Берзи
На Волстрит нови рекорди на Dow Jones и S&P 500
На Волстрит во понеделникот индексите Dow Jones и S&P 500 ги достигнаа новите највисоки нивоа во историјата, додека индексот Nasdaq првпат од 2000 година се проби над психолошката граница од 5.000 поени, благодарејќи на преземањата во технолошкиот сектор.
Така, во понеделникот индексот Dow Jones зајакна за 0,86 отсто, на 18.288 поени, додека индексот S&P 500 се зголеми за 0,61 проценти, на 2.117 поени, а индексот Nasdaq за 0,90 отсто, на 5.008 индексни поени.
Пробивот на индексот Nasdaq над 5.000 индексни поени првпат од ткн „дот-ком“ криза на почетокот од 2000 година, е благодарение на преземањата во технолошкиот сектор. Најмногу, за 17 отсто, скокна цената на акцијата на „NXP Semiconductors“ откако оваа компанија најави дека ја купува „Freescale Semiconductor“, со што ќе биде создадена компанија вредна повеќе од 40 милијарди долари. Цената на акцијата на „Freescale Semiconductor“, така, скокна за речиси 12 отсто. Од „Hewlett-Packard“, пак, известија дека за 2,7 милијарди долари ќе ја купат компанијата „Aruba Networks“. Благодарејќи на надежите на вложувачите во нови аквизиции и раст на активностите, во понеделникот силно пораснаа и цените на акциите на технолошките гиганти како „Google“ и „Cisco Systems“.
Продолжен е и растот на индексите Dow Jones и S&P 500, што според аналитичарите се должи на надежите на инвеститорите дека американската централна банка Federal Reserve (Fed) нема да брза со зголемувањето на каматите, имајќи предвид дека растот на економијата забавува. Во понеделникот, имено, дека потрошувачката на Американците, која инаку сочинува две третини од економските активности, во јануари паднала за 0,2 отсто, по 0,3-процентниот пад во декември. Вклучувајќи ги податоците за падот на цените на горивата, потрошувачката, пак, реално пораснала за 0,3 отсто по 0,1 отсто пад во декември, што исто така не е импресивно за вложувачите.
„Растот на економијата забавува во првиот квартал, по силното второ минатогодишно полугодие. Повеќето заштеди на пониските цени на горивото граѓаните ги насочуваат во банките, а не на потрошувачката“, вели за Reuters Томас Костерг, економист „Standard Chartered Bank“.
Сигналите коишто доаѓаат од индустријата, пак, се нејасни. Според извештајот на институтот Markit, PMI индексот на активностите во февруари го достигнал највисокото ниво во последните четири месеци, додека според Институтот на менаџерите на порачките, ISM индексот на активностите се симнал на најниското ниво во последните 13 месеци.
По досега објавените макроекономски податоци во првите два месеца од оваа година, аналитичарите на „Morgan Stanley“, ја намалија процената за растот на американската економија во првиот годинешен квартал од 2,8 на 2,.3 отсто, а аналитичарите на „Macroeconomic Advisers“ од 2,3 на 2,1 отсто. Во вториот минатогодишен полугодишен период, американски бруто домашен производ (БДП) се зголемил за 3,6 отсто, а поради забавувањето на растот вложувачите се надеваат дека Fed одлуката за зголемување на каматите го одложиле за крајот на годината.
„Парите и натаму влегуваат на пазарот поради ниските каматни стапки, а иако акциите се поскапи, не се и прескапи“, вели Стивен Масока, директор во фондот „Wedbush Equity Management“ Истакнува и дека идните денови во фокусот ќе бидат макроекономските показатели, имајќи предвид дека објавувањето на кварталните деловни резултати на на компаниите се при крајот. Притоа најмногу внимание ќе привлече извештајот за вработеноста, кои ќе биде објавен во петокот.
Аналитичарите во анкетата на Reuters проценуваат дека во февруари бројот на вработените во САД е зголемен за 238.000, помалку во однос на 257.000 во јануари. „Во продолжение од седмицата може да се очекува пауза, имајќи предвид дека во петокот се очекуваат податоците за вработените, по коишто би можело да биде појасно што Fed ќе стори со каматните стапки“, вели Даглас Депјетро, директор во компанијата „Evercore“./крај/мф/сн.
Извор: Reuters
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Берзи
Доларот нагло падна, еврото зајакна
На девизните пазари вредноста на доларот во однос на кошницата валути драстично падна минатата недела, бидејќи инвеститорите сметаат дека поради забавувањето на инфлацијата во САД заврши циклусот на зголемување на каматните стапки од страна на американската централна банка. Индексот на доларот, кој ја следи вредноста на САД во однос на шесте најважни светски валути, потона минатата недела за 1,9 отсто, на 103,81 поен, што е најниско ниво од почетокот на септември.
Истовремено, доларот падна за 2,1 отсто во однос на европската валута, па цената на еврото достигна 1,0910 долари. Остриот пад на курсот на доларот уследи по објавувањето во вторникот дека стапката на инфлација во САД се лизна на 3,2 отсто во октомври, од 3,7 отсто во септември.
И низа други извештаи потврдија дека инфлацијата се намалува, што ја поддржа тезата дека ФЕД нема да има потреба дополнително да ја заостри монетарната политика. Од март минатата година, ФЕД ги зголеми клучните каматни стапки за 5,25 процентни поени за да ја ограничи инфлацијата.
