Контакт

Македонија

Оштетените штедачи: Нашите пари се во нечии џабови познати на раководните лица на Еуростандард банка

Објавено пред

Здружението на оштетени штедачи на Еуростандард банка обвинуваат дека надлежните во банката дозволиле со години да бидат доделувани кредити, без притоа да има навремена исплата на ратите за нив. Тие велат дека на крајот оштетени се токму тие – физички и правни лица депоненти на банката, чии средства, како што нагласуваат, им се украдени.

dobivaj vesti na viber

Единствено што остана по затворањето на банката се украдените пари на депонентите сместени во нечии џебови добро познати на раководните лица од банката, кои го оркестрирале овој голем криминал, и оправдувањата од Народната банка дека тие направиле сè што можеле, а сепак се случувал грабеж во континуитет повеќе години. И едните и другите се учесници во криминалот. Првите краделе, а вторите ги гледале како крадат и не направиле ништо конкретно за да ги спречат. На крајот, оштетени сме ние, физички и правни лица депоненти на Еуростандард банка чии лични средства ни се украдени.

Состојбата на Еуростандард банка на денот на нејзиното затворање, 12 август оваа година, говори дека во банката има 149 фирми со ненаплатливи и тешко наплатливи кредити во вкупен износ од речиси 55 милиони евра. Ниту една од овие фирми немала платено ниту една рата, а доцнеле со плаќање од неколку стотини до над 1.300 дена. Земени се кредити од стотици илјади до милионски суми во евра. Тоа што е најстрашно е обезбедувањето кај овие фирми. Имено, повеќето од нив имаат обезбедување во станбен и деловен простор, опрема, моторни возила, залог на трговска стока или земјоделско земјиште, чии проценети вредности најчесто се движат од 5 до 50 отсто од износот на кредитот. Според извештајот од стечајот на банката подготвен од стечајниот управник Душко Тодевски, во такви фирми со поголеми разлики меѓу износот на кредитите и делумното обезбедување се вбројуваат: „Екопластик рисајклинг“ ДОО од Скопје (доцни со исплата 803 дена), „Југотрејдинг ДН“ ДООЕЛ од Струмица (доцни со исплата 363 дена), „Багкоп“ (доцни со исплата 438 дена), „Повардарие шпедиција“ ДОО од Неготино (доцни со исплата 864 дена), „Ено-мак“ ДООЕЛ од Скопје (доцни со исплата 742 дена), „Агромел БВ“ ДООЕЛ од Струмица (доцни со исплата 985 дена), „Електроспој“ ДООЕЛ од Скопје (доцни со исплата 923 дена) и други.

Воедно, има и 60-ина фирми чии земени кредити се покриени единствено со меници како обезбедување, а има и кредити што немаат никакво обезбедување. Според извештајот на стечајниот управник, такви фирми се: „Атв Зеус“ (доцни со исплата 409 дена), „Тете-ем“ ДООЕЛ (доцни со исплата 438 дена), „Пинк флај“ ДООЕЛ од Струмица (доцни со исплата 438 дена), „Јанев трејд“ ДООЕЛ од Струмица (доцни со исплата 438 дена), „Зои пер компани“ ДООЕЛ од Скопје (доцни со исплата 347 дена), „Фероспектар“ (доцни со исплата 279 дена), „Бартон“ ДООЕЛ од Кавадарци (доцни со исплата 742 дена), „Фероцем плус“ ДООЕЛ од Струмица (доцни со исплата 348 дена), „ТП конта план ХТЦ“ од Струмица (доцни со исплата 742 дена), „Балкан метал“ ДООЕЛ од Скопје (доцни со исплата 530 дена), „ТРД ТВ-канал Вис“ од Струмица (доцни со исплата 620 дена) и други.

Вообичаено, банките бараат вредноста на обезбедувањето да биде повисока од износот на кредитот. Во нашата пракса најчесто покриеноста на кредитот со обезбедувањето е најмалку 120 % па нагоре во зависност од видот на обезбедувањето. Тоа значи приложено обезбедување во износ од 120 илјади евра во парични средства може да покрие кредит најмногу во износ до 100 илјади евра.
Праксата со обезбедувањата за издадените кредити од Еуростандард банка била обратна. Не само што се делеле кредити во стотици илјади или милионски суми во евра, кои никогаш не биле исплаќани, туку и обезбедувањето на тие кредити е далеку под износите и спротивно на интерните политики на банката, како и на воспоставената и регуларна пракса на банките во земјата. Па, така, сега кога Еуростандард банка е затворена, впаричувањето на обезбедувањата на така доделените кредити неможе ни од далеку да ја надомести огромната загуба на депонентите кои ги загубија своите пари со пропаѓањето на банката.

