Македонија
(Видео) Мицкоски: Тоа што Бучковски преговара со Бугарија е вовед во ново апокалиптично сценарио

„Тоа што осудениот Владо Бучковски, кого Врховен суд го ослободи, преговара со Бугарија е вовед во ново апокалиптично сценарио“, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на протестот во Куманово.
„Оваа година јас лично предупредив дека на состанокот помеѓу министрите за надворешни работи на Македонија и соседна Бугарија од нашиот министер е побаран нов договор или анекс кон договорот или некој документ што ќе има нова правосилна рамка и ново правосилно значење. Исто така, бев брутално навредуван од страна на Зоран Заев и од Бујар Османи и Никола Димитров дека тоа се лажни вести, дека тоа не е вистина итн. Но, излезе дека сето тоа било точно и дека сме биле во право“, рече тој.
„Овој пат сакам исто така да ја предупредам македонската јавност, македонскиот народ, македонската нација, граѓаните во Македонија дека новоименувањето на Владо Бучковски за посредник во спорот со нашиот источен сосед, човекот што што имаше осудителна пресуда, а потоа преку Врховен суд во владеењето на Зоран Заев, а знаете како тие трас-трас одлуки се носеле во Врховниот суд, беше ослободен, човекот што беше осуден за проневера за тенковски делови, за бугарските тенкови, денеска треба да го решава историскиот спор со соседна Бугарија, претставува вовед во едно ново апокалиптично сценарио, вовед во едно ново предавство што ќе треба да биде извршено и врз македонскиот народ, македонската нација и македонската држава, асимилација на македонскиот народ, на маса се македонската историја, македонскиот јазик, традицијата, обичаите и откажување од македонското национално малцинство кај нашиот источен сосед“, додаде Мицкоски.
„Го предупредувам македонскиот народ, граѓаните на Македонија, на будно следење на она што се подготвува, на тоа што се преговара, а ВМРО-ДПМНЕ како политичка партија што ќе ја предводи идната влада, која ќе биде влада на национално единство, нема ниту една реченица од евентуалното парче харија што ќе го потпише двоецот Заев-Бучковски да го почитува. Нема ниту една реченица ниту еден збор што планира двоецот Заев-Бучковски да го потпише, а кое ќе биде на штета на македонскиот идентитет, на македонскиот јазик и на македонската традиција и обичаите, да ги почитува“, додаде тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Фото+видео) Голем пожар изби над скопско Батинци, брзо се шири поради силниот ветер

Голем пожар попладнево изби на отворен простор над скопското село Батинци.
Од пламените јазици зафатени се трева, грмушки и мешана шума.
Поради силниот ветер, огнот се шири со голема брзина.
„Скопската БППЗ работи на гаснење, набргу ќе пристигнат и два пинцгауери на ДЗС како и хеликоптерот на МВР а нешто подоцна ќе полетаат и два ер трактори на ДЗС“, вели директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Стојанче Ангелов.
Ангелов вели дека според првичните информации се работи за намерно подметнат пожар.
На лице место е и директорот на ЦУК, Мухамед Али.
„Ситуацијата постојано се следи, а интервенциите продолжуваат со цел локализирање на пожарот“, истакна Али.
Македонија
(Видео) Кузеска: Додека народот се гуши во канцерогени честички, власта на Мицкоски се занимава со измислени приказни за хибридни напади

Владата вчера го потврди скандалот кој го објавивме и призна дека среде најголеми пожари 400-те пожарникари, кои помпезно ги најавуваше за ПР сè уште не ја добиле ниту првата плата, рече денеска прес-конференција, Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ.
Кузеска оцени дека „изговорите дека допрва ќе се исплателе се празно оправдување и потценување на граѓаните“.
„Млади луѓе, кои со месеци се ангажирани во општините, останаа без денар, а граѓаните без вистинска заштита во време на пожари и еколошки катастрофи. Заедничко за ова е неспособноста на владата на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ. Додека народот се гуши во канцерогени честички, додека депониите и понатаму горат, а 20% од територијата е изгорена, власта на Мицкоски се занимава со лаги, манипулации, со напад на опозицијата измислени приказни за хибридни напади. Бројни калкулации и лаги за спасување на рејтингот на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, опасни по живот. Повеќе не станува збор само за неспособност, не станува збор само за лаги туку за свесно загрозување на здравјето и животот на луѓето! Граѓаните на Скопје дишеле олово, арсен и кадмиум по пожарот во Трубарево а власта молчела“, кажа Кузеска.
Таа додаде дека „наместо да алармира и да преземе итни мерки, наместо да даде соодветни препораки, наместо да организира евакуација и да го заштити населението, власта ги убедуваше граѓаните дека опасност нема“.
„Лично Христијан Мицкоски тврдеше дека загадувањето на воздухот не е големо. Оваа власт е неспособна, измамничка и без чувство за одговорност. Време е да одговараат и за пожарите, и за еколошката катастрофа, и за лагите со кои ги излажaа граѓаните и пожарникарите“, вели Кузеска.
Реагираа од ВМРО-ДПМНЕ.
„СДС и Кузеска да престанат да шират дезинформации и да ја манипулираат јавноста.
Заврши времето кога работниците во државата СДС и ДУИ со месеци ги оставаа без плата. СДС и ДУИ ги оставија без плати со месеци вработените во АД Водостопанство и ЈП Македонски шуми. Тоа време заврши.
СДС наместо да ја пофали мерката за 400 пожарникари, ја злоупотребува за политичка кампања.
Фактите се дека ова е првпат во историјата на нашата држава да се имплементира мерка за вработување која целосно ги искористува расположливите ресурси, со цел да се заштитат граѓаните од природни катастрофи и да се подобри животната средина.
Што се однесува до исплатата на учесниците за оваа мерка која е наведена како 6.2 во оперативниот план и е наменета за заштита од пожари, средствата се обезбедени и не станува збор за никакво вонредно плаќање.
Лицата кои се вклучени во мерката се ангажирани на 08.08.2025 година, документацијата, извештајот за редовност, за исплата од страна на организаторот веќе е во тек и ќе биде испратена до Центрите за вработување по што ќе следи и исплатата.
Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ работи за граѓаните, со цел да им обезбеди подобар животен стандард и поквалитетни услуги“, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Филипче да не глуми лажна загриженост за здравјето на луѓето, да им се извини на граѓаните за здравствените, еколошки и национални катастрофи во негово време

Реакција на ВМРО-ДПМНЕ на изјавата на претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
„Филипче наместо да глуми лажна загриженост за здравјето на луѓето да им се извини на граѓаните за тоа што во негово време како министер здравствениот систем беше во хаос, за жртвите во корона кризата, за недостатокот на медицинска опрема, за пожарот во модуларната болница.
Филипче кој како министер за здравство не обезбеди кислород во болниците и кој ги остави граѓаните без заштита во најтешките моменти, денес држи лекции за одговорност и грижа за здравјето.
Филипче да им се извини на граѓаните за сите катастрофи и за сето сторено во неговото време за сите здравствени, еколошки и национални порази.
Каде беше Филипче зошто не одговараше и не побара одговорност за пожарот во модуларната болница во Тетово?
За разлика од минатото денес институциите реагираат одговорно, а истрагата ќе покаже како дошло до пожарот во Трубарево.
Вистинската опасност за здравјето и безбедноста на граѓаните се СДС и ДУИ“, стои во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.