Македонија
(Видео) За седум дена извршени 4.080 инспекции, затворени два угостителски објекта
Од 23 ноември до 29 ноември од страна на седумте инспекциски служби се извршени вкупно 4.080 контроли, по основ на почитување на здравствените протоколи и материјалните закони во рамки на надлежностите на инспекторатите.
Државниот пазарен инспекторат изврши 2.635 контроли и 462 надзори поврзани со материјалните закони и здравствените протоколи за работа на угостителските објекти. Притоа, поднесени се 18 прекршочни пријави, 31 прекршочен платен налог и 54 решенија. Од овие 54 решенија, две решенија се донесени согласно Законот за заштита на населението од заразни болести и се однесуваат на 2 угостителски објекти од Гостивар кои не го почитувале протоколот во делот на ограничен број гости на маса, поради што изречена им е забрана за работа и соодветна глоба за правното лице и за одговорното лице во правното лице.
Во истиот период Државниот здравствен и санитарен инспекторат изврши 80 надзори, а издадени се 12.218 решенија за изолација и домашно лекување на лица позитивни на Ковид-19 и лица кои биле во контакт со заболени, а дополнително издадени се и 9 решенија за констатирани неправилности.
Државниот инспекторат за транспорт во изминатите седум дена изврши 43 надзори, при што изречени се 8 прекршочни пријави, 7 решенија и 1 платен налог за прекршувања на материјалните закони.
Од извршените надзори по основ на Законот за заштита на населението од заразни болести, не се констатирани прекршувања на законот и на протоколите за превоз на патници.
Агенцијата за лекови и медицински помагала во истиот период изврши 28 надзори во аптеки по основ почитување на мерките и издавањето на антибиотици, при што изречено е едно решение согласно Законот за лекови и медицински средства.
Државниот инспекторат за труд спроведе 501 надзор во правни субјекти на територијата на целата држава со фокус на почитување на протоколите во насока на заштита на здравјето на вработените. При овие надзори, од страна на трудовите инспектори изречени се 26 решенија согласно материјалните закони, а дополнително изречени се и 6 платни налози заради неносење заштитна маска за лице во работниот простор во Ресен и Битола.
Агенцијата за храна и ветеринарство во периодот од 23 до 29 ноември спроведе 331 надзори. Притоа издадени се 5 решенија, еден платен налог и извршени се 22 едукации поради констатирани неправилности кои се однесуваат на неизвршени здравствени прегледи, неспроведување на општи хигиенски мерки, неправилно складирање и чување на производи и неправилно означување на производите.
Инспекторатот за животна средина и природа во истиот период изврши 53 инспекциски надзори, од кои 10 надзори во правни субјекти кои поседуваат А-Интегрирани еколошки дозволи, 38 во правни субјекти кои поседуваат Елаборати за животна средина и 4 инспекциски надзори на нестандардни комунални депонии. Притоа, издадени се 16 решенија со корективни мерки за правни субјекти кои поседуваат А-Интегрирани еколошки дозволи и за правни субјекти кои поседуваат Елаборати за заштита на животната средина. Во текот на викендот овој инспекторат во Тетово, Куманово и Кавадарци, во коишто градови беше надминат прагот на алармирање, изврши 17 вонредни надзори.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Да се забрани производство на марихуана за наводни медицински цели“, бара Демократскиот сојуз
Демократскиот сојуз бара Парламентот на Македонија по скратена постапка да донесе измена на законите со кои ќе се забрани производство на марихуана (Cannabis sativa) за наводни медициски цели.
„Досега, од 2017 година надлежното Министерство за здравство, во соработка со други институции (Мин.за земјоделство, Меѓуресорската комисија и други) издало 61 лиценца на фирми кои можеле да произведуваат марихуана за медицински цели.
Повеќе од јасно е дека контролата затаила поради што се случија фингирани кражби, пресметки помеѓу нарко-мафијата, заплени на канабис од полицијата итн., но криминалниот бизнис продолжи, бидејќи нарко-мафијата во која беа вклучени и носители на највисоки државни функции од претходната власт се стекнаа со огромна финансиска моќ и политичко влијание“, велат од ДС.
„Демократски сојуз силно ја поддржува акцијата на МВР за заплена на канабисот и инсистира да постапува неселективно и јавно да бидат објавени сопствениците (формални и неформални) на фирмите кои произведуваат канабис, кој и кога ги издал лиценците за производство на канабис итн.
Министерството за здравство во соработка со другите надлежни институции да објави колку количини на канабис се произведени, каде се тие количини (продадени, на залиха, украдени итн.) и колку профит е остварен.
Запленетите 32 тона канабис (5 во Србија и 27 тони во Македонија), тоа е засега гребење по површината на овој нарко-бизнис кој има тешки последици по здравјето на младите генерации, политичката стабилност, владеење на правото и меѓународниот углед на државата.
Бараме да се прошири одговорноста и кон носителите на функции од надлежните министерства кои издавале лиценци и кои затаиле со контролата на спроведување на законите за да се спречат злоупотребите.
Одземените количини се премногу за Балканот, а не за медицинските потреби на Македонија. Очигледно е дека првобитната хумана цел е злоупотребена и затоа се потребни итни законски промени“, соопштуваат од Демократскиот сојуз.
Македонија
Утре без вода делови од Кисела Вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека поради промена на воздушен вентил на улицата Јустинијан Први (кај мостот), утре прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од село Драчево, општина Кисела Вода.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
СДСМ има решение: Наместо луксуз на власта – 600 евра плати за работниците и поддршка за компаниите
„Претседателот на СДСМ, Венко Филипче понуди јасно, конкретно и остварливо решение за зголемување на минималната плата на 600 евра преку ребаланс на буџетот. Нема простор за изговори на власта: пари во буџетот има, но тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ ги трошат за луксуз и криминални тендери“, велат од СДСМ.
„За зголемување на минималната плата на 600 евра потребни се околу 7,5 милијарди денари, односно 120 милиони евра.
Само со рационално кратење на трошоците во две буџетски категории може целосно да се обезбедат потребните средства.
Кратење на 20 до 30% на делот „стоки и услуги“, каде што се, патувања, репрезентации, договорни услуги, возила, мебел и комфор на функционерите, може да се обезбедат меѓу 90 и 130 милиони евра.
Со кратење на делот „разни трансфери“ може да се обезбедат дополнителни 75 милиони евра.
Со кратење само во овие две категории се обезбедуваат од 130 до над 200 милиони евра.
Овие пари се доволно не само за минимална плата од 600 евра, туку и за дополнителна мерка за поддршка на приватниот сектор преку субвенционирање на придонесите, со што компаниите ќе можат да ги зголемат платите без да се загрози нивната ликвидност.
Не може да има пари за луксуз, патувања, партиски тендери и партиски вработувања, а да нема пари за работниците.
Изговори нема. Ако власта сака да им помогне на работниците, може веднаш да предложи ребаланс на Буџетот. СДСМ ќе го поддржи“, соопшти СДСМ.