Раководните лица од банката заедно со избраните фирми, како и избран круг проценители, адвокати и други вмешани страни, го почнале, развиле и сработиле криминалот што траел со години. На сето ова Народната банка увидела и знаела, но слепо гледала и дозволила да се случува грабежот на нашите пари од депозитите на физички и правни лица. Резултатот од таквото однесување е познат денес. Среде пандемија, голема здравствена и економска криза, криминалците од банката, помогнати од замижувањето и недејствувањето на Народната банка, за време на нејзините вршени контроли, почнувајќи од 2013 година па наваму, нè оставија без нашиот личен капитал, имот, сигурност, здравје, живот, сегашност и иднина.

Уште на самиот почеток, веднаш по затворањето на банката, Народната банка се обиде и до некадае успеа да ја релативизира штетата кон депонентите што ги изгубија својот личен капитал и имот во банката. Па, така, гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска побрза да извести дека само 0,6 отсто од депонентите во банката нема да бидат обесштетени во целост. Свесно заборави да каже дека се работи за над 700 физички лица и семејства што загубија повеќе од 24 милиони евра лични пари доверени во банката за која самата гувернерка повеќепати јавно тврдеше дека е сигурна и безбедна како дел од банкарскиот систем во земјата и дека граѓаните не треба да се грижат за своите депозити. Воедно, гувернерката Бежоска заборави да каже и дека речиси 2.000 фирми ги изгубија своите депозити, останаа заробени во банката, а сите овие фирми се законски должни да работат единствено преку банкарскиот систем. Сè заедно, директно погодени повеќе од 2.700 семејства и уште најмалку 12.000 семејства на вработените во ограбените фирми.

Наша поучна лекција од овој криминал до сите други депоненти во банки е дека со вака поставен систем во земјата, само вие лично или Господ може да ве спаси од проневери и грабеж на вашите депозити. Доколку грабеж се случи или случува во следна банка, криминалците би си ги триеле рацете од направениот плен на вашите депозити, а Народната банка би се оправдувала дека направила сè што можела, но дека криминалците сепак биле појаки од нив.

Нашата борба за вистина и правда продолжува до конечната цел – одговорност за сторениот криминал на сите учесници во него и целосно враќање на нашите лични средства, на физичките и правните лица депоненти на затворената Еуростандард банка, се вели во соопштението на штедачите на Еуростандард банбка.



©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија

Од денес Безбеден град казнува, со три забрани за возење ја губите возачката дозвола

Објавено пред

На територија на Скопје, Куманово и Тетово и на коридорите 8 и 10 од денеска стартува имплементацијата на системот за автоматско санкционирање на сообраќајните прекршоци – „Безбеден град“. Во првата фаза системот ќе детектира четири типични сообраќајни прекршоци – непрописно паркирање, управување со брзина поголема од пропишаната, минување на црвено светло и управување на возило со изминат рок на важност на сообраќајната дозвола.

dobivaj vesti na viber

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски вчера подвлече дека системот Безбеден град не е за парично да ги оштети граѓаните, туку да спаси човечки живот плус. Тој воедно информира дека е донесен нов Правилник со кој е зголемен прагот на толеранцијата кон возачите во однос брзината на управување на моторно возило.

