Економија
(Видео) Шахпаска ги претстави буџетот и приоритетите на Министерството за труд во 2021
																								
												
												
											Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, денеска, на прес-конференција на Владата, го презентира предлог-буџетот за 2021 година на Министерството за труд и социјална политика.
Вкупниот буџет на Министерството за труд и социјална политика за 2021 година е проектиран на 53.183.958 илјади денари.
„Како и целиот свет, и ние сме соочени со здравствената и економската криза што ја предизвика пандемијата на Ковид-19 и затоа буџетот за наредната година е проектиран во насока на надминување на негативните последици.
Зачувување на секое работно место, поддршка и олеснет пристап до гарантирана минимална помош за најранливите категории граѓани, изградба на објекти за деца во предучилишна возраст и ран детски развој, објекти за социјална заштита, поддршка на активни мерки за вработување, редовна и навремена исплата на пензии, продолжување со процесот на деинституционализација и започнување со децентрализација на социјалните услуги се областите во кои ќе се трошат средствата од буџетот на Министерството за труд и социјална политика“, рече Шахпаска.
Таа информира дека за капитални инвестиции за в година предвидени се 100 милиони денари, од кои за градежни објекти 93.900 илјади денари, а за опрема обезбедени се 6.100 илјади денари.
„За изградба на нови и за завршување на веќе почнатите градинки предвидени се 67.650 илјади денари. Преостанатите средства се за објекти за социјална заштита: домови за стари лица и дневни центри за лица со попреченост. В година ќе заврши изградбата на 14 градинки, а во постапка е изготвување на програмата за почнување изградба на нови објекти за згрижување деца. Целта е да се овозможи пристап на деца од предучилишна возраст и во руралните средини, во средини каде што досега немало градинки затоа што за нас секое дете е важно“, посочи министерката.
Нагласи и дека за непречено функционирање на детските градинки, како и за згрижување на старите лица во домови за стари лица, предвидени се блок-дотации во износ од 2.075.000.000 денари.
Износот на овие средства ќе се зголемува како што ќе се отвораат новите објекти.
„За продолжување на процесот на деинституционализација, преку сместување во мали групни домови, живеење со поддршка и згрижувачки семејства, односно создавање услови најблиску до оние во семејството, како и за лична асистенција и други видови социјални услуги обезбедуваме 725 милиони денари“, истакна Шахпаска.
Министерката посочи дека во делот за социјални надоместоци во буџетот за наредната година предвидени се 10.500 000.000 денари. Со овие средства ќе бидат опфатени околу 300 илјади корисници. Тоа значи дека се обезбедени средства за дополнителни 5.000 домаќинства приматели на ГМП, со што вкупната бројка на домаќинства опфатени со оваа мерка ќе биде 36.500.
Притоа, зголемен е и опфатот на деца приматели на детски додаток (19.720) и образовен додаток (24.579).
„Соочени со пандемијата предизвикана од Ковид-19, како одговорна Влада, направивме измени на Законот за социјалната заштита и на Законот за заштита на децата, кои обезбедуваат олеснет пристап до овие социјални права. Продолжуваат да течат и другите социјални права – додаток за попреченост, паричен надомест за помош и нега од друго лице, но и исплата на социјална пензија за 7.593 граѓани“, потенцира Шахпаска.
Министерката укажа на тоа дека, заради намалување на стапката на невработеност, и оваа година се обезбедуваат средства за оперативниот план за активни програми и мерки за вработување во износ од 538 милиони денари.
„Со новиот оперативен план се зголемува опфатот на невработените лица, за оние што ги изгубија своите работни места поради пандемијата на Ковид-19. Овој износ е речиси четири пати поголем во однос на 2020 година, со што преку Агенцијата за вработување ќе се реализираат програми и мерки за субвенционирање придонеси во случаи на невработеност“, рече Шахпаска.
Таа посочи дека дополнително за субвенционирање придонеси за зголемување на платите се издвојуваат 2.401.000.000 денари, средства што ќе бидат распределени до Фондот за ПИОМ, Агенцијата за вработување и Фондот за здравствено осигурување по основ на средства за социјални придонеси. Со овие средства 120 илјади работници од приватниот сектор ќе добиваат повисока плата.
На овој начин, потенцира министерката, се влијае на подобрување на животниот стандард на граѓаните, економскиот раст и развој и намалување на невработеноста.
Притоа продолжува обезбедувањето сигурни и одржливи пензии на сегашните и на идните пензионери и одржување стабилност на пензискиот систем. За таа цел во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување ќе бидат трансферирани 31.672.000.000 денари.
„Со буџетот за 2021 година не само што ги санираме последиците од пандемијата на Ковид-19 туку продолжуваме да ја и намалуваме невработеноста, да се грижиме за најмладите, обезбедуваме редовна исплата на социјалните права, но ја продолжуваме и социјалната реформа“, потенцира на крајот од обраќањето министерката Шахпаска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
																	
