Македонија
Пендаровски до волонтерите на Црвен крст: Благодарност за вашата пожртвуваност, одговорност и посветеност
Претседателот Стево Пендаровски во пресрет на одбележувањето на 5 Декември – Меѓународниот ден на волонтерството, учествуваше на онлајн вебинар настан организиран од Црвениот крст под мотото „За сите наши волонтери”.
Претседателот Пендаровски, во име на Црвениот крст, на сите волонтери им го додели признанието насловено „За сите наши волонтери” за севкупниот придонес во обезбедувањето поддршка за различни целни групи на население погодени од пандемијата со Ковид-19 во Република Северна Македонија.
„Дозволете ми, во името на сите граѓани да им кажам едно големо благодарам на сите волонтери за нивната пожртвуваност, одговорност и посветеност. Сево ова е посебно видливо во овие вонредни услови во кои се наоѓаме заради пандемијата на Ковид-19, кога ни се потребни сите материјални, медицински, но, пред сè, човечки ресурси”, порача претседателот Пендаровски.
Честитајќи го Меѓународниот ден на волонтерството, претседателот Пендаровски посочи дека волонтерите на Црвениот крст кои се вклучени во помош и поддршка на луѓето кои се во незавидна состојба како резултат на пандемијата, претставуваат мотив и инспирација за сите останати и позитивен пример што ја враќа надежта во човечноста и хуманоста.
„Денес, кога целиот свет се бори со пандемија, треба сите да покажеме солидарност и одговорност, затоа што само преку развиена колективна свест ќе постигнеме заеднички напредок”, им порача претседателот Пендаровски на волонтерите од Црвениот крст и истакна дека нашата држава се гордее со сите нивни досегашни активности и придонес во унапредување на добросостојбата на сите граѓани.
Претставниците од Црвениот крст изразија благодарност до претседателот Пендаровски за неговата континуирана поддршка на сите социјални и хумани активности на нивната организација.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Посебен режим на сообраќај во Скопје за празникот Водици
На 19.01.2026 (понеделник) Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе воведе посебен режим на сообраќај за одредени сообраќајници во Скопје.
Во центарот на Скопје за сообраќај ќе биде затворена ул. „Филип Втори Македонски“ на потегот од крстосницата со бул. „Гоце Делчев“ до крстосницата со ул. „11 Октомври“ во двете насоки.
Во општина Ѓорче Петров за сообраќај ќе бидат затворени сообраќајницата од црквата „Свети Петар и Павле“, бул.„Партизански Одреди“ до ул.„Ѓорче Петров“, ул.„Ѓорче Петров“ до ул.„Васил Чакаларов“, како и од црквата „Свети Пантелејмон“, ул.„Козле“, дел од ул.„Васил Чакаларов“ до Железничкиот мост на реката Вардар. Во општина Аеродром за сообраќај ќе биде затворен локалниот пат кон Горно и Долно Лисиче.
СВР Скопје апелира со сите учесници во сообраќајот да ги прочитуваат наредбите кои ќе ги даваат униформираните полициски службеници.
Македонија
Утре локални врнежи од дожд, на планините снег
Утре на пониските места ќе има слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места и на планините од снег. По одредени котлини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 2, а максималната ќе достигне од 2 до 6 степени, информира УХМР.
Во Скопје, променливо облачно со слаби локални врнежи од дожд и појава на магла. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 5 степени.
За време на викендот на пониските места ќе има слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места од снег.
Во поденелник и вторник има преодно стабилизирање на времето, а од среда повторно ќе има врнежи претежно од снег. Од утре до крајот на неделата има услови за појава на магла по одредени котлини. Дневната температура ќе има тенденција на опаѓање.
Македонија
Министерството за здравство ги кани на соработка нашите лекари кои работат во странство
Министерството за здравство информира дека на веб-страницата на МЗ од денес е активиран електронски модул на кој лекарите кои моментално работат или специјализираат во странство може да изразат интерес за соработка со нашиот здравствен систем.
-Во рамки на нашите заложби за дигитализација во здравството, овој електронски модул претставува директен канал за стручна соработка со дијаспората, со цел полесно мапирање профили и експертизи кои може да придонесат во нашиот здравствен систем. Меѓусебната соработка со овие лекари е предвидено да опфати обуки, едукации, менторство, консултации или проектна поддршка, како и други стручни ангажмани. Во оваа прилика ги повикувам да се пријават нашите лекари кои работат во странски медицински центри, лекари кои се на специјализација или супспецијализација во странство, или лекари кои се ангажирани во странски академски и научно-истражувачки установи, потенцира министерот за здравство, Азир Алиу.
Пријавувањето се врши исклучиво преку електронскиот модул на веб-страницата на Министерството за здравство, по што Министерството ќе ги контактира лекарите за конкретна соработка што одговара на нивниот профил.
Во електронскиот модул насловен „Лекари од дијаспората“ предвидено е лекарите да пополнат повеќе лични и професионални податоци, детали за клучните области на експертиза, лиценци, сертификати, листа на публикации, како и сегменти на соработка за кои изразуваат интерес.

