Македонија
„Меѓаши“ бара итни мерки за намалување на загадувањето на воздухот

Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ на Меѓународниот ден на човековите права – Правото на живот побара итни мерки за намалување на загадувањето, кое директно влијае врз здравјето на децата и нивниот живот.
Оттаму предупредуваат дека загадувањето на воздухот во урбаните средини е континуирано над европските стандарди и претставува алармантен проблем. Во 2019 година Македонија имаше највисока годишна концентрација на ПМ 2,5-честичките во Европа и 3.400 прерани смртни случаи како директна последица од загадувањето, додаваат од „Меѓаши“.
„Енормното аерозагадување во зимскиот период е проблем за 2/3 од децата во државата. Децата се особено ранливи на штетните ефекти од загадувањето на воздухот. Децата вдишуваат поголема количина воздух, а со тоа поголема количина и штетни супстанции. Тие се подложни на негативните ефекти од загадувањето на воздухот, особено за време на феталниот развој и во најраните години. Респираторните заболувања со години се на првото место во структурата на поединечните групи на болести кај децата, а медицинскиот кадар постојано апелира за негативните ефекти од загадувањето врз здравјето на децата. Децата истакнуваат дека, освен на нивното физичко здравје, аерозагадувањето се одразува и на ментално здравје, им го ограничува секојдневното функционирање и ги принудува да останат во своите домови. Тие се исто така загрижени за негативниот ефект на загадениот воздух врз нивните блиски и другите луѓе во државата кои имаат здравствени проблеми, како и за дополнителните здравствени трошоци како резултат на проблемите предизвикани од аерозагадувањето“, се наведува во извештајот на организацијата.
„Како се чувствуваат децата кога воздухот е загаден и како тоа влијае на нивниот секојдневен живот?
„Се чувствувам изнемоштено и омалаксано, ме боли стомакот“.
„Имам некои здравствени проблеми и загадениот воздух уште повеќе ми го попречува дишењето“.
„Порано немав проблем, но оваа зима имав проблем со дишењето. На моменти не можев да земам воздух и бев принудена да носам маска и цело време да одам на инхалација кај матичната докторка,чија амбуланта не е во близина на моето место на живеење, така што моите родители во тој период имаа многу повеќе дополнителни трошоци за мене и моето здравје“.
„Се чувстувам лошо. Мојот родител има хроничен бронхитис и многу лошо му влијае целата ситуација со воздухот и му наштетува на здравјето. Тоа исто така дополнително ме загрижува. Ми влијае и мене, постојано сум затнат и не можам да се издишам“.
„Депресивно“.
„Не се чувствувам среќно и понекогаш се вонемирувам“.
„Се чувствувам напнато и влијае негативно на мене“.
„Се чувствувам нездраво и немам желба за излегување на прошетки и слично“.
„Се чуствувам како да живеам во ѕвоно поради тоа што ретко изглегувам надвор и морам да носам маска“.
Во извештајот се предупредува дека покрај здравствените, аерозагадувањето има и сериозни економски последици. Така, анализите на Светската банка укажуваат дека аерозагадувањето ја чини државата од 500 до 900 милиони долари годишно.
„Во изминатите години беа донесени повеќе национални и локални стратешки документи за подобрување на квалитетот на воздухот. Повеќето од предвидените активности во нив се насочени кон минимални рестриктивни мерки во делот на сообраќајот и кон субвенции за промена на начинот на загревање на домаќинствата. Најголем дел од овие мерки не е спроведен, а само мал дел е во фаза на изработка/подготовка.
Македонија како потписник на многубројни меѓународни документи за заштита на човековите права, вклучително и Конвенцијата за заштита на правата на децата, има обврска да ги почитува, заштитува и унапредува условите за реализација на човековите права на децата. Оваа обврска бара државата да преземе соодветни законски, административни, буџетски, судски и други мерки во правец на целосна реализација на правата на децата. Во таа насока ја повикуваме државата да ги исполни обврските во однос на почитување на основното право, ПРАВОТО на ЖИВОТ воведувајќи ИТНИ мерки за намалувањето на загадувањето, кое диретно влијае врз здравјето на децата и нивниот живот. Децата имаат ПРАВО на ЖИВОТ! Бараме ИТНИ мерки за намалувањето на загадувањето на воздухот“, се заклучува во извештајот на „Меѓаши“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Данела Арсовска до Орце Ѓорѓиевски: Дај одговори им на скопјани зошто се криеш и лажеш за надлежностите за УСЈЕ

