Македонија
(Видео) Мицкоски: Ова се моменти кога се одлучува за иднината на нашите деца и внуци
„Ова се моменти кога се одлучува за иднината на нашите деца и внуци и затоа навистина овој пат треба да реагираме одлучно. Во минатото често пати повторувавме дека не треба да се потпишуваат договори на егзебиционистички начин, договори чија содржина наместо да биде решение ќе претставува проблем. Тоа го зборувавме и кога се потпишуваше Договорот за пријателство и добрососедство со соседна Бугарија, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на протестите кои се одржаа денеска пред платото на Владата, како и пред зградата на МНР.

„Морам да напоменам дека ВМРО-ДПМНЕ и во минатото и другите влади преговарале за постигнување на еден таков договор, но никој буквално ни една влада не се осмелила да потпишат таков договор со таква содржина, бидејќи доколку вие во договор го ставите проблемот со кој се оспорува потеклото, коренот на вашиот јазик, договор во кој се оспоруваат историските факти, и бидат фактички критериум за понатамошно ваше полноправно членство во ЕУ не е договор. И тоа никогаш нема да претставува договор кој ќе ја донесе Македонија во рамките на обединета Европа и дел од европското семејство, туку напротив претставува алатка на тие што се внатре континуирано да вршат уцена и терор врз македонскиот народ, врз македонската нација и врз македонската држава.
За жал, тоа не успеа да го види Зоран Заев и само политички аматер може да потпише еден таков договор во кој историјата ќе биде критериум за напредок на државата во процесот на полноправно членство во рамки на ЕУ. Жалам што денеска ние не зборуваме за вештачка интелигенција, подобар и поконкурентен здравствен систем, среќни земјоделци, млади коишто овде, во Македонија, ќе ја градат својата иднина и луѓе кои ќе сакаат тука да останат. Ние денеска зборуваме за исполнување на елементарното човеково право, а тоа е правото на самоопределување“, рече тој.

Според Мицкоски, гласот од страна на меѓународната заедница е таков дека работи што не треба да се преговараат треба да останата надвор од процесот за интеграција на Македонија во ЕУ, како што се идентитетот, обичаите, историјата, јазикот, итн.
„За жал, овие понизни и сервилни политики на Владата предводена од Зоран Заев нè доведоа во една ваква ситуација, буквално помеѓу асимилација и интеграција. Затоа час поскоро оставка и затоа ги повикувам скопјани и утре со почеток во 15 часот заклучно со 16:30 да ни се приклучат овде пред платото на Владата, но и пред Министерството за надворешни работи повторно да го изразиме нашиот револт против овие политики коишто на таинствен начин ги води Владата на Зоран Заев. Оние преговори за кои Зоран Заев велеше дека се водат на ниво на работни групи, а, пак, оние гласноговорници на СДСМ поитаа да го демантираат Зоран Заев и да кажат дека нема такви преговори.
Народот заслужува да ја знае вистината, ВМРО-ДПМНЕ заслужува да ја знае вистината. ВМРО-ДПМНЕ е политичка партија којашто денеска во рамките на Парламентот во комисијата за надворешни работи иницираше расправа за заеднички став, за заедничка позиција и консензус во преговорите коишто се дел од овој договор за добрососедство со нашиот источен сосед. Но, за жал, од парламентарното мнозинство тој предлог беше одбиен и, за жал, уште еднаш го покажаа своето лицемерие во полн блесок“, додаде тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Владата нама да купува нов авион: ќе се повлечеме од набавката и ќе се молиме да останеме живи, вели Мицкоски
Владата се откажа од набавка на нов авион на што се одлучи оти стариот е дотрајан и претставува голем трошок за одржување. Премиерот Христијан Мицкоски денес кажа дека ќе се повлечат од набавката откога увиделе дека опозицијата не се стои на зборот дека нема да ја напѓаат Владата за набавка на нов авион, на што се согласил лидерот Венко Филипче и на формалните и на неформалните средби.