																															Економија
Андоновски: Е-трговијата веќе не е алтернативен, туку доминантен економски модел
														Владата на Република Македонија ја потврдува својата посветеност кон унапредување на електронската трговија како двигател на економијата, преку спроведување на јасна стратегија за дигитална трансформација, зајакнување на интероперабилноста и намалување на административните пречки за граѓаните и компаниите, изјави министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, на отворањето на 8-та Регионална Е-комерц конференција во Скопје.
Тој истакна дека е-трговијата веќе не е алтернативен, туку доминантен економски модел, кој бара силна поддршка од државата преку модерни дигитални платформи, регулаторна предвидливост и иновации ориентирани кон пазарот.
„Интероперабилноста што ја бесплатно ја овозможивме за повеќе од 76 институции и компании – со повеќе од 2.6 милиони безбедни трансакции месечно и раст од 260% – претставува не само успех на администрацијата, туку можност за приватниот сектор. Таа отвора простор за дигитални услуги, безбедна размена на податоци, брз пристап до потребните административни податоци и нови бизнис-модели што ја поврзуваат државата и компаниите во еден заеднички дигитален екосистем“, изјави министерот Андоновски.
Во рамки на поддршката за мали и средни претпријатија, Министерството за дигитална трансформација преку Европскиот дигитален иновациски хаб – INNOFEIT EDIH, им овозможува на компаниите пристап до лаборатории, дигитални алатки и експертска поддршка за тестирање нови технологии пред инвестирање. Овој хаб нуди и обуки за дигитални вештини во областа на вештачка интелигенција, сајбер-безбедност, автоматизација и интернет на нештата, со цел да ја зголеми конкурентноста на домашните компании на европскиот пазар.
Во истата насока, Националниот центар за вештачка интелигенција – Везилка, развива АИ решенија применливи и во приватниот сектор, со што создава услови електронската трговија да стане поефикасна, попаметна и побезбедна.
„Намалувањето на бирократијата и отворањето на податоците за бизнис-заедницата се клучни за модерна држава. Владата создава инфраструктура каде иновацијата е во центарот, а граѓаните и компаниите се вистинските корисници на дигиталната трансформација“, додаде Андоновски.
Тој најави дека во следниот период Владата ќе продолжи да инвестира во дигитална инфраструктура, унапредување на екосистемот за иновации, како и во програми за поддршка на стартапи и претприемачи во дигиталната економија.
Економија
„Виз Ер“ воведува евтина „бизнис класа“, можете да платите за да го задржите средното седиште празно
														Нискобуџетната унгарска авиокомпанија „Виз Ер“ ќе започне со тестирање на таканаречената „основна бизнис класа“ на одредени летови од декември оваа година, нудејќи малку повеќе удобност во рамките на својата стандардна услуга без додатоци. Оваа нова функција ќе биде воведена на пет рути, вклучувајќи летови до Лондон, Рим и Будимпешта.
Концептот е едноставен – во првиот ред од авионот, средното седиште ќе биде оставено празно за да им се обезбеди на деловните патници повеќе простор и да се олесни качувањето. Мајкл Делехант, виш комерцијален и оперативен директор, нагласи дека цената нема да биде драстично повисока.
„Што се однесува до цените на билетите, таа никогаш нема да биде повеќе од цената на купување дополнително седиште“, изјави тој на прес-конференција.
Иако билетите за овие специјални седишта ќе бидат поскапи, патниците сепак ќе бидат третирани исто како и сите други.
„Повеќе се работи за ефикасноста на патувањето и малку дополнителен простор во авионот“, рече Делехант.
Воведувањето премиум услуги е тренд што го следат и американските нискобуџетни превозници за да се натпреваруваат со големите превозници.
Делехант забележа дека сè уште има силна побарувачка за нискобуџетни летови во Европа, но дека пазарот треба да се развива.
Економија
Поскапуваат бензините и дизелот
														Бензините и дизелот од ноќеска на полноќ ќе поскапат за половина и за еден денар, соопшти Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ).
Од 4.11.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 74,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 76,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 71,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 69,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 36,913 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 0,50 ден/лит.
Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се зголемува за 1,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) не се менува.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,856 ден/кг и сега ќе изнесува 36,913 ден/кг.

