Македонија
Царовска: Со квалитетно образование до превенција и спречување на насилство врз девојчињата и жените

Министерката за образование и наука, Мила Царовска, во видеообраќањето по повод одбележувањето „16 дена активизам“ рече дека за родово базираното насилство треба гласно да зборуваме постојано, а не само во деновите кога трае кампањата.
Царовска, која е и долгогодишна активистка во борбата и јакнењето на женските права, рече дека Владата, но и Министерството за образование и наука, посветено работат на искоренување на насилството врз жените и девојчињата, а тоа се прави во сите сегменти во општеството и преку образованието.
„Моите лични заложби, но и заложбите на Министерството за образование и наука, се преку образовниот процес да создадеме ненасилно однесување на новите генерации, да го искорениме насилството во каква и да е форма од нашето секојдневие и да поттикнеме толеранција и почит. На ова веќе посветено работиме со укинување на учебниците што содржат родови стереотипи и поттикнуваат агресивност и понижување и преку воведување нови наставни материјали кои ги унапредуваат родовата еднаквост и различностите“, рече Царовска.
Министерката истакна дека големо позитивно влијание на сето ова ќе има и воведувањето на сексуалното образование во основното образование, како и јакнењето на стручните служби во основните и средните училишта, кои ќе работат на заштита на менталното здравје на учениците и наставниците.
„Како Влада, изминатите години направивме многу за превенција и заштита од родово базирано насилство. Почнувајќи од ратификација на Истанбулската конвенција, па до засилување на мрежата за помош и поддршка и поставување механизми за едукација и превенција. Но, ова е битка што мораме да ја водиме сите заедно како општество.
Затоа, денес, ве повикувам никогаш да не премолчуваме насилство, да дејствуваме во име на сите оние на кои им треба нашата помош. Да одговориме на предизвикот што го нарушува најсветото – безбедноста и сигурноста на секого од нас. Портокаловата е само боја сè додека не прерасне во симбол, во заедничка заложба. А за тоа сме потребни сите. Да пријавуваме насилство, да подадеме рака, да помогнеме“, рече Царовска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Нов топлотен бран во наредните денови, се очекуваат температури до 40 степени

Времето денеска ќе биде сончево и многу топло. Ќе дува слаб до умерен ветер од североисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 11 до 19, а максималната ќе достигне од 33 до 39 степени.
Во Скопје, сончево и многу топло со слаб до умерен ветер од североисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 18, а максималната ќе достигне до 39 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на многу топла воздушна маса од југ во текот седмицата времето ќе биде сончево и многу топло со појава на локална облачност преку денот. Дневната температура насекаде ќе биде над 30°C, а наместа се очекува да достигне и 40°C.
Македонија
Дел од Карпош без вода

Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради дефект на затварач (шибер) од ф 200 мм на булеварот Партизански Одреди бб (до поликлиника Букурешт), со прекинато водоснабдување ќе бидат корисниците од булеварот Партизански Одреди, на потегот од поликлиника Букурешт до бензинска пумпа ОКТА, општина Карпош.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување на санацијата на дефектот.
Македонија
Без струја дел од општина Бутел

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 13.00 часот корисниците на улица кај керамика Имола под обиколницата во Визбегово (општина Бутел).