Сепак, на последните две седници челниците на ФЕД ги оставија каматните стапки непроменети, па инвеститорите сметаат дека циклусот на зголемување на цената на парите е завршен, иако од ФЕД велат дека е можно дополнително заострување на монетарната политика.
Во наредниот период, движењата на пазарот ќе зависат главно од шпекулациите за тоа кога ФЕД би можел да започне со намалување на каматните стапки. На пазарот на пари се проценува дека првото намалување на каматните стапки на ФЕД би можело да се случи во мај следната година, а до крајот на следната година каматните стапки би можеле да се намалат вкупно за еден процентен поен.
Берзи
Светските берзи драстично паѓаат, можно е дополнително зголемување на каматите
На светските берзи цените на акциите нагло паднаа минатата недела поради растот на приносите на обврзниците и пораката на претседателот на ФЕД Џером Пауел дека централната банка може дополнително да ги зголеми каматните стапки. На Волстрит, Доу Џонс индексот минатата недела падна за 1,6 отсто, на 33.127 поени, додека S&P 500 се лизна за 2,4 отсто, на 4.224 поени, а индексот Nasdaq се намали за 3,2 отсто, на 12.983 поени.
На берзата негативно влијаеше растот на приносите на американските државни обврзници. Во петокот приносите на 10-годишните обврзници се пробија над нивото од 5 отсто за прв пат по 16 години. Ова може да влијае на каматите на хипотеките и автомобилските заеми, каматите на кредитните картички… Покрај тоа, повисоките приноси на обврзниците ја намалуваат привлечноста на акциите бидејќи на инвеститорите им нудат добри приноси без никаков ризик.
Во такви околности, инвеститорите се повлекуваат од поризични инвестиции, како што се акциите, и бараат засолниште за својот капитал во инвестиции кои се сметаат за побезбедни во несигурни времиња, како што е златото. Како резултат на тоа, цената на унца злато се движи близу највисокото ниво во последните два месеци, околу 1.980 долари.
Поради сето ова, инвеститорите не беа охрабрени ниту од кварталните деловни резултати, иако поголемиот дел од компаниите од индексот S&P 500, кои досега објавуваа извештаи, остварија поголема заработка од очекуваната.
И на европските берзи цените на акциите драстично паднаа минатата недела. Лондонскиот FTSE индекс се лизна за 2,6 отсто, на 7.402 поени, додека франкфуртски DAX потона за 2,5 отсто, на 14.798 поени, а париски CAC 2,7 отсто, на 6.816 поени.
Берзи
Колапсот на моќната американска банка ги потресе светските берзи
Минатата недела на светските берзи е забележан голем пад на цените на акциите, бидејќи поради високата инфлација централните банки ќе продолжат да ги зголемуваат каматните стапки.
Волстрит беше потресен и од колапсот на банката во Силиконската долина (SVB).
На Волстрит, акциите на Dow Jones паднаа за 4,4 отсто минатата недела, на 31.909 поени, додека S&P 500 „потона“ за 4,6 отсто, на 3.861 поен, а индексот Nasdaq за 4,7 отсто, на 11.138 поени.
Во февруари овие индекси значително пораснаа бидејќи инвеститорите се надеваа дека американската централна банка наскоро ќе престане да ги зголемува каматните стапки и дека конечната каматна стапка, која ќе го прекине циклусот на затегнување на монетарната политика, ќе остане под нивото од пет проценти. Но, последниве недели индексите изгубија најголем дел од тие добивки бидејќи се појасно е дека ова сценарио нема да се оствари.
Серијата неодамнешни податоци покажуваат дека побарувачката на пазарот на трудот е сè уште силна, па може да се очекува раст на платите и трошоците, што значи дека американската централна банка ќе продолжи да ги зголемува каматните стапки. Претседателот на Федералните резерви на САД, Џером Пауел, оваа недела изјави дека централната банка е подготвена да преземе повеќе чекори доколку идните економски податоци покажат дека се потребни построги мерки за ограничување на инфлацијата.
Ова предизвика страв кај инвеститорите дека централната банка ќе ги зголеми клучните каматни стапки за агресивни 0,50 процентни поени на мартовската сесија, додека неодамна се очекуваше зголемување од 0,25 поени. Затоа сега на пазарот на пари се проценува дека до септември каматните стапки ќе бидат зголемени во интервал од 5,50 до 5,75 отсто, додека сега каматните стапки се движат меѓу 4,50 и 4,75 отсто.
Негативно влијание на Волстрит имаше и колапсот на банката на Силиконската долина (SVB), најголемиот банкрот на американска банка од финансиската криза во 2008 година. Таа банка, која со години го финансираше технолошкиот сектор, беше под притисок бидејќи многу стартап компании почнаа да повлекуваат депозити. За да го собере капиталот, банката прво неодамна продаде постоечки обврзници, но со голема загуба, а потоа во средата објави план за продажба на нови акции за да собере 2,25 милијарди долари свеж капитал.
Но, тоа предизвика паника кај граѓаните и претприемачите, кои само во четвртокот повлекоа 42 милијарди долари депозити од банката, па банката денот го заврши со негативно готовинско салдо од речиси милијарда долари. Како резултат на тоа, регулаторот ја затвори банката во петокот и ја презеде контролата врз преостанатите депозити. И на европските берзи цените на акциите паднаа минатата недела.