Свет
(Видео) Најџел Фараж спасил двајца мигранти од давење во Ла Манш
Лидерот на брегзит, Најџел Фараж, објави на својот канал на „Јутјуб“ дека тој и еден негов пријател спасиле двајца илегални мигранти од давење во немирните води на Ла Манш. Фараж во последните неколку месеци го насочи својот фокус од брегзит кон разоткривање на тековната криза во Ла Манш, а особено начинот на кој француските власти честопати ги придружуваат чамците со мигранти во британските води наместо да ги пресретнуваат и да ги враќаат назад.
Во неделата Фараж испловил на море за да оди на риболов.
„Стигнавме, но временската прогноза беше погрешна. Не беше сончево, беше многу облачно. Ветерот беше многу посилен отколку што очекувавме и морето беше многу понемирно и помисливме да си одиме. Околу пет милји во Ла Манш, во далечината видовме мал портокалов чамец како се бори со брановите. Не ми се веруваше дека има некој во водите на тоа време, но ние отплововме до него и тоа беше кајак на надувување“, рече Фараж, покажувајќи снимки од двајцата мажи, кои наводно биле на море околу 18 часа.
„Еден од нив воопшто не беше во добра состојба. Им кажавме дека ја повикавме крајбрежната стража и дека помошта ќе пристигне, но потоа чамецот се преврти на брановите. Едниот од нив имаше елек за спасување, другиот не, тој потона под вода, но, за среќа, се врати на површината и двајцата се фатија за превртениот кајак“, раскажува тој.
This morning I stopped a tragedy waiting to happen in the English Channel. Two migrants in a small kayak would have drowned. pic.twitter.com/MLxxv3hfCD
— Nigel Farage (@Nigel_Farage) November 29, 2020
Фараж и неговиот пријател се обиделе да пренесат еден од мигрантите на својот брод, но тој немал сила да се прекачи. Затоа го свртеле кајакот и им помогнале да двајцата да се вратат во него и го врзале.
„Тие беа спасени, но беа мокри до гола кожа и премрзнати. Им дадовме неколку шолји топло кафе со шеќер, по што се појави Крајбрежната стража. Оваа Крајбрежна стража за која трошиме толку многу пари ни рече ние да ги префрлиме двајцата на нашиот брод, и тие потоа ќе ги земат директно од кај нас“, продолжи Фараж.
„Ова резултираше со ќор-сокак со граничната агенција“, рече Фараж, додавајќи дека е стаписан од нивниот непрофесионализам во таа ситуација. За среќа, чамец за спасување од Кралската национална институција за спасување на крај, по околу еден час, ги презел мигрантите.
„И имајте на ум, сето ова се случува во неделата кога ѝ дадовме на француската влада уште 28 милиони фунти – да, 28 милиони фунти – да ги запрат чамците да доаѓаат. Треба да испратиме сигнал, инаку она што го видов денес, во текот на овие зимски месеци ќе доведе до низа трагедии, а можеби и до една или две големи“, додаде тој.
Фараж рече дека на крајот на транзицијата за брегзит, министерката за внатрешни работи, Прити Пател, мора да истакне дека дека секој што ќе дојде по оваа рута нема да смее да остане.
„Така направија Австралијците, а ако ние не го сториме тоа, ќе сведочиме на трагедија. Јас денес за малку ќе посведочев на трагедија во Ла Манш“, рече тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Рутe: Со понатамошни напади, Русија покажува дека нема сериозна намера да постигне мир
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес изјави дека Русија, и покрај дипломатските напори на Соединетите Американски Држави и Украина за прекин на војната, продолжува да напаѓа украински градови, што, според него, укажува дека намерите на Кремљ за постигнување мир не се сериозни.
