Црна хроника
Разрешени 13 началници и командири во источна Македонија
Вкупно 13 началници и командири на полициски станици се разрешени од нивните функции поради пропусти во работењето, информираше министерот за внатрешни работи Гордана Јанкулоска.
Од должноста ослободени се началникот на СВР Штип, Ѕвонко Каширски, командирите на полициските станици во Штип, Свети Николе, Виница, Крива Паланка, Берово, Пехчево, Делчево и Македонска Каменица, началникот на криминалистичката полиција од Штип, началникот на УБК од Кочани и раководителот на одделението за криминалистички работи во Кочани.
„Би сакала да им порачам на сите оние што мислат дека ќе се затскријат зад некоја политичка припадност, професија или нивен ангажман во некоја институција, доколку има такви, дека ништо неможе да им помогне доколку направиле кривично дело, ќе одговараат и сите ќе бидат изведени пред лицето на правдата“, рече Јанкулоска.
На местото на Каширски времено е назначен Момчило Сталетовиќ, кој доаѓа од Бирото за јавна безбедност.
Разрешувањата доаѓаат по стартот на полициската акција „Детонатор“ во која беа приведени неколку десетици лица поради кражби, рекет, насилство и други криминални активности. /крај/со/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Топ
Несреќата кај Плетвар во која загинаа две лица се случила при претекнување, соопшти Обвинителството
Во врска со тешката сообраќајна несреќа што попладнево се случи на патот Прилеп – Росоман, во близина на Плетвар, дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Прилеп вечерва изврши увид на лице место.
Според првичните сознанија, до несреќата дошло при претекнување и судар помеѓу два автомобили што се движеле во иста насока. Од ударот две лица го загубиле животот, меѓу кои и возачот на едното возило, додека петмина се здобиле со повреди и биле пренесени во болниците во Прилеп и Кавадарци.
Јавниот обвинител издал наредби за прибирање на траги од местото на настанот, како и за сообраќајно и машинско вештачење на двата автомобили со цел утврдување на причините за несреќата. Врз телата на починатите ќе биде извршена обдукција, а кај преживеаниот возач ќе се испитува евентуално присуство на алкохол или други супстанции.
Надлежните институции продолжуваат со активности за целосно расветлување на околностите под кои се случила трагедијата.
Црна хроника
Двајца турски државјани уапсени на скопскиот аеродром со фалсификувани визи
Денеска околу 10 часот на скопскиот аеродром, полицијата ги приведе Г.М. и К.М., двајцата државјани на Република Турција.
При излез од државата, при извршена гранична контрола, било утврдено дека визите за Обединетото Кралство што ги приложиле биле фалсификувани.
Двајцата се задржани во полициска станица, а по целосно документирање на случајот против нив ќе биде поднесена соодветна пријава.
Топ
Двajца загинаа во сообраќајка кај Плетвар, петмина повредени
Денеска околу 17 часот на патниот правец Прилеп-Росоман, во близина на селото Радобил, се случила тешка сообраќајна несреќа помеѓу две патнички возила.
Во незгодата повредени се пет лица, од кои три се пренесени во болницата во Прилеп, а две во болницата во Кавадарци. Лекар констатирал смрт кај две лица, соопшти МВР.
Од 18 часот сообраќајот на овој потег се одвива по една коловозна лента со наизменично пропуштање на возилата.
Полицијата врши увид, по чие завршување јавноста ќе биде дополнително информирана за деталите од несреќата.