„Добро утро Орце Ѓорѓиевски. Незгодно ми е што ти досаѓам, гарант ќе ти преседне утринското кафе со Хрисафов од Усје, знаеш она истото УСЈЕ што го загадува Скопје!“, напиша градоначалничката Данела Арсовска на социјалните мрежи.
„Туку дај одговори им на скопјани зошто се криеш и лажеш за надлежностите за УСЈЕ, а бидејќи си јак претседател на сите општини на ЗЕЛС, ингеренциите на секоја општина вклучително и на својата добро ги знаеш (се надевам)
1. Интегрираната А лиценца на УСЈЕ не е надлежност на Град Скопје туку е надлежност на Министерството за животна средина на Изет Меџити ама на него не смееш да му писнеш
2. Град Скопје како единица на локална самоуправа е единствена општина што правела надзор врз УСЈЕ иако ИСТИТЕ НАДЛЕЖНОСТИ ГИ ИМАШ И ТИ (ама тебе или ти е страв, или имаш интерес, па глумиш ненадлежен)
3. Секој градоначалник вклучително и ти може да влезе во заеднички надзор по лично барање со Државниот инспекторат за животна средина во било кој индустриски објект, тоа како претседател на ЗЕЛС исто би требало да го знаеш
4. Јас поднесов кривична пријава за УСЈЕ за УТВРДЕНОТО ЗАГАДУВАЊЕ пред 2,5 години и трпам закани постојано, ама за тоа треба храброст, а не оправданија
На УСЈЕ иако им се измерени 300% ПМ10 честички над дозволеното, и ниво на азотни оксиди NOx 711,9 милиграми на м3 што е двојно повеќе од дозволеното, СЕУШТЕ НЕ ИМ Е ОДЗЕМЕНА ИНТЕГРИРАНАТА А ЕКОЛОШКА ЛИЦЕНЦА од Министерството за животна средина на Изет Меџити, ама пак има тој други посериозни проблеми не му е до животната средина“, пишува Арсовска.
Македонија
Уважена жалбата на Мојсоска за патните трошоци и кириите на пратениците

Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер ја уважи жалбата на пратеничката од Левица, Јована Мојсоска, со која таа реагираше дека Собранието континуирано одбива да ги обелодени патните трошоци и надоместоците за кирија на пратениците.
Од парламентарната партија Левица соопштија дека иако пратеничката во изминатите пет месеци поднесувала официјални пратенички барања до генералната секретарка на Собранието, Марина Димовска, одговор не бил доставен. Потоа, Мојсоска се обратила и како физичко лице со барање за пристап до јавни информации, но одговорот што го добила бил непотполен и паушален.
„Бујрумте скандинавци од власта, имате 15 дена да ги доставите трошоците на вашите галантни пратеници“, напиша Мојсоска на својот фејсбук профил.
Партијата извесно време алармира дека постои сомнеж дека дел од пратениците истовремено користеле и надоместоци за кирија и за патни трошоци.
Македонија
Бислимоски ќе побара цената на водата да ја одредува РКЕ место советите на општините за да се намали загубата, која сега изнесува 64 отсто

За да се намали загубата на водата за пиење, која на национално ниво во просек изнесува речиси 64 отсто, неопходно е Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) да ја определува конечната цена на водата. Ова е клучното барање на учесниците на меѓународната конференција „Иднината на комуналниот сектор“ во организација на Здружението на даватели на комуналните услуги – АДКОМ.
За тоа да се случи, неопходно е да се направат измени на сет закони за кои е потребен општествен и политички консензус, посочи Марко Бислимоски, претседател на РКЕ.
„Потребно е двотретинско мнозинство, со кое ќе се донесат измените на законите во оваа област и ќе се овозможи РКЕ, наместо советите на општините, да ја утврдува конечната цена на водата. Начинот на кој сега се определува цената не е во ред: долга е процедурата, поделена е во повеќе фази и не го дава посакуваниот резултат. Ние заедно со АДКОМ ќе поднесеме иницијатива до Собранието за да почне процедурата за промена на законската регулатива. Имаме методологии, кои се поттикнувачки, и веруваме дека ќе влијаеме на подобрување на економските перформанси на претпријатијата, оптимизирање на нивната работа и намалување на загубите на водни услуги “, рече претседателот на РКЕ, Бислимоски.
Неопходни се стабилни и самоодржливи јавни комунални претпријатија за да се направи промена на дотраената водоводна инфраструктура, што ќе влијае врз намалувањето на загубите.
„Ние немаме Б-опција да работиме без јавните комунални претпријатија. Мора да поставиме систем што ќе биде економски одржлив, а не да се одржува врз основа на донации. Да ги поттикнеме оптимално да работат, но и да се остави можност да направат профит, пари што ќе ги инвестираат во енергетска ефикасност и во нови капацитети за обновливи извори“, вели Бислимоски.