„Американскиот претседател Доналд Трамп и неговиот тим се обидуваат да го спречат крвопролевањето. Јасно е дека Украина е подготвена да го поддржи ова со сите свои сили. Тука е постигнат важен напредок, но Русија напаѓа, последниот напад се случи вечерва. Ова покажува дека тие не се сериозни во врска со мирот“, рече Руте за време на неговото обраќање во украинскиот парламент пред Врховната рада, пренесува Укринформ.
Руте рече дека Русија веќе претрпе повеќе од еден милион жртви во војната што започна во Украина и дека и покрај подготвеноста на рускиот претседател Владимир Путин да продолжи да ги трпи овие жртви, сите достигнувања на бојното поле се многу болни за Русите.
„Кина, Северна Кореја, Иран продолжуваат да ја поддржуваат Русија, но економијата на Путин продолжува да страда, а зголемениот притисок врз руската флота „од сенка“ исто така има влијание. Ќе продолжиме да вршиме притисок врз Русија и ќе продолжиме да ја поддржуваме Украина“, рече Руте.
Руте, исто така, рече дека постигнувањето мировен договор за завршување на војната во Украина ќе бара тешки одлуки, пренесува Ројтерс.
Според него, програмата за купување оружје на PURL обезбедува 90 проценти од ракетите за украинската воздушна одбрана, пренесува Танјуг.
Свет
„Се чувтсвувам како идиот“: Лајчак проговори за контроверзните пораки со Епштајн
Поранешниот министер за надворешни работи на Словачка, Мирослав Лајчак, изјави дека се чувствува „како идиот“ по објавувањето на новите СМС-пораки во аферата со осудениот сексуален престапник Џефри Епштајн.
„Искрено, не се сеќавам на тие пораки. Не можам ниту да ги потврдам, ниту да ги негирам. Се чувствувам како идиот“ – рече словачкиот дипломат, откако ги препрочита пораките.
Тој призна дека имал лоша проценка и „несоодветна комуникација“, но негираше вмешаност во какви било кривични дела, нагласувајќи дека пораките биле „само глупави машки разговори“.
Лајчак објасни дека пристигнал во Њујорк во 2017 година на едногодишна функција во Обединетите нации и дека бил запознаен со Џефри Епштајн од страна на висок странски дипломат. Според него, Епштајн бил широко познат и се сретнал со бројни бизнис и политички личности од САД и од странство.
Лајчак рече дека не гледа причина да не се сретне со него, тврдејќи дека воспоставувањето контакти е дел од неговата работа, пишуваат медиумите.
„Зошто јас, човек од Словачка, не би го прифатил тоа? Тој беше вреден контакт“ – рече Лајчак, истакнувајќи дека подоцна дознал за пресудата на Епштајн за сексуален прекршок во 2008 година, но забележал дека многу влијателни личности продолжиле да се дружат со него и по тоа.
Ова, додаде тој, го навело да верува дека „не е проблем да се прави истото“.
– Мојот однос со него се темелел на зборови, а не на дела. Денес ја плаќам цената на комуникацијата и познанството со него – рече Лајчак.
Тој ги осуди злосторствата што излегоа на виделина по апсењето на Епштајн во 2019 година.
Тој, исто така, потврди дека го посетил станот на Епштајн, но рече дека биле присутни и други бизнис и политички личности.
„Немало девојки. Овој дел од животот на Епштајн ми беше непознат. Тој не зборуваше за тоа, а јас не го прашав. Мојата совест е чиста“ – нагласи Лајчак, според написите.
Фото: ЕПА
Регион
Автобус изгоре на автопат кај Солун, патниците навреме евакуирани
Пожар избувна рано утринава во градски автобус што сообраќал на линија во предградието Синдос во Солун, во северна Грција, јавува „Катимерини“.
Пожарот настанал додека автобусот се движел по автопатот Патра–Атина–Солун–Евзони. Сите тројца патници и возачот навреме го напуштиле возилото, додека автобусот целосно бил уништен од огнот.
Противпожарната служба интервенирала за гаснење на пожарот и спроведува истрага за причините за инцидентот.
Фото: илустрација (Depositphotos)

