Македонија
Царовска: Правиме целосна реформа на образованието за да создаваме генерации кои критички размислуваат
За да создадеме светски граѓани кои самостојно ќе носат одлуки врз основа на анализа и факти и ќе бидат движечка сила на нашето општество, потребно е целосно да го реформираме образовниот систем кој со години бил запоставуван и носен во погрешна насока, рече министерката за образование и наука Мила Царовска на панел дискусија „Едукација од која произлегуваат граѓани“, по повод неделата на Унијата, но и Светскиот ден на ученикот, организирана од Унијата на средношколци.
„ На реформите веќе работи група во која освен БРО и МОН се вклучени експерти, професори, наставници, претставници од граѓански организации и тие го осмислуваат новиот концепт. Реформираниот начин на образование очекувам да го стартуваме од идната учебна година во основното образование. Овој концепт ќе биде прилагоден на современите светски трендови. Забрзано работиме на дигитализацијата. Короната само ги забрза овие процеси кои се неминовни и од кои неможеме да избегаме, туку напротив ќе продолжиме да ги користиме и во времето после пандемијата како поддршка во наставата“, рече Царовска.
Министерката објасни дека освен на осовременување се работи и на една друга димензија, а тоа е искоренување на стереотипите во наставните материјали нешто што со години се провлекува во учебниците.
„Толеранција и концептот за едно општество се учи од најмала возраст, токму затоа концепцијата за ова и за новата наставна програма за основно образование ќе ги адресира и овие прашања, многу јасно и недвосмислено, заради тоа што почитувањето, треба да го научат учениците и во училиште. На овој начин создаваме идни генерации коишто ќе се почитуваат и ќе ги надминуваат разликите “, рече Царовска.
Како долгогодишна активистака за јакнење на родовата еднаквост, Царовска истакна дека силно ќе се залага на раководни позиции во образованието да има што повеќе жени.
„Се уште силно и посветено треба да работаме на родовата еднаквост и застапеноста на жените на сите одлучувачки места, но и на промена на наставните содржини и создавање на нови во кои ќе се промовира родовата еднаквост “, истакна Царовска.
Министерката рече дека младите се многу важен партнер на министерството во креирањето на сите политики поврзани со нив. За таа цел е формирана работната група МЛАДИ- МОН.
„Целта на оваа работна група е да ги вклучиме младите во сите активности поврзани со креирањето на младинските политики.
Младите ни се важен партнер во носењето на сите клучни одлики кои се поврзани со нив, образованието, ученичкиот и младинскиот стандард. Со слушањето на мислењата на младите и иницијативите кои ќе произлезат од нив, верувам дека заеднички ќе направиме многу за подобрување на условите за живот и образованние на младите во Северна Македонија“, рече Царовска.
На панел дискусијата учествуваа амбасадорот на делегацијата на ЕУ – Дејвид Гир, претставничката на УНИЦЕФ Патриција Ди Џовани и претседателот на Унијата на средношколци.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ реагира: Ако СДСМ не ја краделе државата, минималната плата денес ќе беше и повисока
Предлог-законот на СДСМ за минимална плата од 600 евра е доказ дека доколку не ја краделе државата додека биле на власт, работниците денес ќе имале и повисока минимална плата, соопштуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата наведуваат дека СДСМ денес поднеле предлог-закон со кој се предвидува минимална плата од 600 евра и дека во истиот навеле дека за таа мерка се потребни околу 7,5 милијарди денари, односно околу 110 милиони евра, но не објасниле од каде би се обезбедиле тие средства.
Според ВМРО-ДПМНЕ, добрата страна на предлог-законот е што, како што велат, покажува дека СДС имале можност во минатото да ја зголемат минималната плата и до 600 евра, но тоа не го направиле.
Во реакцијата се наведува и дека доколку не била дозволена злоупотреба на околу 170 милиони евра државни пари за набавка на, како што велат, канцероген мазут со кој бил загадуван воздухот, работниците денес можеле да имаат и повисока минимална плата, можеби и од 700 евра.
Од ВМРО-ДПМНЕ дополнуваат дека СДСМ и ДУИ, според нив, наместо да работат во интерес на граѓаните, гледале како да ја ограбат државата и да си ги наполнат сопствените џебови.
Македонија
Променливо облачно со повремен дожд: снег на планините и заладување во недела
Утре времето ќе биде променливо облачно, со слаб повремен локален дожд, а на планините и на повисоките места со слаб снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од променлив правец. Минималните температури ќе се движат од 0 до 6 степени, а максималните од 7 до 11 степени.
Во Скопје ќе преовладува променливо облачно време со повремен слаб дожд. Минималната температура ќе се спушти до 5 степени, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Во наредните денови продолжува периодот на променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, а на планините од снег. Пообилни врнежи се очекуваат во недела, кога дождот ќе преминува во снег и во дел од пониските места.
Македонија
Јаневска: Македонија доби 8,2 милиони евра од ЕУ за спроведување на ЕРАЗМУС програмата во 2026 година
За спроведување на ЕРАЗМУС + програмата на Европската комисија наменета за образование, обука, млади и спорт, Македонија годинава доби најголем буџет откако во истата учествува како програмска земја. Со речиси 8,2 милиони евра ќе се финансираат заеднички проекти на македонските образовни установи, институции и граѓански организации со партнери од земјите во ЕУ, како и кратки истражувачки и студиски посети.
Можностите за вмрежување, приоритетните области, постапката за изработка и роковите за аплицирање со проекти денес беа претставени на конференција на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Во присуство на ректори на јавните и приватните високообразовни установи во државава, претставници на училишта, граѓански здруженија и други потенцијални корисници на средства во рамки на ЕРАЗМУС програмата, се обратија претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, министерката за образование и наука Весна Јаневска и директорката на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Ана Михајлов.
На конференцијата беше посочено дека во фокусот на програмата се младите, односно јакнење на нивното знаење и вештини во границите на ЕУ, со кои потоа ќе придонесат за развој на сопствената држава.
Министерката Јаневска смета дека и оваа година ќе има ефикасна искористеност на можностите, затоа што државата има зајакната законска основа во која задолжителни компоненти се мобилноста, европската димензија и меѓународната соработка, зајакнати се и капацитетите на Националната агенција каде има ново раководство и добра внатрешна структура, а воедно и МОН како национален авторитет ги засилува механизмите за контрола на целиот процес за спроведување на програмата ЕРАЗМУС.
Таа ги повика заинтересираните кандидати да ги разгледаат можностите и со свои проекти да аплицираат на повиците за распределба на средства, што Националната агенција ќе ги објави на 19 февруари, односно на 5 март.
Македонија е дел од ЕРАЗМУС програмата уште од нејзиното воведување од страна на Европската комисија во 2014 година, кога буџетот изнесуваше 3,5 милиони евра.

