Македонија
Медицинските сестри: Не е безбедно малолетни ученици да бидат ангажирани во ковид-центрите
Унијата на ЗМСТАС предводена од Здружението на медицински сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри „За нас“ реагираат на последната изјава и предлог-идеја на министерот за здравство, Венко Филипче, за можно ангажирање на учениците од четврта година од средномедицинските училишта во ковид-центрите како помош на медицинскиот кадар.
Ваквата идеја, според нив, не е безбедна за учениците и реагираат со цел оваа идеја да не прерасне во одлука.
„Сметаме дека во еден ваков период кога се носат мерки за зачувување на здравјето на учениците и се препорачува онлајн-настава со цел да се намали трансмисијата во училишните клупи, не е соодветна идеја малолетни ученици и недоусовршен кадар од средномедицинските училишта да биде впуштен директно во најголемите жаришта на оваа пандемија.
Ние, професионалците од сестринската професија, сметаме дека ризикот е многу голем. Во една за нас исклучително тешка ситуација со две медицински сестри на 30 пациенти, ангажманот на учениците како помош дополнително би ги отежнало работите, пред сè, поради ризикот и нивната безбедност и нашата одговорност за оние што треба да учат – практицираат, а ние треба да ги менторираме. Учениците, ако се заразат, можеби ќе поминат асиптоматски, но што е со нивните најблиски? Ако е ова решение недовршени кадри да нè надополнуваат, ги имаме четирите високообразовни институции за идните дипломирани медицински сестри, кои барем се полнолетни“, изјавуваат од извршниот одбор на Унијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ЗНАМ: Расте поддршката за Мирослав Лабудовиќ во Центар
Во пресрет на изборите, расте поддршката за кандидатот за градоначалник на Општина Центар, Мирослав Лабудовиќ, чија визија за инклузивен, развиен и современ Центар сè повеќе ги обединува различните заедници.
Денес, Лабудовиќ оствари две исклучително важни и конструктивни средби – со претседателот Миљазим Сакипов и Демократската партија на Ромите, како и со претставниците на Движењето за демократија, права и слобода (ДПС). На овие средби беше потврдена взаемната доверба, заедничката визија и определбата за општина што ќе биде пример за еднаквост, достоинство и меѓусебна почит.
„Нашиот Центар е пример за различност што обединува, и токму во таа различност е нашата најголема сила. За мене, тоа не е само политички став, туку лична определба. Верувам во Центар каде што сите – без разлика на вера, нација, возраст или социјален статус – ќе имаат еднакви можности да живеат подобро, да учествуваат во одлуките и да се чувствуваат вреднувани“, изјави Лабудовиќ по средбата.
Тој истакна дека во наредниот период, заедно со овие партнери, ќе работи на реални решенија што ќе го подобрат секојдневието на граѓаните: подобра инфраструктура, повеќе услови за младите, поддршка за образованието и вработувањето, како и вистинска интеграција на сите заедници во општинскиот живот.
„Центар треба повторно да стане место на доверба и заедништво, општина што слуша, почитува и делува – за секој граѓанин, во секое маало. Со оваа поддршка, испраќаме силна порака дека Центар може да биде симбол на современа, хумана и европска општина што ќе ги обедини луѓето околу доброто, а не околу поделбите,“ додаде Лабудовиќ.
Поддршката од ДПС и Демократската партија на Ромите е потврда дека визијата за Центар како дом на сите добива сè поголема сила и општествено признание. Таа е доказ дека заедништвото и почитта се темелите врз кои може да се гради вистинска иднина.
„Центар е наш заеднички дом. Со заедничка работа, љубов и искреност, ќе го направиме место на еднакви можности, достоинство и гордост за сите негови жители,“ порача Лабудовиќ.
Македонија
По шест децении ќе се гради нова амбуланта во Автокоманда
Министерот за здравство, Азир Алиу и градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски, денеска, во Министерството за здравство потпишаа заеднички договор за изградба на нова амбуланта во населба Автокоманда, што ќе функционира во рамки на Здравствен дом Скопје.
– Новата амбулантата ќе биде изградена на местото на постојниот дотраен и руиниран објект, што бил изграден непосредно по земјотресот во Скопје, во 1963 година. Изградбата на оваа амбуланта е добар пример за соработка меѓу централната и локалната власт, истакна министерот Алиу.
Општина Гази Баба и Министерството за здравство, согласно договорот ќе соработуваат во изготвување на потребната документација за основниот проект за изградба во сите фази и обезбедување проектна документација за што побрзо реализирање на овој заеднички проект.
Македонија
Села до Меџити: Не сум дел од власта туку сум спроти неа, не рамо до рамо туку лице в лице
Лидерот на едното крило на Алијансата за Албанците, Зијадин Села, преку објава на „Фејсбук“ одговори на излегувањето на Изет Меџити, нагласувајќи дека не е дел од ниту една влада и дека секогаш стои спроти власта, а не покрај неа.
„Во комуникација со мене — не. Не сум дел од Владата. Не стојам со тие што сакаат да ни ги одземат правата како народ“, напиша Села, додавајќи дека политичките успеси ги мери според тоа колку придонел Албанците да бидат порамноправни, а не според привилегиите на власта.
„Во парламентот ќе имаме работа со вас и со ВМРО, како и секогаш — власта на едната страна, јас на другата. Не рамо до рамо, туку лице в лице!“, порача Села.
Изјавата на Села следи откако Изет Меџити од ВЛЕН, прашан дали имало разговори во насока на приклучување на Села во власта, рече рече дека политичката сцена кај Албанците е измешана и дека комуницира со сите, додавајќи дека можно е да има турбуленции и понатаму.