„ Авионот е сѐ уште во возна состојба, можете да поразговарате и со лицата кои го управуваат. Токму тие иницираа да се обидеме да обезбедиме средства за да набавиме нов воздухоплов. Гледам дека од опозицијата се создава оваа тема иако на една од оние лидерски средби, формални и неформални што сум ги имал со претседателот на СДСМ тој беше многу јасен и рече дека ‘за ова не треба да се критикува Владата’ и дека тие нема да ја критикуваат Владата бидејќи утре ќе биде друга Влада, а воздухопловот ќе се користи и за хуманитарни причини. Гледам дека не си стојат на зборот и ние ќе се повлечеме од таа набавка и ќе се молиме да останеме живи. Доколку се урнеме некаде и доколку починеме тогаш претпоставувам дека ќе им стане јасно на сите дека оваа дебата за некоја идна влада и за некои идни премиери е вишок и дека е беспредметна“, рече премиерот Мицкоски.
Тој објасни дена не трипати, туку четирипати го користел владиниот авион и секогаш службено патувал наспроти обвинувањата од опозициата дека и на одмор на Јадранско море заминал со него. Кажа и дека секогаш патува сам, со некој од обезбедувањето откога утрово СДСМ праша со кого бил во авионот.
„Еднаш на покана на унгарскиот премиер, господинит Виктор Орбан, имав билатерална средба во Будимпешта. Натаму патував со комерцијален лет до Виена поради тоа што еден од екипажот кој управува со воздухоловот имаше приватни обврски и не беше во состојба да ме однесе до дестинацијата. За назад дојдоа по мене, ме зедоа бидејќи имав итни, неодложни состаноци во Скопје. Тоа беше билатерална средба, а билатералната средба и мојот престој таму го искористив и да настапам на настан. Вториот пат бев исто така на покана на нашата сестринска партија и настан кој тие го организираа во Белград, тогаш отидов и се вратив, тоа не е споменато во јавноста, сакам и ова да се забележи. Патувам сам и дел од луѓето кои се мое обезбедување. Третиотпат бев до Хрватска со комерцијален лет на Кроација ерлајнс до Сплит, на покана на хрватскиот претседател, господинот Зоран Милановиќ. Имав работна вечера и мојот годишен одмор кој што требаше да трае три дена го продолжив за еден ден, да трае четири дена. Бидејќи го испуштив авионот повратно со комерцијален лет да се вратам во Скопје, а следниот ден имав неодложни обврски, владиниот воздухоплов дојде, ме зема од аеродромот во Сплит и ме донесе во Скопје. Четвртиотпат бев сега, заедно со шефот на мојот кабинет и со мојот советник за надворешни рбаоти, амбасадорот Марковски до Тирана во еден павец и од Тирана до Скопје во втор правец и еве веднаш сега ви најавувам дека на почеток на јуни најверојатно ќе го користам владиниот воздухоплов до Подгорица, во истито ден да се вратам назад бидејќи не би сакал да останам повеќе од еден ден поради неодложните обврски кои ги имам во Владата“, во детали објасни премиерот Мицкоски.
Изминатиов период опозицијата во многу наврати ѝ забележа на Владата дека троши пари за авион место за зголемување на платите, за училипта и болници.
Македонија
Алкалоид на форумот „Европската перспектива на македонскиот бизнис“: Патот кон европските пазари го изградивме сами, чекор по чекор, со квалитет, стандарди и визија насочена надвор од границите
Бизнис-клубот „Европа“, како советодавно тело на Стопанската комора на Македонија, во Виница го организираше форумот „Европската перспектива на македонскиот бизнис“. На панелот насловен „Единствениот пазар на ЕУ: колку е подготвена македонската економија?“ учествуваше и генералниот директор и претседател на Управниот одбор на „Алкалоид“, Живко Мукаетов.
Посочувајќи ја фармацијата како една од најрегулираните индустрии во светот, во која успехот се темели на доверба, квалитет и строга усогласеност со меѓународните стандарди, Мукаетов истакна дека „Алкалоид“ расте и се развива во таква комплексна средина, останувајќи доследен на своето мото Здравјето пред сè. Од 53 милиони евра продажби во 2005 година, денес компанијата достигнува 339 милиони евра консолидирани продажби, од кои 220 милиони евра се извоз. Со повеќе од 3000 вработени и со присуство на повеќе од 50 пазари, преку своите 27 подружници низ светот „Алкалоид“ прерасна во значаен регионален фармацевтски производител.