-Во изминатиот период имаше огромен број на забелешки затоа што во првичниот период немаше толеранцијата во рамки на опоменувањето на граѓаните и воведовме толеранција која што беше важечка во рамки на важечка легислатива од 6 км/ч кога управувате мотторно возило до 100, а над 100 тогаш 8км/ч. Правилникот кој е во надлежност на Министерството за енергетика, во консултација со екперти, професори, со луѓе од министерството за енергетика и од Министерството за внатрешни работи се измени овој правилник и стапи во сила во текот на вчерашниот ден со тоа што сега за брзини до 50км/ч останува како што беше и претходно, толеранција од 6км/ч. Тоа значи дека ако возите моторно возило таму каде што имаме знак од 30 км/ч, со 36км/ч камерата нема да ве евидентира за сторен сообраќаен прекршок, туку ќе ве евидентира од 37км/ч. Од 50 до 100 км/ч толеранцијата законски согласно новиот правилник е 9км/ч, тоа значи дека ако управувате моторно возило таму каде што е дозвилено до 50км/ч, со 51км/ч камерата ќе ве евидентира и ќе ви прати порака, односно ќе ве казни системот доколку управувате моторно возило со 60км/ч. Таму каде што имаме ограничување од 100км/ч а се управува возило со над 101км/ч моторно возило камерата ќе ве идентификува со толеранција од 12км/ч, значи таму би биле санкционирани доколку е дозовлено да речеме 100км/ч, а вие управувате на пример со 113км/ч. Овие толеранции се дефинирани во рамки на правилник под Министерството за енергетика и сметаме дека се апсолутно прифатливи се со цел овој систем да го заживееме се со цел да спасиме ден човечки живот повеќе, а притоа да ги увериме граѓаните дека целта не ни е казнување, туку целта ни е помалку повредени, помалку сообраќајни незгоди, помалку загуби на човечки животи – потенцира Тошковски.

Министерот во овој контекст најави и уште еден проект кој ќе се имлементира во наредните денови со поддршка на Македонски телеком.

-За сите овие прекршоци кои се сторуваат во рамки на толеранцијата, значи ако е забрането над 30км/ч од 30-36км/ч, ако е забрането над 50км/ч од 50-59км/ч ќе доставуваме информативна порака од страна на Министерството за внатрешни работи до секој еден граѓанин кој што ја пречекорил брзината со која што ќе им го привлечеме вниманието на граѓаните дека и покрај тоа што возат во рамки на законската толеранција која што е дозволена нема да има парична казна, односно нема да има прекршок, тие надминуваат над законски уврдената брзина со што доколку не дај боже било кој граѓанин управува моторно возило и стори сообраќаен прекршок со 55км/ч таму каде што е дозволено да се управува моторно возило максимум со 50км/ч и притоа повреди пешак со тешки телесни повреди, ќе одговара кривично – заклучи министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.

Од Министерството за внатрешни работи потенцираат дека „Безбеден град“ претставува една од најзначајните инвестиции во сообраќајната безбедност во последните децении и дека системот е насочен кон оние кои свесно ги кршат правилата, а не кон совесните возачи. Според нив, камерите не простуваат, но и не дискриминираат – секој прекршок се третира исто, без разлика кој е зад воланот.

Согласно законското решение за санкционирање на пречекорувањето на дозволената брзина, глобата ќе зависи од тоа колку километри на час над дозволената брзина некој вози. За пречекорување до 20 километри на час, глобата е 20 евра. за 20 до 30 километри на час над дозволената брзина според законското решение е предвидено да плати 45 евра глоба. За пречекорување на дозволената брзина од 30 до 50 километри на час казната е 300 евра и забрана да управува со возило од 3 до 12 месеци. За пречекорување над 50 километри на час глобата е 400 евра, 4 казнени поени и забрана за управување со моторно возило од најмалку една година. Во населено место, казните се построги и може да достигнат и 500 евра, со задолжителна забрана за управување.

За сообраќајниот прекршок минување на црвено светло, системот автоматски ќе изрекува глоба од 250 евра и забрана за управување со моторно возило од три до 12 месеци. Кривична одговорност е предвидена ако прекршокот предизвика опасност или сообраќајна незгода.

Ако се управува возило со истечена сообраќајна дозвола казната е 100 евра за возачот, а сопственикот на возилото ќе плати 250 евра.

За непрописно паркирање или запирање на забрането место предвидена е казна од 30 евра за стандардни прекршоци, 45 евра ако возилото го попречува сообраќајот и 50 евра ако е паркирано на место за лица со попреченост.

Доколку казната се плати во рок од осум дена, сторителот плаќа половина од износот. После овој рок мора да се платат 100 проценти од износот со можност за присилна наплата. Возач кој ќе добие три забрани за управување на моторно возило во рок од четири години, автоматски ја губи возачката дозвола. Повторно полагање е можно најрано после една година.

Прикажи повеќе...

Македонија

Облачно со повремени врнежи од дожд

Објавено пред

Времето денеска ќе биде претежно облачно со повремени врнежи од дожд, а на планините од снег. Пообилни врнежи ќе има во југоисточните делови од земјата (над 20л/м2). Поради спуштање на постудена воздушна маса од север, во текот на денот врнежите ќе преминат во снег во повисоките, како и во некои од пониските места. Ќе дува слаб до умерен ветер од променлив правец.

dobivaj vesti na viber

Минималната температура ќе биде во интервал од 1 до 7, а максималната ќе достигне од 3 до 8 степени.

