Македонија
Османи се сретна со Јанакакис, вонренден и ополномоштен амбасадор на Република Грција

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, го прими вонредниот и ополномоштен амбасадор на Република Грција во Северна Македонија, Димитрис Јанакакис, во проштална средба.
Министерот Османи го поздрави севкупниот ангажман на амбасадорот Јанакакис за време на неговиот мандат во Северна Македонија, во кој беа реализирани историски моменти во билатералните односи, како што беа подготовките, но и самото потпишување и спроведување на преспанскиот договор. Покрај можноста за создавање нова фаза во билатералните односи и преземање серија активности за нивно продлабочување, беше овозможено нашата држава да ги оствари најзначајните надворешнополитички приоритети, полноправното членство во НАТО и одлуката на Европскиот совет во март за почнување на пристапните преговори со Европската Унија.
„Со нашиот заемен ангажман покажавме дека успешното разрешување на долгогодишното отворено билатерално прашање стана модел за други држави во регионот, придонесе за интензивирање на регионалната соработка и со тоа за европската перспектива на регионот“, истакна министерот Османи и додаде: „Грција продолжува да биде гласен лобист за ЕУ-напредокот на Северна Македонија и другите држави од регионот“.
Министерот Османи му се заблагодари на амбасадорот Јанакакис за помошта во реализацијата на сите активности што во изминатиот период придонесоа за интензивирање на соработката меѓу двете држави во повеќе области од заемен интерес и со заедничка координација и работење.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Партијата Левица со поддршка на првомајските протести

Во време кога капиталот ја гаси секоја искра на отпор, платите стагнираат, цените растат, а власта парче по парче ги крати работничките права и ја продлабочува социјалната неправда, време е за работничка солидарност. 1 Мај е денот кога работникот треба да покаже дека неговиот глас никогаш нема да биде замолчен, порачуваат од политичката партија Левица.
Од партијата велат дека владата на ДПМНЕ-ЗНАМ-ВРЕДИ со своите празни ветувања за обновување на „гордоста“, оставила работниците да се борат сами за своето егзистенцијално опстанување, додека постепено се губи достоинството на трудот.
„Партиите на олигархијата, исклучени од реалноста, за нецелосен мандат на власт, во повеќе наврати ја демонстрираа својата оттуѓеност од реалните потреби на работниците и наклонетоста кон интересите на капиталот, и бессрамно одбија реални решенија за подобрување на правата на работникот, додека тие уживаат во своите удобни фотељи. Така за само неколку месеци власт во работникот доби зголемена сиромаштија и институционализирана неправда која ги погодува најранливите во општеството.
Потсетуваме дека, додека Левица нудеше законски решенија за подобрување на работничките права – работникот да добива надоместок за патни трошоци, платата да ја добива навреме до 5-ти во месецот, избегнувајќи непотребни казнени камати за задоцнето плаќање, породилно отсуство за мајките од 18 месеци, владата на ДПМНЕ-ЗНАМ-ВРЕДИ јасно застана на страната на капиталот и ноншалантно ги одбиваше сите предлози кои значеа враќање на достоинството за работникот, а најлошо од сѐ – се изземаа од трипарттитниот договор со капиталистите, кадешто требаше да бидат гарант дека работниците ја имаат подршката од државата“, велат од Левица.
Затоа, велат од атаму, 1 Мај не е ден за тишина – 1 Мај е ден за отпор, за гласно, организирано не на капиталистичкиот систем што ги гази нашите животи.
„За систем што ќе служи на работникот, а не на профитот. Левица како единствена партија која се бори за подобар статус на работникот, го подржува протестот на ССМ за 1 Мај, и ги повикува сите работници на сплотеност и истрајност во борбата за работничките права“, се вели во соопштението на Левица.
Македонија
ССМ утре на протест со исто барање како лани: Протестираме за најмалку 500 евра минимална плата

Исто како и ланскиот првомајски протест и оваа година Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) ги повика работниците и нивните поддржувачи на протест за најмалку 500 евра минимална плата, 100 евра зголемување на сите останати плати и почитување на колективните договори. Минатата година претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов кога повикуваше на првомајски протест кажа дека од новата Влада ќе побара покачување на минималната плата уште во првите сто дена, но една година подоцна, барањето не е исполнето, па и утрешниот првомајски протест ќе биде со истите барања.
„Нашите барања не се од денес, не започнаа вчера и нема да завршат утре. Протестот е начин на Први мај да изразиме незадоволство од висината на платите кои ги примаат работниците во Македонија, а како што многупати сме кажале досега се најниски во регионот, а да не зборуваме и за пошироко. ССМ ги повикува сите кои му мислат добро на работникот во текот на утрешниот ден, Први мај, во 11 часот да ни се приклучат на работничкиот протест со рутата на движење Собрание-Стопанска комора- Влада. Денеска синдикатите во Македонија имаат многу причини да излезат, да демонстрираат и да протестираат, а не да прославуваат. Денеска имаме можност да покажеме дека сме тука за работниците“, рече претседателот на ССМ, Трендафилов.
На утрешниот протест трендафилов одговарајќи на новинарско прашање каже дека нема да има сендвичи но ќе се протестира за работниците да може да се изборат не само за сендвич туку за да можат да обезбедат далеку повеќе работи за семејствата.
Протестот ќе почне утре во 11 часот пред Работничкиот дом.
Македонија
Формирана Меѓупартиска парламентарна група за следење на имплементацијата на обврските од Берлинскиот процес

Денеска, во Собранието, се одржа конститутивна седница на Меѓупартиската парламентарна група за следење на имплементацијата на обврските од Берлинскиот процес и реформската агенда од планот за раст.
Иницијативата за оваа Група беше поднесена во октомври минаната година и таа беше прифатена од сите партии. На денешното нејзино конституирање формално за нејзин претседател едногласно беше избран потпретседателот на Собранието, Антонијо Милошоски, на предлог на координаторот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски.
Милошоски се заблагодари за довербата и вети што повеќе активности на Групата. Тој истакна дека формирањето на оваа Група е од исклучителна важност за Собранието за обезбедување парламентарен надзор и поддршка во спроведувањето на клучните реформски обврски што произлегуваат од Берлинскиот процес и новата реформска агенда од планот за раст како стратешки приоритети на државата. Во насока на нејзино поуспешно дејствување предложи членување не само на моментните 29 пратеници, туку и на невладини организации.
Меѓупартиската парламентарна група за следење на имплементацијата на обврските од Берлинскиот процес и реформската агенда од планот за раст ќе се занимава со:
· степенот на реализација на обврските поврзани со заедничкиот регионален пазар;
· јавните и надзорните расправи со претставници на извршната власт, а во врска со проектите што се дел од целите на Берлинскиот процес;
· претставување на Собранието на регионални и меѓународни настани организирани во рамките на Берлинскиот процес;
· други активности поврзани со планот за раст на Европската комисија.
Во Берлинскиот процес учествуваат 9 земји членки на ЕУ, како и Велика Британија, а од пред една година не се вклучени само владите, туку и парламентите. Во моментот со Берлинскиот процес претседава Германија, но од јуни претседавањето ќе го презеде Велика Британија.