Свет
Пандемијата ќе има негативно влијание на фертилитетот во Европа, предупредуваат експертите

„Време е да станете мајка“, гласи пораката што стотици Португалки ја добија на своите мобилни телефони минатиот месец. Пораката испратена од приватна болница во Лисабон за привлекување женски клиенти предизвика бран критики на социјалните мрежи, а некои жени велат дека сега е најлошото време за мајчинство, со оглед на тоа што сме среде пандемија и рецесија.
Докази сугерираат дека коронавирусот ги обесхрабрува потенцијалните родители да забременат во поголемиот дел од Европа, а особено во јужните држави, од Италија до Грција, каде и така стапката на наталитет веќе драстично опаѓа.
Во 2000 година родени се 120.000 деца во Португалија. Минатата година се родени 86.600, што е за 39 проценти помалку. Падот е најсилен по длабоките рецесии како што е моменталната предизвикана од пандемијата на Ковид-19.
Како што предупредуваат експертите, покрај емотивните предизвици што ги носи за паровите кои сакаат деца, долгорочно ќе има и економски предизвици за земјите на кои може да им требаат години за да излезат од кризата.
Помалку раѓања значи помалку нови работници и повеќе постари луѓе. Ова на крајот ќе има негативно влијание врз БДП и ќе ги оптоварува јавните пензиски шеми и социјалната држава, зголемувајќи го јазот помеѓу европскиот богат север и сиромашниот јужен дел на Европа.
„Гледате приказни во медиумите и на други места за луѓе кои се обидуваат да го искористат ‘локдаунот’ за да создаваат деца, но тоа не е рационално однесување“, вели Ванеса Куња, експерт за плодност, род и семејни работи на Институтот за социјални науки на Универзитетот во Лисабон.
Марија Викарио, претседател на италијанското Национално здружение на акушерки, вели дека очекува кризата да се одрази на бројот на родени следната година. „Регионот Лацио околу Рим забележа три пати поголем број на мртвородени деца оваа година, бидејќи бремените жени се плашат да одат во болници на прегледи“, истакна таа.
На другиот крај на континентот во Шведска, кој има дарежлива и ефикасна социјална држава, Ева Нордлунд, претседател на Шведската асоцијација за акушерки, рече дека се чини дека со нив се случува спротивното. „Постојат центри за бремени жени кои имаат проблеми со запишување поради големиот број нови бремени жени“, рече таа.
Во Германија, стапката на плодност пред пандемијата се движеше околу европскиот просек од 1,5 деца по жена.
Франција, Шведска и Данска се лидери во Унијата со стапки на плодност повисоки од 1,7. На другиот крај на скалата се Италија и Шпанија со стапка помала од 1,3.
Истражувањето спроведено во петте најголеми европски земји за време на првиот бран на пандемијата во март и април покажа дека над две третини од луѓето на возраст под 34 години планираат да се откажат или да го одложат родителството поради пандемијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Трамп: Иран требаше порано да преговара

Актуелниот американски претседател Доналд Трамп на прес-конференција за време на самитот на Г7 во Канада рече дека Иран сака да ги намали тензиите во конфликтот со Израел, но дека можеби е предоцна за преговори.
На прашањето на новинарите дали видел или примил пораки преку посредници дека Иран сака да деескалира, Трамп одговори: „Да, тие сакаат да разговараат, но тоа требало да го направат порано. Иран не победува во оваа војна“.
Трамп се појави пред медиумите заедно со канадскиот премиер Марк Карни. Во своето обраќање тој рече дека Иран покажува интерес за преговори и смирување на конфликтот со Израел, кој го опиша како „болен за двете страни“.
„Треба да почнеме да разговараме сега, пред да биде предоцна“, рече Трамп.
Запрашан што би ја разгорело можноста за вмешаност на американската војска, Трамп одговори кратко: „Не сакам да зборувам за тоа“.
Свет
(Видео) Израел ја погоди зградата на иранската државна телевизија, програмата прекината

