Европа
Шведска ја зајакнува безбедноста на синагогите и џамиите
Шведската полиција има намера да ја зајакне безбедноста околу синагогите и џамиите по вооружените напади во данската престолнина Копенхаген по саботните напади во кои загинаа две лица, пишува во понеделникот шведското издание на Local.
Според шведскиот министер за внатрешни работ Андерс Јигеман, владата води преговори со локалните верски заедници во врска со засилувањето на безбедноста на нивните верски објекти и центри.
„Во што е можно покус рок полицијата ќе го зголеми своето присуство, а во текот на подолг временски период треба да работиме заедно со верските заедници за да им помогнеме на Евреите коишто живеат во Шведска да се чувствуваат безбедно“, изјави Јигеман.
Во инцидентот пред синагогата во Копенхаген од саботата навечер, беше убиено едно лице, припадник на тамошната еврејска заедница, а двајца полицајци беа ранети. Неколку часа пред нападот на синагогата, непознат напаѓач отвори оган во културниот центар „Крутенден“, каде што се одржуваше трибина за исламот и слободата на изразувањето со учество на шведскиот карикатурист Ларс Вилкс, за кој постои сомневање дека бил цел на нападот поради тоа што во 2007 година објави карикатура на пророкот Мухамед претставен како пес. Притоа едно лице беше убиени, а тројца полицајци ранети.
Веднаш во саботата беше зголемена контролата на граничните премини меѓу Данска и Шведска, како и кон Германија, поради можност напаѓачите да ја минат границата и да извршат напади во соседните земји. Така, во германскиот град Брауншвајг во неделата поради предупредување на разузнавачките служби за голема веројатност од напад беше откажана традиционалната карневалска поворка.
Данската премиерка Хеле Торнинг-Шмит нападот го карактеризираше како терористички чин, најверојатно инспириран од парискиот напад врз редакцијата на сатиричниот магазин Charlie Hebdo од 7-ми јануари, исто така, поради објавување на карикатури на пророкот Мухамед, кога беа убиени 12 лица.
Во неделата во престрелка на железничката станица во Копенхаген, полицајците застрелаа 22-годишен маж осомничен дека стои зад двата напада. Полицијата не го објави неговото име, но данските медиуми го идентификуваа како млад муслиман роден и пораснат во Данска, кој бил во судир со законот поради насилство и учество во локални банди.
Во понеделникот беше објавено дека полицијата поднела обвиненија за уште две лица, осомничени дека на некој начин се инволвирани во саботните напади. Како што изјави за американската телевизиска мрежа CNN, адвокатот на осомничените, обвинителството смета дека тие му овозможиле на напаѓачот да се сокрие./крај /мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
(Видео) Украина почнува да го користи американскиот систем „Темпест“
Украина очигледно го распоредила најновиот американски противвоздушен ракетен систем „Темпест“ со краток дострел. Откритието доаѓа од видео објавено од Командата на воздухопловните сили на Украина на почетокот на оваа година, за кое аналитичарите велат дека го прикажува системот во акција.
Командата на воздухопловните сили на Украина го објави видеото како дел од својата новогодишна порака, на кое се гледа одбивањето на воздушен напад без никаква официјална најава или идентификација на новото оружје. Сепак, украинската аналитичка група „Водохраи“ подоцна објави дека видеото всушност го прикажува системот „Темпест“ како пресретнува руски дрон за време на ноќен напад.
Американската одбранбена компанија V2X ја претстави платформата „Темпест“ на изложбата на Здружението на армијата на Соединетите Американски Држави (AUSA) во октомври 2025 година, но трансферот на системот во Украина не е јавно објавен. Противвоздушниот ракетен систем „Темпест“ е дизајниран да се справи со беспилотни летала, хеликоптери и авиони што летаат ниско во сите временски услови.
Европа
Русија изврши уште еден голем напад со дронови во текот на ноќта
Русија изврши голем напад врз Украина преку ноќ со 156 ударни дронови од типот „Шахед“, „Гербера“ и други. Од вкупниот број, околу 110 летала беа дронови камикази од типот „Шахед“, информираше Командата на украинските воздухопловни сили, како што објави „Украинска правда“.
Според прелиминарните податоци објавени до 8 часот наутро, украинските сили за воздушна одбрана успеале да соборат или електронски да блокираат 135 руски ударни дронови. Одбраната дејствувала на широка област, опфаќајќи ги северните, јужните, источните и централните делови на земјата.
И покрај високата стапка на пресретнување, регистрирани се 16 погодоци на ударните дронови на вкупно 11 локации. Покрај тоа, остатоците од соборените дронови паднале на две места.
Воздухопловните сили, противвоздушните ракетни единици, средствата за електронско војување, единиците за беспилотни системи и мобилните противпожарни групи на украинските одбранбени сили учествувале во одбивањето на воздушниот напад. Властите предупредуваат дека нападот сè уште е во тек и дека неколку руски дронови сè уште се во украинскиот воздушен простор.
Европа
Туристи заглавија во Финска поради екстремно ниските температури
Илјадници туристи останаа заробени во северна Финска откако екстремно ниските температури ги приземјија авионите и принудно откажаа летови.
Температурите на аеродромот Китила во Лапонија паднаа на рекордно ниско ниво од -37°C во недела наутро, предизвикувајќи прекини во воздушниот сообраќај, објави Скај њуз.
Арктичкиот студ го погодува аеродромот со денови, што ги прави операциите на аеродромот, вклучително и клучното одмрзнување на авионите, речиси невозможни. Сепак, постои надеж за блокираните британски туристи, со летови до Манчестер и Лондон закажани за понеделник попладне. Успехот на тие летови останува неизвесен бидејќи метеоролозите предвидуваат дека температурите сепак ќе бидат околу -28°C.
Иако жителите на финска Лапонија се навикнати на сурови зими, овогодинешниот студен бран, кој погоди големи области на северна, централна и источна Европа, беше поинтензивен отколку во претходните години. Обилните снежни врнежи, силните ветрови и заледените патишта го направија патувањето опасно низ овој дел од континентот.
Во Германија, патниците со железнички превоз доживеаја големи доцнења и откажувања во неделата откако националниот оператор „Дојче Бан“ ги запре сите услуги на северот од земјата. Властите во Северна Рајна-Вестфалија, најнаселената покраина во Германија, објавија дека сите училишта ќе бидат затворени во понеделник поради ниските температури, а наставата ќе се одржува преку интернет.
Во балтичките земји Естонија и Литванија, возачите беа повикани да ги одложат сите непотребни патувања поради прогнозираните снежни бури. Соседна Латвија, исто така, издаде предупредување за снег за западниот дел од земјата.

