Свет
Макрон најави попуштање на мерките

Франција следниот викенд ќе почне со олабавување на мерките против ширењето на коронавирусот за до Божик продавниците, театрите и кината да може да бидат отворени.
Попуштањето на мерките ќе им овозможи на граѓаните да ги поминат празниците со своите семејства, изјави францускиот претседател Емануел Макрон.
Тој синоќа во телевизиско обраќање до нацијата истакна дека поминал најлошиот период од вториот бран во Франција, но и дека угостителските објекти ќе мора да останат затворени до 20 јануари за да се избегне трет бран.
„Мораме да направиме сè што е можно за да избегнеме трет бран, да направиме сè за да избегнеме трето целосно затворање“, порача Макрон.
Тој додаде дека вакцинацијата, најпрво со најранливите групи на население, ќе почне кон крајот на декември или почетокот на јануари.
Рестриктивните мерки што француските власти во повеќе градови ги воведоа на средината на октомври не ги дале очекуваните резултати во спречување на пандемијата по што на 30 октомври беше воведен строго затворање, које сепак е помалку рестриктивно од она што беше воведено меѓу 17 март и 11 мај.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Шведската полиција уапси осомничен за пукањето во кое загинаа три лица

Шведската полиција објави дека привела осомничено лице по пукањето во кое загинаа три лица во градот Упсала во вторникот.
Лицето е осомничено за убиство и е едно од неколкуте лица кои се испрашуваат како дел од истрагата, изјавија полицајци за новинарите.
Пукањето се случило во фризерски салон во Упсала, додадоа тие.
Полицијата соопшти дека инцидентот се смета за „изолиран“ и не е поврзан со големите прослави на Валпургиската ноќ што се очекуваат во Упсала во среда.
Свет
Зеленски: Москва подготвува офанзива

Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, предупреди дека Русија подготвува потенцијална воена агресија под маската на заеднички вежби со Белорусија ова лето, објави „Киев Индепендент“.
„Погледнете ја Белорусија – ова лето Русија подготвува нешто таму под маската на воени вежби. Така обично започнуваат нејзините нови напади“, рече Зеленски на Самитот на трите морињa.
„Но, каде овој пат? Не знам. Украина? Литванија? Полска? Бог да нè чува! Но, сите мора да бидеме подготвени. Сите наши институции се отворени за соработка“, рече Зеленски.
Белорусија ќе биде домаќин на воените вежби „Запад 2025“ со руските сили, дел од долготрајната серија вежби што се одржуваат на секои две години од 2009 година.
И покрај тоа што не е директно вклучена во руската инвазија на Украина, Белорусија сè уште е домаќин на руски трупи и ракети на својата територија.
Белорусија граничи со Украина, Полска, Литванија, Латвија и Русија, што ја позиционира како клучен стратешки коридор помеѓу НАТО и Москва.
Зеленски постојано предупредуваше дека Русија би можела да ги ескалира воените дејствија надвор од Украина.
Тој предупреди за време на Минхенската безбедносна конференција дека рускиот претседател Владимир Путин планира да распореди до 150.000 војници, првенствено во Белорусија, што укажува на можно зголемување на силите за идни офанзиви против земјите од НАТО.
Европа
Русите ги нападнаа Харков и Днепар со беспилотни летала: едно лице загина, 46 повредени

Роеви руски беспилотни летала ги нападнаа украинските градови Харков и Днепар доцна синоќа, при што загинаа најмалку едно лице, а најмалку 46 беа повредени, соопштија официјални лица.
Харков, кој се наоѓа на североисток, во близина на руската граница и е втор по големина град во Украина, е цел на редовни руски напади со беспилотни летала и ракети откако Москва ја започна својата тотална инвазија пред повеќе од три години. Во нападот врз градот доцна синоќа се повредени најмалку 46 лица, меѓу кои две деца и една бремена жена, соопшти регионалниот гувернер Олех Синехубов.
Нападите се случија откако САД, кои се обидоа да посредуваат во мировен договор меѓу Русија и Украина, изјавија дека ќе се повлечат како посредник доколку Москва и Киев не излезат со конкретни предлози.
Завчера, рускиот претседател Владимир Путин прогласи тридневен прекин на огнот од 8 до 10 мај по повод 80-годишнината од победата на Советскиот Сојуз и неговите сојузници во Втората светска војна, додека украинскиот претседател Володимир Зеленски повика на итен прекин на огнот во траење од најмалку 30 дена.
Градоначалникот на Харков, Игор Терехов, изјави дека вчера биле цел на напади неколку делови од градот, кој бил опустошен од последователни напади. Харков е дом на околу 1,2 милиони луѓе, во споредба со речиси 2 милиони пред почетокот на инвазијата во февруари 2022 година. „Врз Харков беа извршени 16 напади. Беше погодена висока станбена зграда, како и приватни куќи, медицински објект и цивилна инфраструктура“, напиша Терехов на Телеграм.
Во југоисточниот град Днепар, беспилотни летала предизвикаа пожари, при што загина 53-годишен маж, а уште едно лице беше повредено, изјави Серхиј Лисак, гувернер на регионот Днепар.
„Тешка ноќ за Днепар. Приватни куќи беа оштетени“, напиша Лисак на Телеграм. Тој рече дека девет руски беспилотни летала биле уништени над регионот преку ноќ. Целосниот обем на ноќниот напад врз Украина не е познат. Двете страни негираат дека гаѓале цивили. Во масовен руски напад со беспилотни летала врз Днепар минатиот месец загинаа четири лица и предизвика голем пожар во хотелски и ресторански комплекс и други згради.