Клучна пресвртница во деветдеценискиот развој на компанијата беше визијата од 1994 година за изградба на современи производствени капацитети и за воведување високи стандарди на корпоративно управување. Влезот на пазарот на ЕУ во 2007 година со GMP-верификација и со првата дозвола за лек го отвори патот до повеќе од 1000 одобренија за производи во Унијата.

„Иако како компанија од земја надвор од ЕУ се соочуваме со подолги регулаторни процедури и ограничен пристап до финансиска поддршка, континуирано инвестираме во технологија, знаење и квалитет. Нашиот раст е резултат на стратегијата, истрајноста и визијата насочена надвор од границите. Тој пат не беше однапред трасиран, туку го изградивме сами, чекор по чекор, со посветеност, дисциплина и доследна примена на највисоките стандарди во работењето“, истакна Мукаетов во своето обраќање.
На панелот учествуваа и Глигор Цветанов од „Макпрогрес“ Виница, кој е претседател на Бизнис-клубот „Европа“; Мариa Канелопулу, прв советник и раководител на Секторот за економски прашања, градење институции и за прекугранична соработка во Делегацијата на ЕУ, и Драган Тилев, државен советник за европски прашања.

Бизнис-клубот „Европа“ е формиран на иницијатива на претседателот на Комората, Бранко Азески, како платформа за дијалог меѓу бизнис-заедницата, академијата, носителите на евроинтегративните процеси и европските дипломатски претставници. Во фокусот се прашањата поврзани со ЕУ, интеграцијата на македонската економија во европските текови и со креирањето политики спрема ЕУ од бизнис-перспектива.
ПР
Македонија
Министерството за односи меѓу заедниците организираше настан по повод Меѓународниот ден на мајчиниот јазик : разменети мислења за унапредување и надминување на предизвиците
По повод 21 февруари – Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, Министерството за односи меѓу заедниците, во соработка со Управата за развој и унапредување на образованието на јазиците на припадниците на заедниците и Управата за афирмирање и унапредување на културата на припадниците на заедниците, денеска организираше пригоден настан посветен на унапредувањето и афирмацијата на јазичната разновидност.
Во рамки на одбележувањето беа доделени благодарници на две институции, и тоа – Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ и Националната установа „Музеј на албанската азбука“, како и на наставниците Марија Николова, Аџер Иметоска, Изета Бабачиќ, Аида Зуковиќ, Дарија Ковачевиќ-Божиновска, Арабела Иљаз и Жаклина Милинковиќ, претставници на етничките заедници кои наставата ја реализираат на мајчин јазик, како признание за нивниот придонес во негувањето, зачувувањето и развојот на јазичниот и културниот идентитет на заедниците.
На настанот се обратија потпретседателот на Владата на РС Македонија и министер за односи меѓу заедниците, Иван Стоилковиќ, како и директорите на двете управи во рамки на МОЗ, Мирослав Тричковиќ и Исмаил Демировиќ, а се отвори и конструктивна дискусија за состојбите во образованието на јазиците на заедниците, при што се разговараше за тековните планови и активности, како и за предизвиците и проблемите со кои се соочуваат заедниците во обезбедувањето квалитетна настава на мајчин јазик, особено кога станува збор за учебниците на јазиците на етничките заедници. Присутните разменија мислења и предлози со цел унапредување на институционалната поддршка и надминување на предизвиците.
„Разбирањето меѓу нас и разбирањето на другите, како и заемната соработка е темел и само така можеме да постигнеме резултати и да изнајдеме решение за сите проблеми“, истакна потпретседателот и министер Стоилковиќ, испраќајќи порака до авторите на учебници на јазиците на етничките заедници да не се обесхрабруваат и да ја продолжат својата мисија за доброто на идните генерации.
Настанот е дел од заложбите за континуирана поддршка на политиките што ја промовираат еднаквоста, недискриминацијата и почитувањето на правото на образование на мајчин јазик.
Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, воспоставен од Обединетите нации и УНЕСКО во 1999 година, има за цел промоција и заштита на јазичната разновидност и поттикнување на образованието на мајчин јазик како значаен предуслов за зачувување на културниот идентитет и унапредување на меѓусебното почитување и соживот.

