Економија
Заев: Буџетот ќе се полни од новите инвестиции и со договорите за јавно-приватно партнерство
Во насока на дополнување на изворите на буџетот за 2021 година, премиерот Зоран Заев ги наведе иницијативите за јавно-приватно партнерство за хидроцентралата „Чебрен“, инвестициите во ветерници за производство на струја со јачина од 30 мегавати во Богданци, во Гевгелија и во Свети Николе, како и во реализација на соларните електрани во Осломеј, со вкупен капацитет од 100 мегавати.
Заев истакна дека една од извесните инвестиции во форматот јавно-приватно партнерство е предвидена и за ТЕЦ „Неготино“ за нејзина трансформација во електроцентрала на хидроген.
Во делот на енергетиката премиерот Заев го најави и инвестицискиот проект на Владата за влегување со акционерски удели во гасната станица за производство на електрична енергија и во терминалот на течен природен гас во Александропулос – Грција за што е донесена одлука за формирање тимови за преговори.
Тој нагласи дека во насока на дополнување на изворите за буџетот се очекуваат инвестиции во ски-центарот на Попова Шапка, со дополнителна одлука за дали тоа ќе оди на продажба или со концесија, како и на туристичките објекти во Струга во сопственост на „Електрани на Северна Македонија“.
Како дополнителни можности, Заев ги наведе потенцијалите од приватизација на дел од акционерските друштва во доминантна или делумна државна сопственост и истакна дека во функција на развојот е предвидено до крајот на 2021 година да почне и да заврши постапката за продажба на „Македонска пошта“, исто како и на „Македонски железници“ и „Еврокомпозит“, фабриката за шински возила „Колска“, Тутунскиот комбинат – Прилеп, како и некои други компании во кои државата е сопственик или мнозински сопственик.
„Немаме намера да го продаваме акционерското друштво во државна сопственост ‘Електрани на Северна Македонија’. Тоа е компанија со големи и потенцијални ресурси, која остварува профит, од кој дел се инвестира во заштитата на животната средина како што е проектот со инверторите, во филтрите во РЕК ‘Битола’, во нова опрема и механизација за сопствените потреби за работа на енергетските ресурси на компанијата“, нагласи премиерот Заев.
Премиерот Заев додаде дека се очекува реализација на веќе најавените иницијативи, како што е легализацијата на автомобилите со странски таблички, од кои се очекува приход од 20-ина милиони евра, продажбата на земјоделското земјиште во сопственост на државата со гаранции дека земјиштето останува за земјоделско производство, ставањето во функција на финансискиот пазар на готовинските пари кај граѓаните што ќе добијат можност да вложат и во државни обврзници, како и дополнителни финансиски придобивки за државата и за инвеститорите од декриминализацијата на канабисот.
Како уште една придобивка од сите овие иницијативи за поголема диверзификација на изворите на финансирање на државата се очекува и намалување на даночната евазија, која се движи над 30 %, како резултат на борбата против сивата економија, со што се комплетираат мерките што треба да го овозможат рестартирањето на македонската економија во постковид-периодот и за раст како дел од стратешки планови и позиционирање за да покажеме дека тоа што го направивме на политички план можеме да го поткрепиме и со растечка економија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Мицкоски: Покрај новите проекти мораме да враќаме и долгови на претходната Влада, најголем дел од еврообврзницата, околу 700 милиони евра се за тоа
„Покрај тоа што ние градиме вакви објекти, градинки, училишта, сали, автопати, железници, ние ги враќаме и долговите на претходната Влада. Минатата година во јануари месец вративме 500 милиони евра еврообврзница која ја земала претходната Влада, a со дел од овие пари, 700 милиони евра, ќе вратиме друга еврообврзница која претходната влада ја земала пред 4 години“, рече претседателот на Владата Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање за новата еврообврзница во текот на неговата денешна посета на дограденото основно училиште „Блаже Конески“ во Аеродром.
„Ако се работи посветено, чесно, нема идеални услови се разбира, но покрај тоа што треба да се испорачаат проектите и да се изреализираат, треба да се вратат и долговите и на претходната Влада. Јас уште на крајот на минатата година кажав дека ќе биде тешка година, но план имаме и средствата се обезбедени“, дополни премиерот Мицкоски.
Тој посочи дека врвни светски компании се дел од заемодавателите на оваа еврообврзница кои што никогаш досега не се појавиле на Балканот. Исто така повтори дека најголем дел од таа обврзница, околу 700 милиони евра ќе бидат насочени кон враќање на стари долгови.
Економија
Николоски-Хрицова: Од март нова авиолинија Охрид – Братислава
Воведување на новата авиолинија Охрид-Братислава и подобрување на економските и трговски односи меѓу Македонија и Словачка беа тема на денешната средба помеѓу заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски и амбасадорката на Словачка, Ивета Хрицова.
Линијата Охрид-Братислава која се воспоставува од март оваа година преку авиокомпанијата „Визер“, ќе придонесе за подобра поврзаност меѓу двете земји, а во функција на развој на туризмот и бизнис секторот, потврдија двајцата соговорници.
Николоски истакна дека Владата посветува особено внимание на развој на ависобраќајот, а воспоставување на оваа авиолинија, ќе ги приближи економските врски меѓу двете држави.
На средбата беа потврдени добрите билатерални односи меѓу Македонија и Словачка, се разговараше за зајакнување на трговска соработка, политичките односи и поттикнување на деловната клима.
Николоски потенцира дека државата се наоѓа во силен инвестициски циклус во реализација на капитални проекти кои имаат регионална димензија и даваат огромен придонес во развој на регионалната соработка преку модернизација на транспортната инфраструктура.
Тој упати честитки за избор на амбасадорката, притоа изрази благодарност за досегашната соработка и ја нагласи потребата од интензивирање на таквата соработка во дејностите од заеднички интерес за двете земји.
Економија
Мицкоски: Речиси 225 милиони евра веќе се пренесени преку Развојната банка на домашните компании, а целосна реализација се очекува во првиот квартал годинава
Претседателот на Владата Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање за тоа како ќе се искористат преостанатите 250 милиони евра за домашните компании изјави:
„Досега се пренесени, практично преку Развојната банка, некаде околу 225 милиони евра од 250 милиони евра. Тоа е оној кредит кој што Владата, условно кажано, го субвенционира со каматна стапка од 1,95%, до три години грејс-период и до 15 години рок на отплата.“
Премиерот посочи дека целосна реализација на средствата се очекува во првиот квартал годинава.
„Очекувам набргу, во првиот квартал од оваа година, целосно да биде исцрпен. И заедно со средствата кои што банките сопствени ги инвестираат во развојните проекти на компаниите, го поддржуваат стопанството и економијата и на тој начин Македонија на инвестициската мапа е навистина водечка во регионот. Ако се има предвид дека растот во првата половина од 2025 година, па би рекол и целосно во текот на целата 2025 година, е двоцифрен број проценти. Споредно со истиот период во рамките, да речеме, на еврозоната, тоа е 2-2,5%. Така што, јас сум навистина задоволен од начинот на кој што овие средства се искористени“, објасни Мицкоски.