Одбранбените сили на Израел (ИДФ) извршија напад врз информативната мрежа на Исламската Република Иран (ИРИНН), која ја води државната медиумска куќа, ИРИБ.
На „Икс“ се појави видео на кое се гледа програмата на таа иранска државна телевизија. Програмата била прекината во моментот на ударот. Пред тоа, можете да се види како нешто почна да паѓа во студиото и водителката бега од кадарот. Некој на видеото потоа извикува „Алах Акбар“.
🚨🚨 Moment Iranian television was struck by Israeli airforce pic.twitter.com/auan6THShy
— Amichai Stein (@AmichaiStein1) June 16, 2025
Програмата продолжи извесно време по ударот
Државната телевизија на Исламската Република Иран (IRIB) повторно емитува во живо, откако неколку минути беше исклучена од етерот поради израелскиот напад, јавува BBC Persian.
На екранот сега се прикажува порака дека „сите програми продолжуваат во живо без прекин“, додека друг текст вели дека Израел „погоди една од зградите на иранската државна телевизија во брутален напад“.
Нападот се случи откако израелскиот министер за одбрана Израел Кац изјави дека „иранскиот мегафон на пропаганда и поттикнување е на пат кон исчезнување“.
Кац изјави и дека евакуацијата на жителите од околните населби веќе е започната.
Претходно истиот ден, според иранските медиуми, израелските сили нападнале и воена база во западен Техеран.
Свет
„Волстрит журнал“: Иран бара од Трамп да ги запре израелските напади

Иран, преку арапски посредници, испраќа пораки до САД и Израел со желба за итен прекин на непријателствата и враќање на преговарачката маса за нуклеарната програма, пренесува „Волстрит журнал“, повикувајќи се на блискоисточни и европски функционери.
Израелските напади засега поефикасни
Во екот на интензивната израелска воздушна офанзива, ирански функционери информирале арапски колеги дека се подготвени да продолжат со преговорите — доколку САД не се вклучи во воените акции. Исто така, испратиле пораки и до Израел дека е во интерес на двете страни конфликтот да не се прошири.
Израелски авиони слободно летаат над Техеран, додека иранските противнапади прават штета, но значително помала, врз израелските градови. Тоа ѝ дава мала причина на израелската влада да ги прекине ударите, додека не смета дека ги уништиле иранските нуклеарни објекти и ја ослабнале власта на ајатолахот.
Израелските напади досега убија клучни воени команданти, вклучувајќи и голем дел од врвот на иранското воено воздухопловство. Но, нуклеарната инфраструктура е само делумно оштетена, а аналитичарите проценуваат дека за сериозни резултати ќе биде потребна долготрајна кампања.
Крајна цел
Премиерот Бенјамин Нетанјаху изјави дека нападите ќе продолжат сè додека не бидат уништени иранските нуклеарни и ракетни капацитети. Додаде дека промената на режимот не му е цел — но и не ја исклучи.
Израелската војска, според официјални извори, подготвила барем две недели интензивни напади. Во меѓувреме, францускиот претседател Емануел Макрон повика на итно продолжување на преговорите, а бројни арапски лидери бараат прекин на огнот. Американскиот претседател Доналд Трамп до неодамна се противеше на воена интервенција, но сега отворено ја поддржува израелската кампања.
„Мислам дека е време за договор, но понекогаш едноставно мора да се бориш“, изјави Трамп вчера.
Иран не сака директна вмешаност на САД
За Иран, привремено примирје би значело време за консолидација и користење на меѓународниот притисок против Израел. Истовремено, Техеран сака да ја задржи Америка надвор од конфликтот.
Арапски дипломати тврдат дека Иран смета оти Израел нема капацитет за долготраен воен ангажман и дека на крајот ќе мора да прифати дипломатско решение. Иранските проценки се дека Израел без американска помош не може сериозно да ги оштети објекти како што е подземниот комплекс Фордо.
„Иранците знаат дека САД го поддржува Израел логистички и одбранбено“, изјавил еден арапски официјален претставник. „Но, бараат гаранции дека САД нема директно да се вклучи.“
Во спротивно, Иран најавува можност за забрзување на нуклеарната програма и проширување на војната.
Опасност од понатамошна ескалација
Засега, нема сигнали дека Иран е подготвен на нови отстапки во врска со нуклеарната програма. Преговорите пред нападите биле во застој поради иранското одбивање да престане со збогатување на ураниум. Израел инсистира дека прекинот на збогатувањето е минимум за кој може да се разговара.
Покрај нуклеарното прашање, Израел и заливските држави се загрижени и за иранската поддршка на регионални милиции и ракетниот програм.
Во текот на викендот конфликтот доби и енергетска димензија — двете страни почнаа да ги напаѓаат енергетските објекти. Жртвите меѓу цивилите се сè побројни.
Земјите од Персискиот Залив, вклучувајќи ги Саудиска Арабија, Катар и Оман, го повикуваат Вашингтон да изврши притисок врз Израел да ја прекине воената акција. Тие предупредуваат дека конфликтот може да ескалира и да ја загрози енергетската инфраструктура, што би имало сериозни последици врз пазарот на нафта и светската економија.