Свет
Бајден го назначи својот долгогодишен соработник за шеф на кабинетот
Новоизбраниот претседател на САД, Џо Бајден, го избра долгогодишниот соработник Роналд Клајн за началник на канцеларијата на Белата куќа.
„Рон беше непроценлив соработник во текот на многу години во кои работевме заедно – вклучително и спасување на американската економија од еден од најголемите падови во нашата историја во 2009 година. Подоцна, во 2014 година, ја надминавме тешката јавна здравствена состојба“, рече Бајден во изјавата.
Тој посочи дека Клајн има богато искуство и способност да работи со луѓе, како што посочи, од широк политички спектар.
„Ова е токму она што му треба на шефот на кабинетот на Белата куќа кога се соочуваме со кризата и се обидуваме да ја обединиме нашата земја“, се вели во соопштението на Бајден.
Реагирајќи на објавата на преодниот тим Бајден-Харис, Роналд Клајн рече дека му е укажана најголемата чест, пренесува „Гласот на Америка“.
„ Ме трогна довербата што ми е укажана. Очекувам да им помогнам на избраниот претседател и на потпретседателот да соберат разновиден и талентиран тим на Белата куќа, кој ќе се бори да ја спроведе нивната амбициозна агенда за промени и ќе се обиде да ги надмине поделбите во нашата земја“, рече тој.
Клајн ќе биде постар советник на Бајден и треба да помогне во формирањето на водечкиот тим на идната американска администрација. Бил ангажиран како виш советник во кампањата „Бајден-Харис“.
Во рамките на американската администрација, од 2009 до 2011 година, тој работел како началник на канцеларијата на поранешниот американски потпретседател за време на претседателот Барак Обама кога Бајден беше потпретседател.
Исто така, во администрацијата на Обама тој го водеше тимот за борба против еболата во периодот од 2014 до 2015 година.
Списокот на советници на Бајден за транзиција е полн со експерти запознаени со проблемите со кои ќе се соочи избраниот претседател по преземањето на функцијата, јавува „Гласот на Америка“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Лукашенко помилува 123 затвореници во замена за укинување на американските санкции
Белорускиот претседател Александар Лукашенко помилува 123 затвореници како дел од договор со САД за укинување на американските санкции поврзани со увозот на белоруски калиумови ѓубрива, познати како поташа, јавија меѓународните медиуми.
Според информациите, ослободените лица се од различни националности и биле осудени по обвиненија кои вклучуваат шпионажа, тероризам и екстремизам.
Меѓу помилуваните е и Алеш Бјалијатски, основач на белоруската организација за човекови права „Вијасна“ и добитник на Нобеловата награда за мир за 2022 година, како и две истакнати опозициски фигури – Марија Колесникова и Виктор Бабарико, потврди американската амбасада во Вилнус.
Договорот бил постигнат по дводневни преговори меѓу Лукашенко и Џон Кол, претставник на американскиот претседател Доналд Трамп, објави Ројтерс.
Меѓу ослободените има и петмина украински државјани, соопшти украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој му се заблагодари на Вашингтон за посредувањето.
„Началникот на военото разузнавање Кирил Буданов презентираше детали за подготовката на специјална мисија за ослободување на нашите граѓани притворени во Белорусија. Благодарение на активната улога на САД и соработката на разузнавачките служби, околу сто лица, меѓу кои и петмина Украинци, сега се слободни“, напиша Зеленски на Телеграм.
Поташата е еден од најважните извозни производи на Белорусија и клучна суровина за производство на минерални ѓубрива, а санкциите кон овој сектор беа воведени од САД поради состојбата со човековите права во земјата.
Фото: depositphotos
Свет
Мерц: Носталгијата нема да помогне, ерата на Pax Americana за Европа е во голема мера завршена
Германскиот канцелар Фридрих Мерц порача дека ерата на американската доминација по Втората светска војна, позната како „Pax Americana“, за Европа во голема мера е завршена. и дека континентот мора да се приспособи на новата глобална реалност.
„Децениите на Pax Americana за нас во Европа, а со тоа и за Германија, во голема мера завршија. Носталгијата нема да промени ништо“, изјави Мерц, пренесува Ројтерс.
Тој нагласи дека САД сè појасно ги следат сопствените национални интереси, поради што и Европа мора да развие поголема стратешка самостојност.
Според Мерц, промените што се случуваат во меѓународните односи не се обични подеми и падови во сојузништвата, туку, како што рече, „речиси тектонски поместувања“ во глобалниот поредок.
Германскиот канцелар оцени дека Германија не мора повторно да се гради од почеток, но дека ѝ е потребна длабока модернизација, што не може да се постигне за кратко време.
Тој исто така порача дека Германија треба да создаде услови младите и иновативни луѓе да можат да се реализираат дома, без да мораат да заминуваат во Соединетите Американски Држави.
Изјавите на Мерц доаѓаат во период на засилени дипломатски напори поврзани со војната во Украина и идната улога на Европа во безбедносната архитектура, при што, според оценките на аналитичарите, Берлин настојува да заземе појасна и поавтономна позиција во однос на Вашингтон.
Фото: depositphotos
Свет
Германија домаќин на преговори за прекин на огнот во Украина
Германија викендов е домаќин на клучни дипломатски разговори за можен прекин на огнот во Украина, на кои учествуваат американски и украински делегации. Разговорите претходат на самитот што во понеделник ќе се одржи во Берлин со европски лидери и украинскиот претседател Володимир Зеленски, потврди германски функционер.
Од Вашингтон беше потврдено дека американскиот пратеник Стив Виткоф и зетот на претседателот Доналд Трамп, Џаред Кушнер, пристигнале во Германија, што се толкува како сигнал дека САД гледаат можност за напредок во мировниот процес.
Во понеделник, германскиот канцелар Фридрих Мерц ќе биде домаќин на самит со Зеленски и европски лидери. Средбата се одржува во услови на засилен притисок врз Киев да го прифати мировниот план на Вашингтон, кој, според нацртите, вклучува територијални отстапки, откажување од членство во НАТО и ограничувања на украинските вооружени сили.
Велика Британија, Франција и Германија во изминатите недели работат на измени на американските предлози.
Фото: pexels

