваме суверенитетот и територијалниот интегритет на Данска и Гренланд
Претседателот на Франција, Емануел Макрон, денес изјави дека во Нук ја потврдил „непоколебливата“ поддршка на Франција за суверенитетот и територијалниот интегритет на Данска и Гренланд.
„Гренланд им припаѓа на своите граѓани, а Данска е негов гарант. Се придружувам на гласот на Европејците во изразувањето на нашата целосна солидарност“, рече Макрон на Икс.
Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, на почетокот на својот втор претседателски мандат, во јануари оваа година, изјави дека има намера да го преземе Гренланд, наведувајќи ја како објаснување неговата стратешка позиција за безбедноста на Соединетите Американски Држави, додека Данска, која ја контролира таа арктичка територија во последните 300 години, одби да се откаже од Гренланд, пренесува Танјуг.
Трамп се обиде да го купи Гренланд за време на неговиот прв претседателски мандат, но данската и гренландската влада ја отфрлија таа понуда од 2019 година, потсетуваат медиумите.
Фото: депозитфотос