Во Скопје, претежно облачно со повремени врнежи од дожд. Минималната температура ќе се спушти до 5, а максималната ќе достигне до 7 степени.

Во понеделник наместа ќе има услови за слаби врнежи од дожд и снег. Потоа во следните два дена времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Нови врнежи од дожд, а на планините од снег се очекуваат во четврток и петок. Дневната температура од вторник ќе биде во пораст.

Прикажи повеќе...

Македонија

ДОМ: Дислокација на цементарницата Усје преку јавно-приватно партнерство

Објавено пред

Зелената партија ДОМ предлага воведување на моделот „Зелен урбан трансфер“ како стратешко решение за дислокација на цементарницата, без никакви трошоци за државниот буџет, се наведува во соопштението на партијата.

dobivaj vesti na viber

Според ДОМ, досегашните тврдења дека дислокацијата на цементарницата е „невозможна мисија“ се резултат на застарени економски пристапи. Партијата посочува дека во светот веќе со години се применуваат модели со кои тешките индустриски зони се трансформираат во нови, еколошки урбани четврти, без директно оптоварување на државните финансии.

Клучот на предложениот модел е принципот „вредност на земјиштето наместо државен буџет“. Наместо државата да ја финансира дислокацијата, се предлага пренамена на земјиштето на Усје од индустриска зона (Г) во станбено-деловна зона (А и Б). Со ваквата одлука, вредноста на парцелата значително се зголемува, а инвеститорот, односно сопственикот, добива можност да развие модерен „Smart City“ комплекс. Приходите од продажбата на недвижностите, според ДОМ, би се користеле за изградба на нова, целосно еколошка фабрика на соодветна, подалечна локација.

Бидејќи процесот на дислокација може да трае од пет до седум години, од ДОМ бараат Владата и Министерството за животна средина и просторно планирање веднаш да воведат преоден режим во А-интегрираната дозвола, со најстроги еколошки стандарди. Меѓу барањата се итна инсталација на филтри од последна генерација за целосна елиминација на цврстите честички PM10 и PM2.5, како и системи за десулфуризација и денитрификација за намалување на емисиите на сулфур диоксид и азотни оксиди.

Партијата предлага и задолжително воведување на системи за вбризгување активен јаглен и вреќасти филтри, со цел целосна неутрализација на диоксините и фураните, нагласувајќи дека на тој начин ќе се спречи испуштање канцерогени материи во воздухот за време на транзицискиот период. Дополнително, ДОМ бара 24-часовен јавен дигитален мониторинг, при што податоците од оџаците би се емитувале во живо на веб-страницата на Министерството и на јавни екрани во општина Кисела Вода.

Во соопштението се осврнуваат и на решавањето на еколошкиот товар од ОХИС и Пеленица, при што се предлага чистењето на линданот да се финансира преку меѓународни развојни грантови и концесиски модели. Според ДОМ, приватен партнер би можел да добие право на стопанисување со исчистениот простор, во замена за целосна ремедијација на почвата.

Од партијата порачуваат дека Скопје заслужува чист воздух, а индустријата треба да се развива надвор од градското јадро. Со моделот „Зелен урбан трансфер“, како што наведуваат, сопственикот на „Усје“ добива нов капитал, а граѓаните – подобри услови за живот. Истовремено, преку новиот Генерален урбанистички план, градот би го насочил своето стратешко ширење кон нова, еколошки уредена четврт, додека би се намалил притисокот од прекумерна урбанизација и бетонизација во веќе преоптоварените централни и западни делови на Скопје.

Прикажи повеќе...

Најново

Македонија1 час

Од денес Безбеден град казнува, со три забрани за возење ја губите возачката дозвола

На територија на Скопје, Куманово и Тетово и на коридорите 8 и 10 од денеска стартува имплементацијата на системот за...

Свет17 часа

(Видео) Извлечени 51 лице заглавени на жичница на планината Улудаг во Турција

Технички дефект на жичницата на планината Улудаг, во близина на северозападниот турски град Бурса, предизвика блокирање на 51 лице кои...

Македонија17 часа

По реакции од граѓани, се чисти Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје

Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, информираше дека денеска градот е целосно мобилизиран во сеопфатна и темелна акција за чистење на...

