Македонија
Шахпаска: Отворањето на РЕХА-центарот во Струмица е пример за вистинска инклузија на лицата со попреченост
Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, денеска присуствуваше на отворањето на првиот Центар за работно – ориентирана рехабилитација за лица со попреченост во Струмица, чие отворање е поддржано од Швајцарската агенција за развој и соработка во партнерство со Министерството за труд и социјална политика и Програмата за развој на Обединетите нации (UNDP).
„Кога говориме дека сакаме да изградиме едно општество за сите, тоа значи дека градиме општество коешто создава услови и можности за сите граѓани, да се вклучат во личниот и општествениот развој на еднакви основи. Лицата со попреченост претставуваат дел од нашите семејства, дел од нашето општество“, истакна министерката Шахпаска.
Таа посочи дека носењето на социјалната реформа од страна на Министерството за труд и социјална политика и преку мерките предвидени со оваа реформа се овозможува вистинска инклузија на лицата со попреченост во нашето општество, како и дека отворањето на Центарот е вистински пример како општествената заедница на локално ниво прави децентрализација на локалните услуги и креира политики за овозможување на лицата со попреченост да бидат вклучени на пазарот на трудот.
Амбасадорката на Швајцарија, Сибил Зутер Техада, ја истакна важноста на социјалната инклузија како еден од столбовите за создавање цврста основа на еднакви можности за сите.
Освен во Струмица, во рамките на оваа заедничка интервенција во делот на социјалната реформа и креирање нови социјални услуги, во државата е основан уште еден ваков Центар во рамки на Јавна установа за рехабилитација на лица со попреченост која испорачува услуги од ист тип за лицата со попреченост од Скопскиот Регион.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Скопје
Градоначалникот Георгиевски на увид во реконструкцијата на игралиштето за мал фудбал во Текија, општина Илинден
Увид во работните активности за реконструкција на игралиштето за мал фудбал во рамки на подрачното општинското основно училиште во населено место Текија направи градоначалникот на општина Илинден, Александар Георгиевски.
Како што истакна градоначалникот Георгиевски и на ова фудбалско игралиште целосно ќе биде обновен асфалтниот слој, проширување на теренот, ќе биде поставено лед осветлување, обновување на заштитната ограда, а ќе бидат поставени нови голови, клупи, корпи за отпадоци, просторот ќе биде партерно уреден. Со обновувањето на игралиштето ќе се создадат услови за реализација на часовите по физичко образование како и комплетно реконструиран, убаво уреден простор каде младите во спортски дух ќе го поминуваат слободното време, соопшти општина Илинден.
Покрај реконструкцијата на игралиштето за фудбал ќе се обнови и детското игралиште во рамки на училиштето, односно оштетените реквизити ќе бидат заменети со нови.
Со цел уредување на секое населено место како и создавање квалитетни и безбедни услови за жителите, општина Илинден продолжува со реконструкција на постоечките и изградба на нови спортски терени и во останатите населени места, се наведува во соопштението.
Македонија
СДСМ: Ја слушнавме пораката од граѓаните и ја прифаќаме, ќе продолжиме да се бориме
„СДСМ ја слушна пораката од граѓаните и ја прифаќа. Ние ќе продолжиме да се бориме за секој граѓанин, за прогресивна и европска иднина на Македонија. Резултатот на изборите на 8 мај сè уште не е одлучен“, велат од СДСМ.
„Со десничарите може да се соочиме со мрачни сценарија од минатото, кои ќе стават крај на европските перспективи и кои водат во нова долга изолација и нови поделби во општеството.
Веќе се гледа дека ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ играат опасна игра со мултиетничкото ткиво на нашето општество. Тензиите што се сега се прават меѓу Македонците и Албанците може да нè вратат назад во грдото минато.
Затоа е исклучително важно граѓаните да излезат и да гласаат на 8 мај, за напредна држава, држава во која ќе имаме подобар животен стандард. Нема откажување од иднината!“, соопшти СДСМ.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Над 180.000 гласови предност се обврска за ВМРО-ДПМНЕ Македонија повторно да ја врати на народот
180.000 гласа разлика во корист на Силјановска Давкова и ВМРО-ДПМНЕ пред Пендаровски и СДС е порака дека народот сака промени и крај на понижувањата, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.
„Народот не поддржува политика на понижување на Македонија. Граѓаните јасно кажаа дека се против криминалот на СДС и ДУИ. 7 години Македонија тоне на секое поле. На почеток на секоја учебна година немаше учебници за учениците, за болните немаше лекарства, за земјоделците немаше откуп. Народот не се чувствуваше безбеден, криминалот царуваше по улиците“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Како што истакнуваат, народот не сака да живее повеќе во несигурност.
„Над 180.000 гласови предност се обврска за ВМРО-ДПМНЕ Македонија повторно да ја врати на народот. Победата во вториот круг ќе биде уште поголема, а СДС и Пендаровски, заедно со нивните газди од ДУИ никогаш повеќе нема да бидат во позиција да го понижуваат народот. Македонија повторно твоја“, завршуваат од ВМРО-ДПМНЕ.