Црна хроника
Судот ги чека писмените извештаи од вештачењата за злосторството кај Смилковци
Истражниот судија кој работел на случајот со петкратното убиство кај Смилковци сè уште не добил писмени наоди и мислења изготвени од вештите лица, соопштија од Основниот суд Скопје 1.
Од таму објаснуваат дека обдукцијата физички е завршена, но судот уште нема добиено писмен извештај.
„Истрагата е во тек, а за евентуално нови сознанија и детали во врска со овој настан, јавноста ќе биде благовремено известена“ се вели во соопштението на судот.
Од Институтот за судска медицина во неделата соопштија дел од првичните информации за овој случај. Според нив, жртвите не биле претходно малтретирани, не се забележани повреди пред и по настапувањето на смртта, убиените починале од огнострелните рани.
Кај сите жртви најдени се по неколку прострелни рани, во грбот, главата и градниот кош. Пронајден е само еден куршум во телата на егзекутираните, што ги потврдува сомневањата дека злосторниците употребиле оружје со голема моќност.
Во четвртокот вечерта кај езерото во атарот на скопското село Смилковци, беа убиени Александар Наќовски, Цветанчо Ацевски, Кире Тричковски и Филип Славковски на возраст од 18 до 20 години од скопската населба Радишани и 45-годишниот Борче Стефковски од село Црешово додека ловеле риба на езерото кај Смилковци. Сé уште не се познати мотивите за ова грозоморно злосторство.
Засега полицијата заплени црвен „опел“ од постаро производство увезен од странство за кои постојат докази дека бил на местото на злосторството, а е најден 10 километри подалеку од местото на убиствата.
Министерката во понеделникот соопшти дека убијците не ја промашиле целта, поради што сè погласни се информациите дека се работи за луѓе кои добро знаеле да ракуваат со оружје.
По вчерашните протести во центарот на Скопје организирани по повод петкратното убиство, денеска е мирно. Полицијата е распоредена насекаде низ градот, а од МВР велат дека засега немаат регистрирано нови инциденти. Во вчерашните протести петмина беа повредени, искршено беше полициско возило, билборди, а приведени беа 10 лица, од кои петмина малолетници. /крај/фф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Три жени пријавиле семејно насилство за 12 часа – приведени осомничени во Кисела Вода, Центар и Чаир
Во текот на изминатото деноноќие, во три одделни случаи на семејно насилство, три жени пријавиле дека биле физички нападнати од нивните партнери на подрачјата на Кисела Вода, Центар и Чаир.
Во првиот случај, пријавен на 12 февруари во 17:50 часот, полициски службеници од СВР Скопје извршиле службен разговор со П.Л. (45) од Скопје, откако било пријавено дека во неговиот дом ја нападнал својата 48-годишна вонбрачна партнерка. Случајот се документира и ќе следува соодветна пријава.
Во вториот случај, на истиот ден во 22:00 часот, на подрачјето на Центар, полицијата го привела Н.Ј. (52) од Скопје, поради сомнение дека околу 17:00 часот физички ја нападнал својата 32-годишна партнерка. По комплетирање на доказите ќе биде поднесена пријава.
Во трет случај, на 13 февруари во 04:40 часот, 35-годишна жена пријавила дека околу 01:40 часот, на подрачјето на Чаир, била физички нападната од нејзиниот партнер Б.С. (24) од Скопје. И за овој настан ќе биде поднесена соодветна пријава по целосна документација.
Од МВР информираат дека сите случаи се обработуваат.
Црна хроника
Пронајдени коски и парче облека во Скопје, полицијата истражува
На локација викана „Сулејманови ливади“ во село Горно Количани, скопско, биле пронајдени коски слични на човечки, а во близина и парче облека.
Случајот бил пријавен во СВР Скопје во текот на вчерашниот ден, по што на местото излегла увидна екипа која извршила преглед.
Од МВР информираат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на настанот.
Црна хроника
Пешак тешко повреден на Орце Николов, возило удри во 56-годишна жена
На улицата „Орце Николов“ во Скопје, 56-годишната Д.Д. од Скопје била тешко повредена откако во неа удрило патничко возило „опел“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Д.Ѓ. (46) од Скопје.
Несреќата се случила околу 13:00 часот, а повредите на жената биле констатирани во Градската општа болница „Св. Наум Охридски“.
На местото на настанот извршен е увид од екипа на СВР Скопје.