Македонија18 часа

Скопјани бараат од Цементарница Усје да работи според еколошките стандарди

Еколошките активисти од иницијативата „Стоп за Усје“ и граѓани денеска протестираа поради загадувањето на воздухот и бараа од Цементарница „Усје...

Македонија22 часа

Во Кочани ќе се гради патека на бесконечност за загинатите во Пулс

Советот на Општина Кочани на вчерашната 9. седница едногласно ја поддржа иницијативата за изградба на спомен-обележјето „Патека на бесконечноста за...

Свет22 часа

Момче во Германија повлекло девојка под воз што доаѓал од спротивен правец, двајцата се мртви

Во Хамбург во четврток, две лица загинаа на метро станицата Вандсбек Маркт откако маж влечеше жена на шините пред воз...

Македонија23 часа

Од утре внимавајте, Безбеден град почнува официјално да казнува со суми од 20 до 500 евра и одземање на возачката дозвола

Од утре официјално започнува примената на системот Безбеден град, со што автоматското снимање и санкционирање на сообраќајните прекршоци влегува во...

Свет23 часа

Во текот на изминатото деноноќие, Русија извршила вкупно 1.019 напади врз Украина

Украинската противвоздушна одбрана соборила 64 од 85-те дронови што Русија синоќа ги лансирала, соопштија утрово Воздухопловните сили (ВВС) на Украина....

Свет24 часа

Државна секретарка од Црна Гора сакала да се самоубие поради секс скандал

Мирјана Пајковиќ, до неодамна државна секретарка во Министерството за човекови и малцински права на Црна Гора, поднесе оставка откако нејзините...

Свет2 дена

Нови откритија за Епстин и елитата: објавени документи за контакти со Бил Гејтс, политичари, принц – тврдел и дека цимерот во затворот сакал да го убие

Американското Министерство за правда објави нови милиони документи поврзани со случајот на Џефри Епстин, со што повторно се отворија прашањата...

Македонија2 дена

Заврши мониторингот за Македонија од страна на Советот на Европа, за Мицкоски тоа е историски момент и признание за нивото на демократија

Премиерот Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на тоа дека заврши мониторингот за Македонија од страна на...

Македонија2 дена

ССМ следната недела ќе го блокира Собранието: Пратениците ќе мораат на работа пеш и без патни трошоци, ќе ги удриме по џебот како тие нас

Прва институција која ќе ја блокираат работниците како продолжение на протестот за 600 евра минимална плата и зголемување од 100...

Свет2 дена

Кремљ: Путин се согласи на привремен прекин на огнот

Кремљ соопшти дека рускиот претседател, Владимир Путин, се согласил да ги запре нападите врз украинските градови до 1 февруари. Портпаролот...

Македонија2 дена

Левица: ДПМНЕ со 2,2 милиони денари ја почестиле фирмата на синот на антикорупционерката Ристовска

Само во 2024 година, во рамки на изборната кампања за претседателските избори, една од фирмите на синовите на Цвета Ристовска...

Македонија2 дена

Утре посебен сообраќаен режим во Скопје поради протестниот марш „Стоп за Цементара“

Утре, со почеток во 12:00 часот ќе се одржи протестен марш „Стоп за Цементара“ со траса на движење од пред...

Македонија2 дена

Изгласана Резолуцијата за затворање на постмониторинг дијалогот со Македонија: „Ова е потврда за напредокот на државата“

Во текот на јануарската сесија на Парламентарното собрание на Советот на Европа, на која учествуваат пратениците Иванка Василевска, Беким Ќоку...

Свет2 дена

Мишел го критикува Руте: Престани да бидеш американски агент и обедини го НАТО

Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, треба да престане да биде „американски агент“ и да го обедини расцепканиот воен сојуз...

Топ2 дена

Кривична пријава за „проневера во службата“ против претседател на ловечко друштво од Струмица

СВР Струмица до Основното јавно обвинителство Струмица поднесе кривична пријава против 41-годишниот Д.Р. од Струмица, поради постоење на основи на...

Свет2 дена

Стармер ја посети Кина, односите меѓу двете земји се зајакнуваат; Трамп: Она што го прават е многу опасно

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека е „многу опасно“ за Велика Британија да соработува со Кина, додека британскиот премиер Кир...

Свет2 дена

САД се закануваат со царини за увозниците на нафта за Куба: „Очекувам Куба наскоро да пропадне“

Американскиот претседател Доналд Трамп се закани со нови царини за земјите што испорачуваат нафта на Куба, засилувајќи го притисокот врз...