Македонија
Хелсиншкиот: Новиот закон против насилство врз жените и семејното насилство е позитивен чекор

Хелсиншкиот комитет за човекови права смета дека новиот закон против насилство врз жените и семејното насилство е позитивен чекор и дека институциите треба да се подготват за негова доследна примена.
„’16 дена активизам против родово базирано насилство’ е годишна меѓународна кампања, која почнува на 25 ноември, Меѓународниот ден за борба против насилството врз жените, и трае до 10 декември, Денот на човековите права. Координирана од Центарот за женско глобално лидерство, кампањата се користи како стратегија за организирање поединци и организации во светот, кои се активни на полето на спречување и елиминирање на насилството врз жените и девојчињата. Годинава, Северна Македонија го одбележува овој ден со навестувањата за промени, кои треба да ги донесе новиот закон против насилство врз жените и семејното насилство. Ние ќе инсистираме на негова целосна примена на терен за да се спречат идни случаи на убиства на жени поради непостапување на полицијата, за да запре двојното малтретирање на жртвите во социјалните центри и судовите и за да им се даде целосна поддршка“, велат од Хелсиншкиот комитет.
Оттаму додаваат дека справувањето на пандемијата на Ковид-19 значеше и повлекување во домовите како превентивна мерка за заштита на јавното здравје.
„Со оглед на тоа што домот, генерално, претставува едно од најнебезбедните места за жените, ранливоста на жените беше значително зголемена за време на рестриктивните мерки. На глобално ниво ова предизвика алармантно зголемување на веќе постојната пандемија на насилство врз жените, што беше забележано и во извештајот на генералниот секретар на ООН. Хелсиншкиот комитет за човекови права од самиот почеток апелира сите релевантни институции соодветно и навремено да постапуваат по пријавите за семејно и родово базирано насилство за да се спречат фаталните последици што може да ги предизвика насилството, особено во домот. Она што беше од особена важност овој период е овозможувањето поддршка и охрабрување на жртвите за да го пријават насилството.
Искуството покажува дека еден од најсериозните проблеми е токму непријавувањето од страна на жртвите, што е резултат на недовербата во институциите, неказнувањето на насилниците, но и стравот и срамот, а честопати и непрепознавање на насилството од страна на самите жртви. Според Министерството за внатрешни работи, за време на пандемијата е евидентиран намален број кривични дела, но има зголемен број поплаки поврзани со семејното насилство. Значаен дел од поплаките имаат елементи на кривични дела и преземените дејства на МВР за заштита на жртвите во случај на поплака не придонесуваат за надминување на проблемот. Од почетокот на годината Хелсиншкиот комитет регистрира 23 случаи на семејно и родово базирано насилство за кои беше обезбедена бесплатна правна помош. Во споредба со претходните години, ова не укажува на постоење тренд на пораст на пријавите, што неминовно повторно упатува на ниското ниво на доверба во постапувањето на институциите по ова прашање“, се вели во извештајот.
И оваа година не изостанаа случаите на фемицид, односно убиствата на жена затоа што е жена.
„Со последниот случај на фемицидот во Гостивар се потврди дека најчестата причина поради која физичкото насилство резултира во убиство е несериозниот пристап на институциите кон родово базираното насилство. Несоодветното постапување по пријавите очекувано ја потхранува недовербата. Исто така, фемицидот сè уште не е препознаен во нашето законодавство како посебно кривично дело и покрај тоа што тоа претставува најтешка форма на насилство врз жената и е една од водечките причини за прерана смрт кај жените на глобално ниво“, покажуваат податоците на извештајот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Мицкоски e директно одговорен за состојбата во судството, вели Филипче

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, во изјава за медиуми, посочи дека единствени кои што се разочарани и незадоволни од неспроведувањето на реформите во правосудството, се само граѓаните.
Филипче нагласи дека премиерот Мицкоски e директно одговорен за состојбата во судството и неспороведувањето на потребните реформи.
„Сметам дека е апсолутно недозволиво премиерот да се однесува како независен аналитичар и да ги коментира само состојбите во правосудството, кога тој е директно одговорен за спроведување на реформите. Досега не се спроведени ниту една од предвидените реформи, преку носење на реформски закони во правосудството согласно Планот за раст, рече Филипче.
За оваа година беа предвидени 12 закони од коишто седум требаше да се донесат до јуни 2025 година, укажа тој.
„Во Собранието не е поднесен ниту еден, и дополнителни 5 кои од јуни до декември 2025 година требаше да се донесат согласно Планот за раст – нешто за што е врзан одреден буџет од Европската Унија, којшто секако веќе еден дел сме изгубиле. Од тие 5 закони од Министерството за правда не е донесен ниту еден“, рече Филипче.
Како што кажа, Владата на ВМРО-ДПМНЕ има огромно мнозинство во Собранието, 58 пратеници ВМРО-ДПМНЕ скоро двотретинско мнозинство со владејачката коалиција, поради што нема ниту една причина за тоа што сега се случува со неспроведување на реформите во правосудниот систем.
Македонија
Утре сончево и топло со мала до умерена облачност и температури до 33 степени

Времето денеска сончево и топло со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 7 до 14, а максималната ќе достигне од 28 до 33 степени.
Во Скопје, сончево и топло со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб јужен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 13, а максималната ќе достигне до 33 степени.
Во четврток попладне ќе има услови за изолирана појава на краткотраен дожд и ретки грмежи.
Од петок под влијание на серија влажни воздушни маси времето ќе биде претежно облачно и посвежо со повремени врнежи од дожд кои локално ќе бидат обилни. Дневната температура значително ќе опадне, особено во деновите од викендот и почетокот на следната седмица.
Македонија
Влада: Усвоена информација за склучување на договор за соработка помеѓу Железници инфраструктура и Јавното тело на Министерството за транспорт на Обединетото Кралство

Владата на денешната 114 редовна седница ја разгледа и усвои информацијата за склучување на договор за соработка помеѓу Јавното претпријатие за железничка инфраструктура- Скопје и Јавното тело на Министерството за транспорт на Владата на Обединетото Кралство Кросрејл Интернешнал Лимитед (Crossrail International Limited (CI)).
Со овој Договор за соработка се воспоставува рамка со која страните ја потврдуваат својата подготвеност и посветеност да соработуваат преку споделување на експертиза, искуства, добра практика и научени поуки во поддршката на проектите на ЈП ЖРСМ Инфраструктура- Скопје, со посебен акцент на брзата железница, како и товарен железнички сообраќај, сигнални и контролни системи, надградба на инфраструктурата, депоата и железничкиот возен парк. Договорот за соработка е во важност од 5 години со можност за продолжување од дополнителни пет години. Овој Договор произлегува од досега воспоставената соработка помеѓу македонската Влада и Владата на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, во врска со партнерството за реализација на приоритетни инфраструктурни проекти.
Дополнително, Владата на денешната седница ја разгледа информацијата за потребата од субвенционирање на филтри на оџаци на домаќинствата и ја задолжи Канцеларијата на Претседателот на Владата во следниот период да подготви детална анализа која ќе ги предвиди условите, времетраењето и процедурата за објавување на оглас за субвенции на филтри за оџаци на домаќинствата кои користат греење со фосилни горива односно дрва.